Достапни линкови

Медиумите за долгата собраниска ноќ


Македонски дневни весници

Неуспешната лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоскиза за новиот закон за Јавно обвинителство главна главна тема во печатените медиуми

„Безуспешни преговори меѓу власта и опозицијата, неизвесна судбината на СЈО“ – вака ја наслови разочарувачката вест Нова Македонија во чија информација се додава дека во 2 часот по полноќ новинарите го напуштиле Собранието и не го дочекале исходот од лидерската средба Заев – Мицкоски, револтирани зашто никој не давал информации како се одвиваат преговорите.

Вечер оди со наслов: „Долга ноќ во Собранието – преговорите како на почетокот, извори од преговарачките тимови брифираат дека остануваат клучните разлики околу статусот на СЈО и предметите што ги отвори ова Обвинителство“. Слободен печат излезе со наслов: „Полноќна мора за правдата – Лидерската средба без резултат“. Нова Македонија ја објавува изјавата на Мицкоски: „Планот на Заев беше да не се постигне договор“, а Независен од изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го вади следново: „Планот на Заев е да нема договор, оставаме простор да продолжат преговорите“. Електронското издание на Нова Македонија објавува: „Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев жали што не е постигнат договор за Законот за јавното обвинителство“.

Независен, од друга страна, објави наслов: „Случаите од ’бомбите‘ го надживеаја СЈО – предметите од ’бомбите‘ се селат во редовното Обвинителство, а обвинителите од тимот на Јанева се враќаат во обвинителствата во кои претходно работеле. На ваков начин ќе се реши статусот на досегашното СЈО по информациите дека единственото нешто околу што постигнале согласност лидерите на владејачката и на опозициската партија на маратонската средба во Собранието било дека „СЈО е мртво“. Независен објавува: „Албанската опозиција револтирана – не прифаќа договори за СЈО без нивно присуство на лидерските средби – Не гледам како ќе се постигне договор за законот за новото Јавно обвинителство, а на тој начин ефектот за ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ќе биде тоа што нивните функционери нема да одговараат“, го цитира порталот лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Реакцијата на Села ја објавуваат и Вечер и Слободен печат. Вечер во наслов додава, исто така од изјавата на Зијадин Села: „Во ’Рекет‘ има бомба за Бујар Османи“. Вечер го објавува демантот на државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески на објавите на професорот Гордан Калајџиев што ги објави Вечер, дека писмата на Јанева од затворот во Шутка биле пишувани на компјутер: „Писмата на Јанева се напишани на рака, изјави Јовески за емисијата 360 степени на ТВ Алсат М“. По прес-конференцијата на Христијан Мицкоски на која покажа и изјави дека поседува документи од истрагата за ’Рекет‘, Телма ТВ побарала објаснување од Обвинителството за организиран криминал и корупција, од каде добила одговор дека „многу е веројатно дека Мицкоски ќе биде повикан да објасни како ги добил тие документи“. За ова пишува и Вечер.

Слободен печат ја објавува изјавата на адвокатот Александар Тортевски дадена исто така за Телма: „Кривично дело е изнесувањето на документите од истрагата ’Рекет‘“. „Не помина предлогот на ВМРО-ДПМНЕ - Собранието одби да ја разреши Јанева“, објавува порталот на Слободен печат. Истата вест Вечер ја насловува: „Власта одби да гласа за разрешување на Јанева во Собранието“, а Независен со „потактичен“ наслов: „Тактизирање со Јанева: Нејзиното разрешување ставено на пауза“. Нова Македонија информира за разрешувањето на претседателот на Врховен, Јово Вангеловски и дека за в.д. претседател на Врховниот суд е избран Фаик Арслани. Независен оди со следниов наслов на првата страница: „По две години судски игри – Разрешен судијата што ја запре ’Империја‘“.

Независен информира дека в четврток и петок „За средниот век и за Гоце Делчев, овој пат во Софија, ќе се усогласуваат македонските и бугарските експерти“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG