Достапни линкови

За Пендаровски мапата на Каракачанов е кршење на Договорот за добрососедство, а за Заев предизборен фолклор


Бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов во почетокот на кампањата за парламентарните избори во Бугарија, 06.03.2021
Бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов во почетокот на кампањата за парламентарните избори во Бугарија, 06.03.2021

Отворено кршење на Договорот за добрососедство е споделувањето на мапа со санстефанска Бугарија од страна на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, велат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров оценија дека се работи за предизборен фолклор.

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров сметаат дека споделувањето на мапа на санстефанска Бугарија од бугарскиот вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов во која спаѓа и денешната територија на Македонија е предизборен фолколор за парламентарните избори кај источниот сосед кои треба да се одржат на четврти април.

„Принципиелно и со најумерени зборови, сепак ќе кажам дека за тие што вистина сакаме пријателство и добрососедство, важно е да сме внимателни и во тоа што го зборуваме и во тоа што го објавуваме на социјалните мрежи и посебно треба да избегнуваме објави и зборови кои што наликуваат на територијални претензии, се против Договорот за пријателство, нашето сојузништво, бидејќи Северна Македонија и Бугарија се земји сојузнички во НАТО алијансата“, рече вицепремиерот за евроинтеграции Димитров.

Како што е подготвен да шутира Никола и јас сум, веројатно кога ти местат пенал, но мора да внимаваме дека натрпеварот трае и треба да трае, одговори премиерот Зоран Заев на прес конференцијата во Владата.

„Ова го кажувам од аспект што Договорот за пријателство со Бугарија покажува дека државите меѓу себе немаат територијални претензии, а притоа ќе кажам и јас дека немам намера да влегувам во предизборен фолклор на соседна земја или која било друга пријателска земја“, рече Заев.

Пендаровски- отворено кршење на Договорот за добрососедство

Постапки кои се во спротивност на основните принципи и вредности на НАТО Алијансата во која и двете држави се рамноправни членки- ова е дел од реакцијата од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски откако бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов на својот официјален Фејсбук профил, денот на жената 8 март го честиташе со мапа на санстефанска Бугарија, во која влегува и територијата на денешна Македонија.

„Претседателот Пендаровски, во однос на ваквите изјави кои доаѓаат од Софија секогаш укажувал дека претставуваат отворено кршење на Договорот за добрососедство и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи“, наведуваат од Кабинетот на претседателот за Радио Слободна Европа.

Конкретно мапата на санстефанска Бугарија која ја сподели Каракачанов ја опфаќа целата територија на Македонија, дел од северна Грција, југоисточна Србија и дел од Албанија. На својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук тој на споделената карта на која го има логото на неговата партија ВМРО БНД пишува- "традиција, семејство, вредности, Бугарија над се“.

Осмомартовската честитка на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов за 8-ми Март, објавена на Фејсбук
Осмомартовската честитка на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов за 8-ми Март, објавена на Фејсбук

Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија потпишан од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во 2017 година, во членот 11 став 3 се наведува „двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.“

Радио Слободна Европа испрати прашање до македонското Министерство за надворешни работи дали ќе реагираат на споделувањето на мапата на санстефанска Бугарија од бугарскиот министер Каракачанов, но до објавувањето на текстот не стигна одговор.

Претензии и кон други балкански земји

Инаку, на потпишувањето на Договорот за добрососедство на први август 2017 година во Скопје беше и Каракачанов и тогаш како министер за одбрана и виепремиер за општествен ред и сигурност, позиции кои ги доби во владата на премиерот Бојко Борисов истата година во мај и се уште ги извршува.

Инаку, денот кога е потпишан Санстефанскиот мировен договор, трети март 1878 година, во Бугарија е национален празник. Тој договор бил потпишан помеѓу Османлиската и Руската империја и со него било предвидено да се формира нова држава Бугарија во чиј состав влегувале територии од неколку балкански земји, меѓу кои, и целата територија на Македонија. Од 1991 година источниот сосед го одбележува трети март како Ден на ослободувањето на Бугарија од Османлиското царство.

Професорот на Институтот за историја на Филозофскиот факултет Никола Минов вели дека прославувањето на трети март како национален празник не толку проблематично од бугарски аспект затоа што, како што вели, тој ден се смета за почеток на создавање на бугарската држава. Точно е дека дека тогаш добиле автономија која подоцна е потврдена, додава професорот. Меѓутоа, и за него, споделувањето на мапа на санстефанска Бугарија значи прекршување на Договорот за добрососедство во контекст на територијални претензии сега.

„Всушност со ова не се аспирира само кон Македонија туку очигледно и кон територии на другите балкански држави, така што треба да се запрашаат и нашите соседи што сака да каже со сето ова Красимир Каракачанов “, вели Минов.

Партијата на Каракачанов ВМРО-БНД редовно низ разни форми, се спротиставува и на Нејскиот мировен договор. Со маршови, собири, говори во парламентот ВМРО-БНД протестира против како што го нарекуваат Нејскиот диктат. На 30 ноември лани челниците на партијата во Софија организираа настан на која држеа транспаретни на кои пишуваше „Мизија, Тракија, Македонија“.

Партијата, дел од актуелната влада во Софија, со ова всушност протестира против Нејски мировен договор потпишан на 27 ноември 1919 година во Неј на Сена меѓу земјите победнички во Првата светска војна и Бугарија како претставник на поразените.

Минов вели дека ова е слично како во Германија да се протестира против Версајскиот мировен договор кој беше потпишан меѓу Германија и Антантана и со кој формално заврши Првата светска војна.

„Ако се случат протести во Германија против Версајскиот мировен договор е сосема исто како протести во Бугарија против Нејскиот мировен договор. Тој договор во Бугарија се смета за втора национална катастрофа“, вели Минов.

Инаку Нејскиот мировен договор стапил во сила на 9 септември 1920 година. Поконкретно, во однос на териториите, со тој договор Бугарија ги отстапува Струмица во Македонија, Димитровград и Босилеград во Србија, Тракија во Грција.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG