Достапни линкови

Антикорупциска - Дадете и докази, а не само политички изјави за тендерите


Билјана Ивановска - претседател на Антикорупциската Комисија
Билјана Ивановска - претседател на Антикорупциската Комисија

Антикорупциската комисија ги повикува партиите освен за дневно политички препукувања, да ги достават кај нив сите евентуални докази или документи за корупција, откако изминативе денови опозициската ВМРО ДПМНЕ обвини за сомнителни тендери „тешки“ еден милион евра што ги спровело Министерството за внатрешни работи, додека пак МВР демантираше.

Наместо дневно политички препукувања од партиските говорници, секој кој што има докази и документи за корупција или злоупотреба на јавните набавки, треба да ги достави до сите надлежни институции, вклучително и до Комисијата за спречување на корупцијата, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска за РСЕ, по низата обвинувања од страна на опозициската ВМРО ДПМНЕ за сомнителни тендери „тешки“ еден милион евра, кои ги спровело Министерството за внатрешни работи.

„Ние секако постапуваме каде сметаме дека има основ или се што ќе допре до нас гледаме да го завршиме како предмет, но сакам да кажам дека таквите изјави повеќе водат кон дневно политички препукувања, а секој сериозен чинител во нашето општество што сака да даде придонес сметам дека е подобро сите доказни материјали и документи кои што ги има поврзано со случајот да ги достави до надлежните институции, вклучително и до нашата институција. Знаете дека ДКСК си постапува во рамките на своите надлежности, неселективно ги разгледува сите предмети, така што мислам дека треба да го бараме посоодветниот пат, отколку постојано само да се обвинуваме значи конкретно со документи, докази се доставуваат се прегледуваат и се преземаат понатаму чекори“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

ВМРО ДПМНЕ обвини - МВР демантира

Имено, во еден од последните случаи ВМРО ДПМНЕ ги повика јавните обвинители да го истражат тендерот на МВР тежок речиси половина милион евра за соларни панели за топла вода и инсталација на истите на полициските објекти, кој го добила фирмата Дон Холдинг од Скопје. Истата фирма добила тендер тежок 480 000 евра и за водоинсталатерски и канализациски работи во МВР. Според тврдењата на партијата, станува збор за мала фирма за товарен камионски транспорт, па оттука прашуваат како е можно МВР да даде тендер за соларни панели како и за водовод и канализација на како што велат фирма за товарен транспорт, фирма на едно лице и мала фирма според документите од Централниот регистар и од УЈП.

Од МВР пак, одговорија дека за тендерот за соларни системи биле поднесени две понуди, од кои по направената анализа била избрана понудата на фирмата Дон Холдинг, која била во рамките на проценетата вредност .

„И во двете спроведени постапки, критериумите беа исти односно се бараа минималните услови за докажување на способност од Законот за јавни набавки и не постоеше ниту еден дополнителен критериум. За двете спроведени постапки не е поставено ниту едно прашање пред јавното отворање, каде било кој заинтересиран економски оператор може да даде забелешки за техничката спецификација или да бара промена на истата, ниту пак е поднесена жалба за тендерската документација или жалба на одлуката за поништување на првата односно избор во втората постапка“, додаваат од МВР.

За тендерот за одржување на санитарна опрема, водоводна и канализациона мрежа, пак од МВР тврдат дека од достапните документи во тендерското досие, избраниот понудувач ги вршел и овие услуги.

На секој 4 ти тендер доставена една или ниту една понуда

Извештајот на Центарот за граѓански комуникации од мониторингот на јавните набавки за периодот од јануари до јуни 2021-ва година покажува и натаму низа слабости.

Од таму велат дека доставувањето понуди што се идентични со проценетата вредност, која не е јавно објавена, нескриено упатува на претходно договарање. Во нивниот мониторинг се забележани значителен број тендери во коишто проценетата вредност не била јавно објавена, односно не била наведена во огласот за јавната набавка, но понудувачите „идеално“ ја вклопиле својата понуда во неа. Истворемено, поништувањето на тендерите во првото полугодие од 2021 година останало исклучително високо и изнесува 26 %. Доминантен дел од тендерите се целосно поништени.

Мониторингот заклучува и дека конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2021 година упатува на благо подобрување во однос на истиот период 2020 година. Сепак, на секој четврти тендер е доставена една или ниту една понуда, а низ мониторингот се забележани случаи на ограничување на конкуренцијата.

Корупцијата при јавните набавки ја чини државата и до 10 насто од буџетот

Законот за јавните набавки низ годините повеќе пати се менуваше, со цел да се зголеми транспарентноста, но интересите се како шило што бодат секаде и наоѓаат начин за поврзување на економските оператори со оние што се објавувачи на тендерот, вели претседателката на ДКСК Билјана Ивановска и порачува дека колку и да се сака со закон да се уреди сѐ, сепак најважна е свеста кај сите чинители за да се сузбие корупцијата, бидејќи законските решенија не можат да ги предвидат сите можни ситуаци.

„Еве ќе дадам пример. Постоеше голема поврзаност меѓу донаторите кои што ги финансираа партиите и оние кои што ги добиваа тендерите. Во последните три години ДКСК ги следи донаторите вклучувајќи го и начинот на следење на нивните трансакциски сметки на дневна основа и можам да кажам за последниве избори, средствата од донатори се многу помали во однос на другите средства што ги добиле партиите“

Ивановска укажува дека коруптивниот начин на однесување особоено во процесот на јавни набавки доведува и до 10% загуби од буџетот на државата.

Подготви Ивана Стојкова

XS
SM
MD
LG