Достапни линкови

Договор куќа гради - се извиниле и поблаги казни - ваши коментари


Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер на рочиште за случајот Титаник
Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер на рочиште за случајот Титаник

„Абе пуштете ги така без казна, ни условна, ништо, и дајте им отштета по 10.000 евра“, коментира наш читател по барањето на обвинителката Лиле Стефанова за поблаги казни за Мартин Протуѓер, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска кои ја признаа вината во случајот „Титаник“, инаку осомничени за злосторничко здружување за изборни злоупотреби.

Во неделата вечер половина главен град немаше струја околу час и половина поради пожарот кај трафостаницата во скопската населба Пинтија при што било исклучено напојувањето со електрична енергија за да можат пожарникарските екипи да го изгаснат огнот.

Но по соопштението на МЕПСО дека струјата во Скопје се вратила откако пожарот бил изгаснат, коментарот на Зоран Јаневски како да покажува дека граѓаните веќе не веруваат никому. „Лажат, овде сé уште нема струја од 17:20 часот“, напишал, ама не кажал во кој дел на Скопје живее.


По барањето на обвинителката Лиле Стефанова поблаги казни за Мартин Протуѓер, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска кои ја признаа вината во случајот „Титаник“, инаку осомничени за злосторничко здружување и цел куп тешки махинации и злоупотреби за време на избори, реакциите на ФБ страницата на нашево Радио се од револтирани пореволтирани. Туркан Шумм вели: „Епа тоа ти е, гледате, се извиниле и ќе добијат поблаги казни, извини и помини“. „Договор куќа гради, не излегла таа поговорка залудно“, коментира Зоки Бошков. За Вангел Апостолоски, обвинителката Стефанова е „брука“, а Сузана Ташева коментира: „Вагата на правдата... Ова да не е пазарџиска вага?“ Бобан Цветковски и Драган Лазаров развиле дебата. Цветковски со коментар: „Ги местеле изборите и противправно биле на власт. Излажале 2 милиона луѓе, максимални казни за на други да не им текне“, но Лазаров го прашува: „А кој ги намести последниве избори?“ Цветковски му одговара: „Не се наместени, народот проценил да си гласа за ВМРО. Да беа местени како на времето, ќе победеа кандидати на СДСМ“, па го потсетува на гласањето во Општина Центар „кога се влечеа гласачи од Пустец само за да победат за да може Грујо да гради на Водно“. Сабри Рамадани со потсетување: „Нели беа сечени, лепени, монтирани, како тоа сега да си признаваат вина?“ Блажо Хогар Страшниот иронизира: „Абе пуштете ги така без казна, ни условна, ништо, и дајте им отштета по 10.000 евра“.


По апелот од МНР македонските државјани во Украина да ја напуштат таа земја во најскоро време, а македонските државјани да не патуваат во Украина, коментарот на Фатмир Сефа како да има мајтапџиски призвук: „Ние во Скопје не можиме да патуваме па остана да ојме во Украина...“ Виктор Семениук, кој според профилот работи во украинската Википедија и студирал на Киевскиот национален економски факултет напишал коментар на многу добар македонски: „Тоа е информација за ʼсеверномакедонцитеʻ, а Украинците и Македонците се слободни луѓе“.

Многубројните коментари по информацијата за отворниот брифинг, всушност прес конференција со домашни новинари на шефот на дипломатијата Бујар Османи за македонско-бугарските разговори при што изјави дека за тоа треба повеќе мудрост отколку емоции - нема да ги цитираме. Има околу 30 ваши коментари, почитувани, но сите имаат етничка нишка со непримерен јазик.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG