Достапни линкови

Десетина баратели досега одбиени за НАТО сертификат


Знамињата на Северна Македонија и на НАТО пред зградата на македонската влада

Кој се не добил сертификат НАТО сертификат е актуелна тема деновиве поради тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека двајца министри- Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ не добиле. И за двајцата се негираа дека се одбиени, но според последните официјални информации десетина лица досега биле одбиени од алијансата.

Според големината на државата меѓу 500 и 600 македонски државјани треба да добијат сертификат за безбедност од НАТО, а постапката на барање на сертификати е почната за околу 300, објаснува за Радио Слободна Европа Стојан Славески, директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Преку оваа институција всушност одат сите барања за безбедносен сертификат од НАТО, а Славески вели дека 200 од 300 за кои поднеле добиле безбедносни сертификати за работа на класифицирани информации на НАТО. Десетина пак, не ја поминале безбедносната проверка, додава тој.

Радио интервју со Стојан Славески:

Славески- околу 200 луѓе досега добија НАТО сертификат
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:08 0:00
Директен линк

„Тие се одбиени поради постоење одредени безбедносни пречки. За ниту едно од овие десетина лица кои ги спомнав не е потребно да се води некаква кривична постапка или постапка за одавање на класифицирани информации. Тие лица се одбиени поради одредени работи кои се случиле, на пример лицата поминале некој дел од животот во некоја земја која не е пријателска на НАТО или нивното опкружување е од таква природа да претставува одреден ризик или пречка“, вели Славески.

ВМРО-ДПМНЕ деновиве обвини дека двајца министри, првиот човек на МВР Оливер Спасовски и на правда Бојан Маричиќ не добиле сертификат за НАТО. Пратеникот од таа партија Бране Петрушевски тврди дека „носителите во власта се носители на корупциски и криминални афери“. Спасовски негираше, рече дека тој има безбедносен сертрификат од највисоко ниво на доверливост во државата и дека во тек е постапката на добивањето на НАТО – безбедносниот сертификат.

„Сум го имал и претходно, не гледам причина дека таа постапка нема да заврши успешно и сега и очекувам дека многу скоро ќе го добијам и НАТО-безбедносниот сертификат„ рече Спасовски.

Од владата, пак, соопштија дека министерот за правда Бојан Маричиќ воопшто и немал потреба од таков сертификат.

Инаку Славески објаснува дека процедурата за добивање на сертификати трае околу половина година, па откако ќе се пратат апликациите македонските служби заедно со тие на НАТО ги прават проверките по што доаѓаат до заеднички предлог кој го доставуваат до дирекцијата со која тој раководи, па потоа тие ги издаваат безбедносните сертификати.

„Најголем дел од структурите кои треба да добијат сертификати се од Министерството за одбрана, односно Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи, односно оние лица кои учествуваат во нашата делегација во НАТО, односно работат на прашањата поврзани со НАТО. Исто така тука влегуваат и безбедносните и разузнавачките структури “, вели Славески.

Претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање пред Собранието процесот на добивање акредитации од НАТО го нарече „ прв ветинг на највисоките политички, безбедносни, одбранбени и разузнавачки ешалони на власта".

"Тоа е многу комплексен и ригорозен процес кој е во тек и кој во случаите на претходните приеми на држави во НАТО, во просек, дистанцирал од доверливите информации од 10 до 15% од високите воени, полициски и политички лица“, рече Пендаровски.

Државава стана членка на НАТО на 27 март 2020 година. Од тогаш и почна акредитацијата за безбедносните сертификати за алијансата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG