Достапни линкови

Долгите изборни кампањи ги заморуваат граѓаните


Граѓани на политички собир
Граѓани на политички собир

Иако има уште неколку месеци до изборите, политичките партии ги засилуваат своите изборни активности. Средбите со граѓаните наликуваат на кампања чии ефекти, според аналитичарите, ќе зависат од тоа што партијата ќе понуди и каков е нејзиниот минат труд во однос на ветувањата и реализацијата

Едните на трибина „На прав пат“, другите на разговори со граѓаните „За обнова на Македонија“. Нешто повеќе од пет месеци до избори, а впечатокот во јавноста е дека двете најголеми политички партии ја почнаа кампањата многу порано од законските рокови. Секојдневни ветувања за повисоки плати, за финансиска помош на компании, за нови работни места, стоп за иселувањето, ветувања за подобар економски живот… Граѓаните веќе се изнаслушаа сѐ и сешто, а до изборите се очекуваат уште многу пораки со слична или иста содржина. Но, дали и колку долготрајните кампањи на партиите можат да го постигнат посакуваниот ефект?

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања вели дека партиите се постојано во кампања, но дека периодов интензитетот на кампањите зема замав. Според него, нивното влијание врз гласачите ќе зависи од пристапот на партиите и тоа што ќе го понудат, но и од политичкиот кредибилитет на партијата.

„Доколку партиите ветуваат нешто што не го исполниле или даваат некои ветувања кои се поголеми од претходните коишто не ги исполниле, тогаш се разбира дека тоа може да има обратен ефект. За да гласа одреден граѓанин за некоја политичка опција, освен што е важно што таа нуди, важна е и колкава е довербата на граѓанинот дека тоа ќе биде исполнето. Ако таа политичка опција има добра програма и го исполнува тоа што го ветила, во тој случај тоа може да има позитивен ефект“, вели Божиновски.

Според професор Башким Селмани од Факултетот за општествени науки, долготрајните кампањи на партиите можат да создадат контра ефект и наместо да ги заинтересираат граѓаните, истите можат да предизвикаат презаситеност или тотална незаинтересираност кај гласачкото тело.

„Ваквото долго терање на изборни кампањи, има спротивен ефект, зошто нивен таргерт се партиското членство, а не на интересите на граѓаните. Граѓаните се иритирани од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, и од ДУИ и од албанските опозициски партии. Од сите. Ајде на избори, а што нудите? Ниту една политичка гарнитура никогаш не се извинила на граѓаните затоа што не ја реализирале предизборната програма, или затоа што реализирале 20 проценти од неа“, вели професор Селмани од Факултетот за општествени науки.

Селмани додава дека граѓаните сакаат резултати и конкретни мерки кои се економски оправдани, а не популистички најави и пропаганда.

Иако впечаток е дека средбите и трибините кои ги организираат политичките партии најмногу се посетени од нивните членови и симпатизери, а не толку од неопределените гласачи, Божиновски вели дека не мора секогаш да е така.

„Тоа прашање исто така зависи од пристапот на партиите, односно што им е поважно на партиите. Дали да ги мобилизираат своите членови да гласаат или да привлечат нови неопределени гласачи кои би биле привлечени од она што имаат политичките партии да го понудат. Предизборните митинзи на пример служат повеќе да се покаже колку партијата има поддршка од своето членство отколку што може да привлечат нови гласачи, реално. Кај неопределените најзначајно е што ќе понудиш и каков ти е кредибилитетот, односно дали може да го исполниш тоа што си го ветил“, дециден е Божиновски.

Покрај стандардните говори, гушкања и ракувања со поддржувачите, на трибините редовно се слушаат и меѓусебните партиски препукувања и напади кон главниот политички ривал. Како последица на високиот политички влог, аналитичарите очекуваат негативна кампања со повеќе критики и напади кон противникот наместо понуда. Во меѓувреме, освен активностите на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно не изостануваат и соопштенијата од нивните партии со слични фрази и препукувања. Инаку официјално изборната кампања започнува 20 дена пред денот на гласање.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG