Достапни линкови

Тонат случаите на СЈО, некои со умисла, некои од неспособност


Сашо Мијалков во суд за Таргет - Тврдина
Сашо Мијалков во суд за Таргет - Тврдина

Мандатот на поротнички доведува во ризик 5 предмети на СЈО за враќање на постапката отпочеток. Судскиот совет е на потег да пресече дали случајот ТНТ набрзо ќе заврши со пресуда или судењето ќе се врати од почеток. Вината во одолговлекувањето на судските постапки треба да се бара во сите инволвирани во нив, вели поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски.

Одлуката дали предметот за уривањето на објектот Космос, познат како случај ТНТ, кој го водеше СЈО, ќе се врати отпочеток или ќе продолжи со завршни зборови и пресуда во следниот месец сега е во рацете на Судскиот совет. Ваквиот исход следува откако по низа одолговлекувања на рочишта во изминативе две години, истече мандатот на судијка поротничка поради наполнети 60 години, па следното рочиште е закажано на 17 јануари догодина. Судскиот совет за мандатот на поротничката ќе одлучува утре.

Во меѓувреме, Собранието во цајтнот ќе треба да ја разгледа иницијативата на судијата Владимир Туфегџиќ со која треба да се спречи ново одолговлекување на уште четири предмети на СЈО поради истек на мандат на судија поротник. Станува збор случаите „Талир“, „Тендери“, „Топлик“ и „Монструм“. Дополнително, последното решение на Апелација за Титаник 2 со кое се очекува да се вратат од почеток судските процеси за изборни измами во кои беа осудени поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи ја става ефикасноста на правосудниот систем повторно во фокусот на јавноста.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека секој предмет си има своја специфика и дека не може генерално да се извлече заклучок зошто високопрофилните предмети се заглавени во правните постапки како враќање отпочеток поради апелациска одлука или прекин на мандат на поротничка.

Но, тој објаснува дека судот сега е под пресија на јавноста за финиширање на судските постапки кои се во интерес на јавноста.

„Веројатно има оправдани и неоправдани причини за одолговлекување на процедурата, но постапката е строго формална и не може да се дозволи неисполнување на ниту еден услов за одбрана, а адвокатите односно бранителите честопати знаат тоа да го злоупотребат затоа што секогаш сметаат на протек на време и евентуално застарување на постапката. Вина не може да се бара само кај судот, мора кај сите странки, затоа што секој во одреден момент веројатно направил одреден пропуст свесно или несвесно и го доведува судот во ситуација да мора да причека за ново рочиште“, вели Трпеновски.

Од друга страна, пак, поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски оценува дека ситуацијава покажува оти спрегите на правосудниот систем со обвинетите за криминал не се надминати.

„Проблемот лежи во целата состојба, во сето она што значи наше бегање од правдата, односно консолидација на овие што треба да се борат за правна држава се консолидираат со криминалот и на некој начин потпаѓаат под тоа влијание и продолжува овој галиматијас на газење на достоинството на правдата од десетина, па и петнаесет години и тоа сега продолжува“, вели Ивановски.

Тој посочува дека ова го извлекува како заклучок од целата ситуација во која после долгогодишниот напор за правда и очекување на конечни резултати, се случува повторно отворање на постапки како што е примерот со Титаник 2.

„Напротив оваа игра продолжува, не би рекол дека е тоа неснаоѓање, туку би рекол дека е изигрување и наметнување на одбраната на овие лица. Како да има некоја спрега, не дај боже, и со другите субјекти кои досудуваат во другите повисоки судови и јас не можам да го прифатам сето ова да се бара влакно во јајцето - постапката, и да се каже една изјава само дека има битни повреди во постапката без при тоа да се објаснат кои се тие. Мене сето ова ми личи на црни петна за државата и во идниот период“, вели Ивановски.

Судијата Туфегџиќ со иницијативата за измени на законот за кривична постапка бара помош од Собранието за да се отстранат дел од пречките кои во изминативе месеци придонесуваат за одолговлекување на постапките.

Конкретно, неговиот предлог е инициран од случајот со кој се соочија пет актуелни предмети што ги покрена СЈО, поради промена во судечкиот совет – односно статусот на две судијки поротнички. Тој предлага измени со кои ќе се овозможи при промена на составот на судечкиот совет, започнатата кривична постапка непречено да продолжи со новите членови кои ќе се запознаат со деталите без постапката да почне отпочеток.

„Сметам дека со имплементација на вакви измени во Законот за кривичната постапка би се запазило начелото на економичност и ефикасност во судската постапка и воедно би се оневозможила злоупотреба која како крајна цел има одолговлекување на започнатите судски постапки, особено во сложени кривични предмети со голем број на материјални и вербални докази“, објаснува Туфегџиќ во иницијативата.

Судскиот совет на седницата закажана за утре ќе констатира прекин на мандатот на две судијки поротнички Лилјана Ивановска-Кочковска и Марика Кондовска. Одлуката следи откако до нив стаса барање од претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев во кое барал на двете судијки кои веќе имаат по 60 години да им се продолжи мандатот заради исклучителен јавен интерес и за обезбедување на владеење на правото. Но, Џолев исто така навел дека ако Судскиот совет не одлучи да продолжи мандатот, тогаш да започне постапка за престанок на функцијата на двете поротнички.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG