Достапни линкови

Дневен печат – Тамара ја утна химната, Латас невин за „Тревник“


Драган Павловиќ Латас и Тамара Тодевска

Речиси сите медиуми пишуваат дека Тамара Тодевска ги изостави Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански при изведувањето на химната на прославата на 4 Јули во Американската амбасада. Таа рече дека згрешила и се извини. Судот пресуди дека Латас е невин во случајот Тревник на СЈО.

Низ електронските изданија на печатените медиуми шаренило од информации за случувања во земјава, во политиката и за оние обоени со политика.

Порталот на Слободен печат излезе со следниот наслов: „Заев му врати на Макрон: Европа нема иднина без проширување“. Премиерот е убеден дека во октомври ќе добиеме датум за почеток на преговори и дека новото раководство на ЕУ е составено од докажани пријатели на нашава земја.

Нова Македонија и Слободен печат информираат дека во полскиот град Познањ во следниве два дена ќе се одржи самитот за Западен Балкан на кој, на заедничка прес-конференција на премиерот Зоран Заев со полскиот колега, Матеуш Моравјецки, германската канцеларка Ангела Меркел и со бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе биде објавено дека Македонија и Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес за проширување во наредните 12 месеци. Ова е прв пат земја кандидат за членство во ЕУ да копретседава со Берлинскиот процес и да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западниот Балкан.

Електронските изданија на печатените медиуми објавуваат дека следната недела, според најавите на премиерот Заев, ќе продолжи смената на функционерите од вториот и третиот ешалон, односно ќе бидат сменети 20 до 25-мина директори.

Изјавата на генералниот секретар на Владата, Рашковски на прес-конференцијата во врска со објавениот тајно снимен разговор за договарање тендер со италијанска фирма за набавка на радарски систем за Македонска навигација, дека ќе „тужи партии, новинари и портали“ за ширење лажни вести ја објавува Нова Македонија. Медиумите ги објавија и реакциите на двете новинарски здруженија, ЗНМ и МАН, како и реакцијата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги дека „Заканите со тужби за новинари се директен притисок врз нивната работа“.

Бура се крена на социјалните мрежи и во другите медиуми по веста од прославата на 4 јули во американската амбасада. Слободен печат со следниов наслов: „Намерно или случајно Тамара ја пееше химната во Амбасадата на САД и ги изостави Делчев, Груев, Гули и Сандански“. „Организацијата Обединета македонска дијаспора повикува на извинување од Амбасадата на САД поради грешната македонска химна“ – објави Вечер, а Слободен печат го објавува соопштението од Владата во кое се информира дека добила известување од американската амбасада и од пејачката Тамара Тодевска дека станувало збор за ненамерна грешка. Порталот на истиот весник го објавува и извинувањето од Тамара на нејзиниот ФБ профил дека била „понесена од емоции и еуфорија и дека ненамерно изоставила дел од химната. Се извинувам до небо“ – напишала Тамара.

Независен на насловната, со фотографија на Рашковски, прави „компилација“ од извинувањето на пејачката и од информациите што ги објави ТВ Телма за застареноста на радарската опрема на скопскиот и охридскиот аеродром: „Се извини до небо, а небото со радар од ’88-та“.

Вечер во 5-6 наслови објавува делови од интервјуто на Христијан Мицкоски за ТВ Алфа. Еден наслов гласи: „Имаме докази за криминалите на власта и ќе ги објавиме“. Слободен печат исто така објавува делови од ова интервју.

Сите портали на печатените медиуми ја објавија денешната најнова вест: „Латас и браќата невини за случајот ’Тревник‘ – одлучи Кривичниот суд“. Овој случај го покрена СЈО со обвинение дека тројцата браќа Павловиќ бесправно изградиле 3 викенд куќи во Зелениково без претходно добиена дозвола за градба, но тоа не било кривично дело.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG