Достапни линкови

Датум за избори нема, ама изборниот караван тргна


Лидерот на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Лидерот на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Предизборната сценографија е наместена, политичарите ги рецитираат своите изборни реплики, иако датумот за изборната премиера е неизвесен. Додека се чека исходот од европскиот самит, политичарите неформално ја почнаа трката во собирање и анимирање на гласачкото тело.

Избори во март или октомври 2020 година? Опозицијата бара порано без разлика на исходот од Европската унија, а власта не дава датум за избори, односно посочува дека избори најрано може да има во октомври, затоа што требало да се искористи позитивниот момент за економијата.

Дел од аналитичарите сметаат дека иако мириса на изборна кампања сепак редно е да се напушти политиката на често организирање на предвремени избори и да се остави власта да заокружи еден мандат со цел да се видат вистинските резултати од спроведеното.

Професор Никола Дујовски вели дека на само неколку дена од одлуката од Европскиот самит и на само неколку месеци пред полноправно членство во НАТО, нема ниту услови, ниту можност да се одржат изборите напролет.

„Сосема погрешна политика на власта е ако одлучи на предвремени избори да си ги одмери силите со опозицијата. Целта на опозицијата е секогаш да бараат предвремени избори, но целта на владата треба да биде да си ја заокружи политиката. Не сум загрижен какви ќе бидат резултатите од изборите, ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за СДСМ, едноставно во прашање е принципот Македонија да оди напред кон европските интеграции, никако сега да не оди кон избори без разлика кој ќе ги добие тие избори. А за опозицијата мислам дека најмудро би било да продолжи на средби со граѓаните и да ги убедува дека на првите наредни избори макар биле и предвремени дека е најдобрата опција“, вели Дујовски.


Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека ако добиеме датум за преговори со ЕУ ќе оди на меден месец наместо на избори.

Но, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ја фрли ракавицата и најави дека очекува поддршка од група пратеници за да обезбеди мнозинство од 61 пратеник за да поднесе иницијатива во Собранието за предвремени избори.

„Првиот момент кога ВМРО- ДПМНЕ ќе биде сигурен дека ќе има 61 глас, ќе поднесе таква иницијатива“, рече Мицкоски по средба со граѓаните во скопската општина Карпош.

Во меѓувреме, предизборниот караван тргна. Опозицијата тргна во „обнова“ на земјата и средби со граѓаните, а паралелно почна со негативната кампања на социјалните медиуми со видеа таргетирајќи ги локалните власти и неисполнетите ветувања. Мицкоски со навидум искрен пристап во говорот пред граѓаните.

„Ние политичарите сме симбол на лагата, измамата и лоповлукот. Ете таква е перцепцијата во нашата држава. Наместо ние политичарите да бидеме тие на кои што граѓаните ќе им ја дадат довербата за ние да направиме нешто за нив“, изјави Мицкоски.

Власта, пак, од друга страна, почна со редовни трибини и средби со граѓани во секој град каде понуди ред фалби за исполнетите ветувања и враќањето на парите кај граѓаните, па ред оцрнување на нивните политички противници.

„Лошите момчиња наеднаш станале добри момчиња. Истите тие што 11 години бесмилосно ја раскрчмуваат земјата божем решиле да ја обноват крчмата за да има пак нешто да крчмарат“, изјави Заев.

Владата ја одржа и првата владина седница во Битола каде на централната власт друштво и правеа и локалните власти од пелагонискиот регион. Прес службата најави дека и во наредниот период вакви седници ќе се одржуваат во различни региони од државата.

Заев демантира дека ова е дел од предизборната кампања што во основа би значело злоупотреба на службените ресурси за партиски цели. Тој појасни дека целта е да отворат дебата за успесите и недостатоците на власта.

„Озарени во периодот којшто доаѓа пред нас, сакаме да научиме нешто од граѓаните и да ги увидиме слабостите и предностите, задоволството и незадоволство и да можеме да разговараме и дефинитивно да потврдиме дека навистина тоа е вистинскиот пат по којшто треба да се движиме. Кампањата има временски лимит токму оваа есен и верувам дека ќе ја завршиме пред новогодишните празници“, изјави неодамна Заев.

Во меѓувреме, ДУИ без престан и натаму бара ветинг за сите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG