Достапни линкови

Двојазичноста и Договорот од Преспа


Протести пред Парламентот на Грција, додека во него се дискутира за Договорот од Преспа.
Протести пред Парламентот на Грција, додека во него се дискутира за Договорот од Преспа.

Дискусите за Законот за јазиците и очекувањата од Грција за ратификација на Договорот од Преспа се топ теми во медиумите.

Сите портали на печатените медиуми ја објавија информацијата дека Владата го испратила Законот за јазиците до Венецијанска комисија која треба да го разгледа и да упати евентуални правни забелешки. Печатените медиуми потсетуваат и дека се појавило мало недоразбирање меѓу коалиционите партнери кога вицепремиерот Бујар Османи на координативниот состанок за спроведување на Законот повикал само функционери од ДУИ и експерти Албанци.

Вечер пренесе делови од интервјуто на премиерот Зоран Заев за Телевизијата Алсат-М:

„Мојот пријател Османи заборави дека албанскиот јазик е втор, а македонскиот прв официјален јазик во Македонија и единствен официјален за меѓународна употреба“. Вечер пренесува и дека Заев изјавил оти „некои политичари сакаат да се китат со туѓи перја. Законот не е на ДУИ, овој закон е и на СДСМ, на Зоран Заев, на Беса, на сите што сме внатре, турска пензионерска партија... Сите го поддржавме, сите го гласавме и мора да биде во духот на Едно општество за сите. Не ми требаат мене национализми од ниедна страна“ – ги цитира Вечер зборовите на премиерот од интервјуто за Алсат-М ТВ.

„Владата на испит по двојазичност пред Венецијанската комисија“ – објави Нова Македонија со коментар дека „се чини оти Законот се испраќа само за задоволување на формата за исполнето ветување, откако Законот на некој начин е веќе свршен чин зашто е објавен во Службен весник, но без потпис од претседателот Иванов“.

Вечер го објави постот на професорката Татјана Каракамишева, по изјавата на Османи дека Законот нема комплетно да биде испратен до Комисијата додека во него членува Каракамишева, при што професорката тврди дека „Комисијата испратила писмо до кабинетите на Заев и Османи дека не е дозволен притисок врз национален претставник на телото“.

Слободен печат на насловната објави: „Во грчкиот Парламент жестока дебата за Договорот од Преспа, гласањето ноќеска – Преспанскиот маратон влезе во фотофиниш“. Независен информира дека околу Парламентот имало силно полициско обезбедување за да се спречи демонстрантите, кои и изминатите денови имаа жестоки судири со полицијата, да влезат во зградата. Нова Македонија го објави твитот на лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис дека „Премиерот Ципрас ќе одговара и пред народот и пред историјата за Договорот од Преспа со кој се прекршени националните линии на земјата“. Сите електронски изданија на печатените медиуми објавија дел од дискусијата на пратеникот од опозициската Независни Грци, Танасис Папахристопулос: „И да не постоеше ПЈРМ, ќе требаше да ја измислиме. Се смеат во Европа... Дали ПЈРМ е закана за Грција? Земја која речиси нема војска и има 7 отсто од грчкиот БДП... Таа има само добро да ѝ понуди на земјата. А оваа Влада која ја отфрли можноста за неактивност, има храброст“, рекол Папахристопулос пред пратениците во грчкиот Парламент. „Околу 250 грчки интелектуалци потпишаа иницијатива за поддршка на Договорот“ – наслови Нова Македонија. „Живееме во време кога во Европа се случува подем на екстремната десница и национализмот, а Договорот од Преспа е една од малкуте светли точки во овој период во Европа, и затоа го поддржуваме без разлика на нашите политички гледишта“, напишале во Иницијативата за поддршка грчките интелектуалци.

На Акропол - НЕ за договорот од Преспа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:01 0:00

Слободен печат ја пренесува информацијата на РСЕ дека „МПЦ е под истрага на УЈП – Документите покажуваат дека МПЦ е богата институција со имот од кој може да остварува приходи, но во изминатава декада Црквата ѝ прикажала на државата само една сметка“.

Слободен печат и Независен ја пренесуваат оценката на Еуростат: „Македонија и Србија со најголем раст на туристички ноќевања лани меѓу членките на ЕУ, европскиот економски простор и кандидатите за членство“, со тоа што Македонија е на прво место.

Македонскиот режисер Милчо Манчевски повторно со меѓународна награда. Независен пишува: „Во друштво со Моника Белучи и Раде Шербеџија – Манчевски со наградата ’Истерн стар‘ на Меѓународниот филмски фестивал во Трст, Италија“. Во чест на заслужниот македонски уметник бил прикажан и неговиот најнаградуван филм ’Пред дождот‘ кој ’Њујорк тајмс‘ го вброи меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња, а по проекцијата публиката го наградила со десетминутен аплауз.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG