Достапни линкови

Мирна дебата меѓу кандидатите за потпретседател на САД


Мајк Пенс и Камала Харис на нивната телевизиска дебата

Потпретседателот на САД, републиканецот Мајк Пенс и предизвикувачот од Демократската партија Камала Харис, смирено расправаа на нивната телевизиска дебата од справувањето со пандемијата на коронавирусот и здравствената заштита до економијата и надворешната политика.

Дебатата помеѓу Пенс и Харис беше без довикувања и постојани прекинувања какви што беа забележани на претседателската дебата меѓу Доналд Трамп и Џо Бајден во минатата недела.

Потпретседателските кандидати беа главно срдечни, ретко се прекинуваа и се воздржуваа да се обраќаат меѓу себе.

Но, водителката Сузан Пејџ од УСА Тудеј честопати мораше да го предупредува Пенс дека зборува подолго од предвиденото време.

Дебатата се отвори со прашање за одговорот на администрацијата на Трамп на пандемијата, која Пенс ја бранеше, а Харис остро ја критикуваше.

„Американскиот народ е сведок на најголемиот неуспех на која било претседателска администрација во историјата на нашата земја“, рече Харис.

Пандемијата однесе повеќе од 211.000 животи во и зарази повеќе од 7,5 милиони луѓе САД.

Исто така, предизвика нагло зголемување на невработеноста поради затворање на деловни активности и ограничувања насочени кон контрола на ширењето на вирусот.

Пенс ги бранеше напорите на администрацијата на Трамп за борба против болеста, повикувајќи се на одлуката на Трамп кон крајот на јануари да го ограничи патувањето од епицентарот на пандемијата во Кина по совет на медицинската заедница.

Се менува форматот на претседателските дебати во САД

„Сакам американскиот народ да знае дека од првиот ден претседателот Доналд Трамп го стави здравјето на Америка на прво место“, рече тој.

Трамп, кој по дебатата објави на Твитер „Мајк Пенс победи“, сè уште се опоравува од инфекцијата со коронавирус, која се прошири и на многу од неговите вработени, неговата сопруга и други владини претставници.

Тој објави и видео, во кое вели дека се чувствува добро и заслужува експериментален третман со лекови за помагање во закрепнувањето.

Пенс се соочи со значителен притисок да ја зајакне изборната кампања на Трамп, на која и беше зададен удар со дијагнозата за коронавирус.

Знаците за тоа како пандемијата ги смени животите, беа евидентни на сцената, каде што кандидатите беа на околу 3,6 метри оддалеченост и зад штитови од плексиглас.

Меѓу прашањата што Харис ги покрена надвор од пандемијата, беа обидите на администрацијата на Трамп да го поништи законот за здравствена заштита и извештајот дека Трамп плаќал многу помалку данок на федерален доход како претседател, отколку повеќето американци.

Таа ја нападна неговата надворешна политика, обвинувајќи го Трамп дека се оддалечува од сојузниците и ги прифаќа диктаторите ширум светот.

Пенс пак, тврдеше дека Бајден ќе ги зголеми даноците на Американците и ќе го прифати „убивањето на работни места“ со таканаречениот Зелен нов договор, огромен еколошки проект поддржан од либералните демократи.

Харис рече дека нема да ги зголемува даноците за ниту еден Американец што заработува помалку од 400.000 долари годишно.

Од надворешната политика, Пенс како достигнување ја наведе одлуката на Трамп да го уништи калифатот на Исламската држава.

Трамп ги прекина преговорите за економската помош поради пандемијата

Но, пандемијата постојано се враќаше како тема во дебатата, вклучително и за развојот на потенцијална вакцина, при што Харис истакна дека ќе им верува само на научниците.

„Ако лекарите ни кажат дека треба да го земеме, јас ќе бидам првата што ќе го земам“, рече таа додавајќи: „Ако Доналд Трамп ни рече да го земеме, јас не го земам“, алудирајќи на промоциите на Трамп на недокажани третмани во минатото.

Пенс рече дека „континуираното поткопување на довербата да се дојде до вакцина од страна на Харис е несовесно“, додавајќи:

„Само ве замолувам да престанете да играте политика со животот на луѓето“, ветувајќи вакцина до крајот на годината.

Потпретседателските дебати обично не привлекуваат големо внимание, но возраста е фактор на изборите во 2020 година.

Водителката Пејџ истакна дека Пенс (61) и Харис (55) мора да бидат поподготвени од кој било кандидат за потпретседател пред нив да ја преземат претседателската функција со оглед на возраста на Трамп и на Бајден - 74, односно 77 години.

Без оглед кој ќе победи, САД ќе го имаат својот најстар претседател во наредните четири години.

Ова беше единствената закажана дебата меѓу Харис, ќерка на имигранти - нејзиниот татко е од Јамајка и нејзината мајка од Индија - и Пенс, евангелистички христијанин и поранешен гувернер на Индијана, кој цврсто го бранеше Трамп за време на неговото претседателствување.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG