Достапни линкови

ДИК уверува дека проблемите со гласањето се надминати


Локални избори, октомври 2021

По проблемите што се создадоа во првиот круг од локалните избори со апаратите за читање отпeчатоци од прст, од ДИК уверуваат дека на гласањето в недела сè ќе биде побрзо. Од Комисијата велат и дека резултатите од 44 општини, во кои ќе се гласа, ќе се знаат побрзо.

В недела на вториот круг од локалните избори ќе има помалку проблеми со апаратите за читање отисоци уверува претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски. Во првиот круг на повеќе избирачки места се создадоа долги редици гласачи и чекања во услови на ковид пандемија поради тоа што апаратите не ги препознаваа податоците. Избирачките одбори по неколкупати се обидуваа да успеат во процедурата која првпат се применуваше на македонски избори со што се зголеми времето на чекање пред да се дојде до гласачката кутија.

Даштевски сега вели дека во овие две недели многу направиле за да не дојде до такви проблеми. Во секое училиште во кое ќе се гласа ќе има еден човек од техничка поддршка за да им помага на избирачките одбори, оти како што вели претседателот на ДИК, 90 отсто од проблемите биле поради тоа што членовите не знаеле како да управуваат.

Даштевски:направивме многу за да нема проблеми со читањето на отпечатоците
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:45 0:00
Директен линк

„Во однос на постапката, прецизиравме и пративме соопштение до Општинските изборни комисии , а тие до избирачките одбори, а и на обуките се зборува дека по два пати ќе се зема отпечаток од едниот и од другиот прст, потоа ќе се употребува скенерот за личната карта и на крај матичниот број, па ако не го најде и матичниот ќе може да стави отпечаток од прст во изводот“, вели Даштевски.

Тој смета дека вака прецизираната процедура, нема да го одолговлечи, туку спротивно ќе го скрати процесот оти вели дека во првиот круг тој бил одолговлекуван поради тоа што членовите на одборите не знаеле па губеле и по десетина минути. Инаку на 17 октомври беше продолжено времето на гласање по 19 часот поради редиците што е создадоа.

Првично тогаш од ДИК посочија дека бил поради тоа што дел од примероците од отпечатоци од прсти што ги добиле од Министерството за внатрешни работи не биле целосно читливи. Од МВР пак тврдеа дека примероците ги исполнувале минималните стандарди. И во прелиминарниот извештај објавен ден по гласањето мисијата на ОБСЕ/ОДИХР оцени дека немаше пилот-проект за фингерпринт-апаратите и претходно не беше спроведено сеопфатно тестирање или проценка на квалитетот на апаратите за отпечаток од прст.

Подоцна проблеми се јавија и при објавувањето на избројаните гласови во некои избирачки места. Така на пример, неколку дена доцнеа резултатите од три избирачки места во општина Центар. Даштевски уверува дека сториле се и ваквите проблеми да се надминат.

„Сега на претседателите на општинските изборни комисии им е даден пин код. Во избирачката комисија има и лице од статистика кое го има пин кодот и како ќе доаѓаат записниците тоа лице ќе ги внесува податоците еден по еден за да биде тоа потранспаретно. Директно од општинската изборна комисија ќе се внесува во Државната изборна комисија“, вели Даштевски.

В недела ќе се гласа во вкупно 44 општини. Во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се повтори гласањето, бидејќи не е исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. Државната изборна комисија најави дека во рок од 15 дена ќе ја извести Владата, за таа потоа да го извести Собранието, кое треба да распише нови избори за овие две општини. На локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021, градоначалници беа избрани во вкупно 34 општини.



  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG