Достапни линкови

Заев – Рашковски не е боксерска вреќа, има право да се брани


Архивска фотографија: Генералниот секретар на Влада, Драги Рашковски и премиерот Зоран Заев

Кога прифаќаме да вршиме одредени функции и да му служиме на народот, тоа не значи дека секој може да биде и боксерска вреќа и кога тоа го заслужува и кога не, рече премиерот Зоран Заев за однесувањето на генералниот секретар на владата Драги Рашковски на вчерашната прес-конференција.

Премиерот Зоран Заев не видел ароганција во вчерашната прес-конференција на генералниот секретар на владата Драги Рашковски и не планира да го разреши. Рашковски не е „боксерска вреќа“ и има право да си ги брани честа и достоинството, па и на суд, за обвинувањата за наводно местење тендер за набавка на радарски систем за М-НАВ, рече Заев. Тој, сепак, посочи дека владата нема да тужи никого, туку Рашковски лично најавил дека ќе тужи новинари за да си го заштити угледот.

„Прво, се работи за лична чест и достоинство. Ние сме транспарентна влада и го сакаме критичкиот осврт на медиумите, но не може некого да правите салата кога сакате и како сакате, како физичко лице. Владата нема да поднесе тужби, наша работа не е да се тужиме со новинарите и со медиумите, но секој е индивидуа и како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството. Само така ќе бидеме нормална земја. Кога прифаќаме да вршиме одредени функции, да му служиме на народот и слично, тоа не значи дека секој може да биде и боксерска вреќа и кога тоа го заслужува и кога не“, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на контролниот центар за патарини и патишта кај наплатниот пунт Петровец.

Заев рече дека владата го овластила Рашковски да ја забрза работата со набавката на радарскиот систем, и нема никакво местење на тендер, затоа што тендерот е завршен уште во времето на минатата влада во 2016 година, но опремата сè уште не е набавена. Не се работи за никакви провизии, но ќе има истраги и кривични постапки со кои сè ќе се утврди, рече Заев.

Да се провери дали навредите за Италијанците и Ромите се монтирани

Порталот Експрес минатата недела објави аудио снимка од разговор меѓу државни функционери, меѓу кои Рашковски, која наводно докажува местење на тендер за набавка на радарски систем финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На снимката се слуша како Рашковски во разговорот употребува навредливи зборови за Италијанците, чија фирма Леонардо го добила тендерот, но користи и навредливи термини за Ромите. Заев рече дека Рашковски вчера до небо се извинил, а и тој ќе испрати писмо со извинување до Италија, но оти треба да се провери тие зборови да не се монтирани.

„Денеска веќе мојот советник за надворешна политика Дане Талески се виде со амбасадорот Карло Ромео. Ќе испратам и лично писмо со извинување, зашто дефинитивно кога слушате некого како зборува, а е висок претставник на владата, болно е чувството. Тоа е наша земја пријател, поддржувач на Република Северна Македонија од нејзината независност, Италија и италијанскиот народ се докажани пријатели. Исто така, ромската заедница е нешто на што посветуваме најголемо внимание и јас секако ја користам приликата за извинување и од името на владата, но на крајот дали тоа било монтирано со употребата на зборовите или не, ќе го каже истрагата“, рече Заев.

Генералниот секретар на владата Драги Рашковски претходно ги убедуваше новинарите дека опозицијата и медиумите кои ја објавија снимката за местење на тендер шират лажни вести. Тој најави тужби за клевета против новинари и политичари и арбитражни постапки против одредени интернет портали. Тој рече дека не направил никакви злоупотреби во постапката. Рашковски потврди дека гласот на аудио снимката која беше објавена како бомба е негов и додаде дека е несериозно да се објават само 15-тина минути од разговорот којшто траел околу еден час. Затоа најави тужба против Климент Чепуњовски, разрешен директор на техника во М-НАВ, поради неовластено тонско снимање, а за навреда и клевета најави тужби против новинари. На неговото однесување на прес-конференцијата реагираше и ЗНМ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG