Достапни линкови

Димитров: Турција вети помош, чекаме помош и од Холандија, Шведска, Кина...


Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров

Северна Македонија побарала помош и поддршка за справувањето со ширењето на коронавирусот од повеќе земји, информираше денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, и како што рече, на некои од барањата веќе е позитивно одговорено, а на некои се чека одговор.

„Беше најавена пратка преку една агенција на ОН со норвешка помош. ЕУ како што знаете ќе помогне со 4 милиони евра пред се во однос на медицинските потреби на здравствениот систем, но и со повеќе од 60 милиони евра за соочување со финансиските консеквенци од кризата. Побаравме и добивме позитивен одговор и од Кина, но, уште нема што конкретно да кажам во однос на бројките и составот на таа помош“, рече Димитров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.

Димитров посочи дека Холандија донела одлука да ни помогне со тестови развиени од Меѓународната агенција за атомска енергија кои го откриваат нуклеарниот отисок на вирусот. Од Словенија, рече Димитров, стигна пратка со воен авион на словенечката војска, а денеска со министерот Сијарто, исто така, помошта од Унгарија.

„Доцна синоќа добивме информација од кабинетот на турскиот претседател Ердоган и денеска тоа ќе се најави, една помош во маски, заштитни одела и тестови. Јас овие денови разговарав со многу од моите колеги, со амбасадорите тука. Разговарав со Шведска за реалокација на развојната соработка со Шведска во однос на поддршка за малите и средни компании. Разговарав и со Берлин со колегата Рот и испратив една консолидирана листа на потреби. Очекувам поддршка од сите наши пријатели. Но, мислам дека ќе биде многу важно да ги развиеме и нашите производствени капацитети“, рече шефот на дипломатијата.

Тој посочи дека помош и поддршка е побарана и преку механизмите на НАТО, а за респираторите од Кина рече дека од Пекинг е добиен политички позитивен одговор, но се уште нема конкретна информација кога би можеле да бидат испорачани.

XS
SM
MD
LG