Достапни линкови

Содржината на акцискиот план со Бугарија засега непозната


Софија- средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, 09.10.2020
Софија- средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, 09.10.2020

По неколку месеци разговори на нивоа на Министерства за надворешни работи и по неколку разменети акциски планови меѓу Македонија и Бугарија, тој документ е готов и наскоро треба да се потпише. Но, не се знае што се е содржано во него.

Изјавите на двајца македонски политичари дадени за македонско-бугарскиот акциски план упатуваат на тоа дека тој ќе биде само технички. Премиерот Зоран Заев, кој најави дека планот е во завршна фаза планот го нарече секторски, дефиниран врз македонските и бугарските идеи кои се добри и за македонскиот и за бугарскиот народ, а дека посебна е работата на Заедничката мешовита историско образовна комисија.

Ден подоцна министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека поради чувството дека во првата фаза дијалогот меѓу Софија и Скопје бил многу емоционален сметале дека треба да го сменат пристапот во однос на дијалогот и да продолжат со темите за кои имаат разбирање да се се намалат емоциите.

„Сметаме дека секторската соработка не може да биде жртва на одредени разлики кои што постојат меѓу нашите две држави, а од друга страна, преставуваат најдобар начин како да се врати довербата, да се стекне доверба, сметавме дека треба да продолжиме со акциски план кој што ќе стави фокус на секторската соработка меѓу министерствата која што ќе го подобри животот на граѓаните и дека тој пристап е соодветен и согласно Договорот за пријателство од 2017 година“, рече Османи.

Кои се разликите меѓу двете држави?

Шефот на дипломатијата неколкупати ги спомена „разликите меѓу двете држави“ наспроти акцискиот план кој како што рече е секторски. Софија и Скопје досега главните разлики ги имаа за прашањата кои македонската страна ги смета за идентитетски, а бугарската пак, тврди дека не го оспоруваат македонскиот идентитет. Едното е прашањето за македонскиот јазик, кој официјална Софија и официјално го спореше во институциите на Европската унија, барајќи тој да биде одбележан со фуснота, како македонски јазик според Уставот на Република Северна Македонија.

Позицијата на источниот сосед е дека македонскиот јазик не постои, туку дека е јазична норма на бугарскиот. Понатаму, проблем и забелешки имаше и за работата на Заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања. За Бугарија, членовите на македонскиот тим одолговлекуваат и комисијата работи бавно, за македонската влада, таа работи со добра динамика, а историските теми треба да се остават да ги решаваат експертите во комисијата.

Во почетокот на месецов, дипломатски извор вклучен во разговорите со Бугарија за Радио Слободна Европа брифираше дека всушност се подготвува акциски план за техничките прашања, а оние кои се сметаат за суштински, како јазикот и работата на комисијата, ќе се оставеле да се договараат по изборите во Бугарија кои треба да се одржат во април.

Истиот извор ги спомена краткото и долгото име на државата, македонското малцинство во Бугарија, работата на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања и гаранциите за спроведувањето на договореното, односно конкретно инсистирањето на официјална Софија тие да бидат дел од преговарачката рамка на земјава со ЕУ, како четири теми кои ќе се разговара по бугарските избори.

И бугарскиот интернет медиум Медиапул по објавата дека акцискиот план е речиси готов, повикувајќи се на извори од бугарското министерство за надворешни работи наведува дека тие прашањата како историјата, формулацијата за јазикот, малцинствата и тоа дали името "Северна Македонија" имплицира територијални претензи, не се во центарот на дебатата сега.

Кои се техничките прашања?

Истиот портал повикувајќи се на извори од бугарското МНР прецизира дека во акцискиот план се предвидуваат заеднички обврски за изградба на коридорот 8 и засилена соработка во образованието, енергетиката, културата, економијата, медиумите и информатичкото општество.

За некои од овие теми, пак, веќе и официјално беше соопштено дека има напредок или пак се брифираше дека следи. Во областа медиуми договорено е од први март да полне со емитување бугарската национална телевизија БНР на платформата на македонски Телеком, а во Бугарија да се емитува македонскиот национален сервис МРТ. Во фаза на разговори е, како што брифираат истите дипломатски извори, влегувањето на три бугарски универзитети во Македонија.

Тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, пак, проект ветуван од независноста на Македонија, веќе е завршен, а како што информираше Хари Локвенец, директор на Македонски железници инфраструктура се пријавиле 20 странски конзорциуми.

Министерот Османи кој спомена дека 99 отсто од акцискиот план е договорен, на новинарско прашање што е недоговорено, рече дека тоа се технички детали.

„Ќе ви кажам еден пример, има предлог од едната страна за нов договор за соработка во културата, па мислењето на едната страна е дека има веќе постоечки договор, па дали треба да биде двогодишен или трогодишен...од тој тип технички детали се разговараат“, рече Османи.

Од кога ќе бидат завршени сите технички работи Османи ќе се сретне со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, а двајцата треба да ја договорат и втората меѓувладина конференција која треба да се одржи во Скопје и на неа да биде усвоен акцискиот план. Првата меѓувладина конференција беше во Софија и се одржа во 2019 година, а минатата година до неа не дојде поради пандемијата со коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG