Достапни линкови

Вести

Дебар и Центар Жупа чекаат владина одлука за кризната состојба

Контролен пункт кај Дебар заради коронавирусот

По 30-дневниот карантин за општините Дебар и Центар Жупа, локалните власти очекуваат од владата да одлучи дали и понатаму двете општини ќе останат во кризна состојба. Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука и неговиот колега од Центар Жупа Арјан Ибраим, оценија дека кризната состојба имала многу позитивни ефекти во запирањето на ширењето на епидемијата и дека сега се во исчекување на владината одлука.

Одлуката за кризна состојба и карантин во овие две општини, за сега, важи до 11 април.

Како што јави нашиот дописник од Дебар, дебарскиот градоначалник денеска оценил дека самиот факт дека последните денови во Дебар нема новозаболени јасно говори за позитивните ефектите од воведената кризна состојба. Слична е и оценката на градоначалникот на Центар Жупа, Арјан Ибраим, кој вели дека и покрај тоа што беа евидентирани првите два случаи на Коронавирус во оваа рурална средина, по преземените мерки немало нови болни.

види ги сите денешни вести

ССМ реагира на одлуката трговците во туристичките места да работат во недела

Маркет

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира на одлуката да им се дозволи на трговците во туристичките места да работат во недела, само неколку месеци откако на сила стапи Законот за недела неработен ден.

„ССМ со право, уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по 6 месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај“, реагира Сојузот на синдикати.

Собранието вчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места. Според министерот за економија Крешник Бектеши, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.

Русија воведе санкции за сопругата и ќерката на американскиот претседател

Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил.

Русија воведе санкции за сопругата и ќерката на американскиот претседател Џо Бајден. Тие се последните американски граѓани додадени на листата на санкционирани од Москва како одмазда за потезите на Вашингтон против Русија поради нејзината војна во Украина.

Министерството за надворешни работи во Москва во соопштение на 28 јуни соопшти дека 23 други високи функционери се на листата на санкционирани. Санкции има и за лидерот на малцинството во републиканскиот Сенат, Мич Мекконел, и за сенаторите Чарлс Грасли, Кирстен Гилебранд, Сузан Колинс, Бен Сас и Мартин Хајнрих.

„Како одговор на постојано проширувањето на американските санкции против руските политички и јавни личности, 25 американски граѓани се ставени на таканаречната „стоп листа“. На неа се ставени и сенаторите одговорни за формирање на русофобичен наратив, како и членовите на семејството на претседателот Џо Бајден“, се вели во соопштението.

На луѓето од списокот им е забранет влез на руска територија.

Соединетите Држави ги предводеа меѓународните напори за воведување далекусежни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Вашингтон и Европската унија воведоа санкции против поединци, вклучително и рускиот претседател Владимир Путин, неговите ќерки, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и членовите на неговото семејство и неколку олигарси поврзани со Путин.

Тие, исто така, воведоа осакатувачки економски санкции кон Русија.

Професорите на УКИМ повисоки плати ќе бараат преку дијалог, не на протести

Спроменикот на Свети Кирил и Методиј пред комплексот факултети во Скопје

Протестот на професорите на Универзитетот Кирил и Методиј (УКИМ) најавен за 30 јуни се одложува, донел одлука Сојузот на синдикати на Универзитетот, откако добиле одговор од Владата дека за нивните барања ќе разговараат со надлежните министерства.

„Од Владата добивме одговор на нашите барања за потпишување колективен договор и покачување на платите со кој се задолжуваат Министерствата за образование и наука и за финансии за разговори во врска со нашите барања, и покрај тоа што основач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е Собранието, со кое Синдикатот водеше преговори и го усогласи во целост нормативниот текст од колективниот договор, освен делот на покачување на платите“, се наведува во соопштението.

Сојузот на синдикати на УКИМ очекува дека Владата и двете министерства ќе ги разгледаат нивните, како што наведува „оправдани и разумни барања и позитивно ќе одговорат“ и додава дека со одлуката за одложување на протестот сакаат да овозможат егзистенцијалните барања да ги остварат низ дијалог.

Доколку нивните барања не бидат прифатени ќе организираат протести во септемвриската испитна сесија.

Синдикатот на УКИМ на 2 јуни го изрази незадоволството пред Ректоратот на Универзитетот, а задутре требаше да организира мирен протест пред Владата кој со денешната одлука е одложен.

Ковачевски - Засега нема прифатлив предлог во процесот со Бугарија

Премиерот Димитар Ковачевски

Нема ништо ново во процесот со Бугарија, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите. Тој вели дека процесот со Бугарија се води во Министерството за надворешни работи.

„Министерството за надворешни работи со своите експертски тимови разговараат со МНР во Бугарија. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш истиот ќе биде ставен во институциите во Република Северна Македонија. Во овој момент таков предлог нема“, рече премиерот Ковачевски во изјава за новинари на настанот „Национална стратегија за правата на лицата со попреченост“.

Тој повтори дека Владата останува на ставот за францускиот предлог изнесен на прес-конференцијата во Брисел минатата недела, дека францускиот предлог, како што е првично е даден е неприфатлив за македонската страна. Доколку се направат измени, какви што предлага земјава, тогаш има можност разговорите да продолжат.

Властите во Македонија имаат три клучни барања за преговарачката рамка, а тие се целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и преговорите да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот. Ковачевски смета дека се потребни и гаранции оти нема да има нови услови од Бугарија и од Европската унија.

Францускиот предлог, пак, беше изгласан во Народното Собрание на Бугарија минатата недела. Претседателот на Франција Емануел Макрон го поздрави изгласувањето на предлогот во бугарското Собрание, и најави дека во наредните денови ќе продолжат разговорите со партнерите во Северна Македонија.

Расте бројот на жртви при нападот на трговски центар во Украина

Трговскиот центар во централниот украински град Кременчук.

Бројот на загинатите во рускиот ракетен напад врз преполн трговски центар во централниот украински град Кременчук се искачи на најмалку 18 лица, а најмалку 60 се повредени, изјави регионалниот гувернер Дмитро Лунин. Тој вели дека 36 лица се водат како исчезнати. Во моментот на нападот во трговскиот центар имало повеќе од 1.000 луѓе, соопштија властите.

Лунин денеска на Телеграм напиша дека пораснал бројот на жртви од вчерашниот напад. Операциите за спасување и за чистење во Кременчук продолжиле и во текот на ноќта. Тој рече дека трговскиот центар бил „целосно уништен“ од ракетниот напад.

Украина ја обвини Русија за нападот, велејќи дека биле користени проектили воздух-земја истрелани од бомбардери со долг дострел Ту-22.

Во меѓувреме продолжуваат борбите за контрола на градот Лисичанск, последното украинско упориште во источниот регион Луганск. Шефот на регионалната воена администрација, Серхи Хаидеј, рече дека украинските сили сè уште го контролираат Лисичанск, но неговата загуба е можна бидејќи Русија вложува ресурси во борбата.

Русија, исто така, го гранатираше Харкив, вториот по големина град во Украина, при што се погодени станбени згради и основно училиште, рече регионалниот гувернер. Во гранатирањето загинаа пет лица, а 22 беа ранети, меѓу кои и деца, рече гувернерот.

Тела на 46 мигранти пронајдени во камион во Тексас

Сан Антонио - Камионот во кој се пронајдени тела на мигранти

Најмалку 46 тела се пронајдени во приколка на напуштен камион на периферијата на Сан Антонио, Тексас.

Од противпожарната служба соопштија дека 16 луѓе, меѓу кои четири деца, се пренесени во болница. Преживеаните имале температура и страдале од топлотен удар и исцрпеност.

Камионот бил пронајден покрај пруга во оддалечена област на јужната периферија на градот. Сан Антонио се наоѓа на 250 километри од границата меѓу САД и Мексико и е главна транзитна рута за шверц на луѓе.

Трговците со луѓе често користат камиони без документи за да превезуваат мигранти кои успеале да преминат во САД.

„Имале семејства и веројатно се обидувале да најдат подобар живот“, рече градоначалникот на Сан Антонио, Рон Нирнберг.

„Тоа не е ништо друго освен ужасна, човечка трагедија“, вели тој.

Климата во Сан Антонио е неверојатно жешка во текот на летните месеци. Температурата во понеделникот достигнала 39,4 степени Целзиусови.

Мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард изјави дека двајца Гватемалци се меѓу префрлените во болница. Националноста на другите жртви засега не е позната.

Три лица се во притвор, а истрагата е предадена на федерални агенти.

Жртвите, за кои се претпоставува дека се мигранти, најверојатно починале од топлотна исцрпеност или дехидрација.

Ваква примери во Сан Антонио имало и претходно, но не од вакви размери.

Во 2017 година, десет мигранти беа пронајдени мртви во тракторска приколка во градот.

Имиграцијата е спорно политичко прашање во САД, каде во мај беа приведени рекордни 239.000 мигранти без документи кои влегле во земјата од Мексико. Многумина од нив патуваат по крајно ризични и небезбедни рути.

Американските власти направиле 1,73 милиони апсења на границата во 2021 година, каде се обидуваат да минат луѓе од земјите од Централна Америка како Хондурас, Гватемала и Ел Салвадор, бегајќи од сиромаштијата и насилството.

Многу од нив без документи се обидуваат да влезат во САД, па затоа плаќаат огромни суми пари на шверцерите на луѓе за да ги пренесат преку границата

Во Мадрид започнува Самит на НАТО, македонската делегација ја предводи Пендаровски

Седиштетот на НАТО во Брисел

Лидерите на земјите членки на НАТО денеска ќе се соберат на Самиот на Алијансата во Мадрид. Се очекува ова да биде еден од најважните самити на НАТО во последниве години, поради руската неиспровоцирана инвазија на Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 27 јуни рече дека на тридневниот самит ќе се договори нов пакет помош за Украина во области како безбедни комуникации, системи против дронови и гориво.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да им се обрати на лидерите на НАТО и сојузниците преку видео врска за време на самитот.

Македонската делегација во Мадрид ќе ја предводи претседателот на државата Претседателот Стево Пендаровски. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Противењето на Турција кон кандидатурите на Финска и Шведска да се приклучат на Алијансата е исто така, една од точките на агендата на Самитот. Столтенберг треба да разговара со лидерите на трите земји на разговори пред самитот.
Турција, која ја има втората по големина армија во Алијансата по Соединетите Држави, бара гаранции од Финска и Шведска во однос на курдските групи кои Анкара ги смета за терористи.

На самитот ќе присуствуваат и лидер на земји кои моментално не се членки на НАТО, вклучително и Јужна Кореја и Јапонија, како набљудувачи.

Индиректни разговори меѓу Иран и САД за нуклеарниот договор

За денеска се закажани индиректни разговори меѓу Иран и САД во Доха, Катар, соопшти иранското Министерство за надворешни работи по притисокот на Европската унија за надминување на ќорсокакот во преговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015.

Иран соопшти дека во разговорите ќе посредува главниот преговарач на ЕУ Енрике Мора и дека не се планирани директни разговори меѓу Иран и САД.

Иранските власти соопштија дека фокусот на разговорите ќе биде повлекувањето на американските санкции.

Ова е посебни разговори од пошироките преговори со посредство на ЕУ кои треба да се одржат во Виена меѓу Иран и светските сили.

Стејт департментот ја потврди средбата и повтори дека Иран треба да се откаже од дополнителни барања надвор од опсегот на договорот.

Шефот за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел минатата недела беше во Техеран во обид да ги заживее преговорите за иранската нуклеарна програма. Земјите од ЕУ се принудени да бараат други добавувачи на нафта, освен Русија, зашто се обидуваат да ја намалат зависноста од руска енергија во ек на војната во Украина.

Според договорот од 2015, Иран се обврза да ја ограничи нуклеарната програма во замена за олабавување на меѓународните санкции, но договорот пропадна во 2018, кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот и воведе жестоки санкции против Иран. Техеран, пак, не почитуваше некои од обврските од договорот.

Повеќе од една година Иран преговара со Велика Британија, Франција Германија, Русија и Кина директно, и со САД индиректно, за заживување на договорот.

Г7 останува со Украина до крај

ГЕРМАНИЈА - Претседателот на Украина Володимир Зеленски (на екранот) учествува на самитите на Г7 преку видео врска, 27 јуни 2022 година

Лидерите на земјите од група седум најнапредни економии Г7 денеска го продолжуваат Самитот во Германија. Тие вчера рекоа дека ќе има санкции кон Русија онолку колку што е потребно и ќе го засилат меѓународниот економски и политички притисок врз претседателот Владимир Путин и неговите поддржувачи во Белорусија.

Во соопштението на 27 јуни се вели дека лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите Држави се „посветени на одржување и интензивирање“ на санкциите и дека ќе продолжат да ги користат по потреба делувајќи усогласена во секоја фаза.
Во соопштението се додава дека земјите од Г7 „ќе продолжат да обезбедуваат финансиска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка и ќе стојат со Украина онолку долго колку што е потребно“.

Соопштението на Г7 дојде во време кога во руски ракетен напад во Украина врз цивилна цел, трговски центар во централниот град Кременчук, загинаа најмалку 13 лица, а 50 се повредени.
Вчера градот Лисичанс, последното украинско упориште во источниот регион Луганск, беше цел на напади, во кој загинаа осум, а повредени се 21 човек.

Украина веднаш повика на итен состанок на Советот за безбедност на ОН. Портпаролот на албанската мисија, која во моментов претседава со Советот за безбедност, рече дека седницата ќе се одржи на 28 јуни.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претходно на 27 јуни се обрати на самитот на Г7, рече дека Русија треба законски да биде призната како најголема терористичка организација во светот.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека ветувањата за поддршка од Велика Британија и другите земји од Г7 се неопходни за да се одржи притисокот врз Путин.
Лидерите на Г7 се посветени на истражување на нови начини за изолирање на Русија од учество на глобалниот пазар. Тие се обидуваат да решение на тоа Русија да не ги избегнува постојните санкции, се вели во соопштението.

Земјите од Г7 ветија дека ќе преземат чекори за дополнително намалување на нивната зависност од руската енергија и за проширување на санкциите за дополнително ограничување на пристапот на Русија до услуги и технологии, особено оние што ја поддржуваат руската индустрија за вооружување, се вели во соопштението. Тие, исто така, ветија повеќе санкции за поединци одговорни за воени злосторства.

Во соопштението, објавено од Германија, актуелниот претседавач со Г7, исто така се вели дека групата е подготвена да обезбеди повеќе средства за украинската влада. Буџетската поддршка што е ветена и обезбедена досега во 2022 година изнесува 29,5 милијарди, се вели во соопштението.

Одделно, Соединетите Држави соопштија дека го финализираат пакетот наоружување за Украина, кој ќе вклучува системи за воздушна одбрана со долг дострел - оружје што Зеленски посебно го побара кога им се обрати на лидерите преку видео врска претходно истиот ден.

Зеленски ги повика лидерите на Г7 да направат се што е во нивна моќ за да се стави крај на руската инвазија на неговата земја пред да започне зимата.

Џафери свикал координација по инцидентот во Собранието, но не дошле сите

Расправа меѓу пратеници во собраниска седница за европски прашања

По синоќешниот инцидентот на собраниската Комисија за европски прашања, со стој став излегоа и од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери.

Кабинетот на Џафери соопшти дека била свикана итна координација на која биле поканети сите координатори и претставници на политичките партии во Собранието. Но на координацијата дошле само координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики Шаини. Не присуствувале претставниците од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата на Албанците.

Синоќа во Собранието, според видеоснимката што ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на социјалната мрежа Фејсбук, имало жестока кавга меѓу претседателот на собраниската комисија за европски прашања и поранешен министер за образование Арбер Адеми со пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од Алијанса за Албанците и од ВМРО-ДПМНЕ се противат на ваквото решение.

Повод за жестоката кавга, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.

Кавга на раб на тепачка во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:24 0:00

„На координацијата беше донесен заклучок дека собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма. На координацијата исто така се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на Европската унија не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието“, се посочува во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите од Собранието обвини дека Комисијата за европски прашања чиј претседател е Арбер Адеми од ДУИ се претворила во „комисија за Див Запад“ и оти не се почитуваат ниту Деловникот, ниту пратениците, ниту јавноста.

Според него, на седницата на Комисијата се направила голема тензија кога Адеми почнал „освен со вербални напади да фрла и со тврди предмети кон пратениците, да крши дел од собранискиот инвентар и да употребува разни вулгарности“ кон пратениците.

Алијанса за Албанците реагираше дека власта се обидува да им го продолжи мандатот на „партиските судии и обвинителите од власта, преку шверцување на законот“.

ДУИ ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците дека вршат насилство „со цел да го заштитат криминалот“. СДСМ, пак, соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да им се продожи мандатот на судиите за да има неефикасни судови „за да го заштитат криминалот“.

ССМ денеска ќе протестира пред Министерството за труд

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Дарко Димовски на протест пред Министерството за финансии, 24 јуни, 2022.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска од 10 часот до 13 часот ќе протестира пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за да го изрази незадоволството од неисполнетото барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во јавниот сектор.

Откако минатата недела не беше прифатен амандманот на ССМ во собраниската Комисија за финансирање и буџет, Претседателството на ССМ организираше протестни активности пред Владата и Собранието, а вчера наутро три часа ја блокираше крстосницата во Автокоманда за влез/излез од Скопје.

„Активностите ги пренасочуваме пред МТСП за да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1 Мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот. Тогаш ни ветија дека со ребалансот на Буџетот и Законот за извршување на Буџет овие средства можат да ги предвидат најдоцна до 1 јули. Тоа е за четири дена, а од тоа ни трага ни глас, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

ССМ започна генерален штрајк во јавниот сектор на 22 јуни.

Временска прогноза - Сончево и топло, попладне невреме

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. Вредноста на УВ-индексот 8.

Во Скопје ќе биде сончево и топло, а попладне ќе има умерен развој на нестабилна облачност. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.

Според прогнозата на УХМР, следува период на топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Во среда ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во четврток и петок на повеќе места повторно ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град.

Жестока кавга во Собранието меѓу Адеми од ДУИ и опозициските пратеници од ВМРО ДПМНЕ

Расправа меѓу пратеници во собарниска седница за европски прашања

Жестока кавга меѓу претседателот на собраниската комисија за европски прашања и поранешен министер за образование Арбер Адеми со пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се гледа на видеоснимката што ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на социјалната мрежа Фејсбук.

Повод за жестоката кавга, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.

Кавга на раб на тепачка во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:24 0:00

Пратениците од Алијанса за Албанците и од ВМРО-ДПМНЕ се противат на ваквото решение. На снимката се гледа како пратениците Дафина Стојановска и Антинијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ се доближуваат до пултот на Адеми и му го тргаат микрофонот, по што тој го удира Милошоски по рака и фрла шише кон пратениците.

Мистерството за труд и социјала предлага продолжување на работен век на судиите до навршувањето 67 години со што би се продолжил работниот ангажман на 60 судии и 13 обвинители кои се на чекор до пензија.

Во видеото кое го објави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојанова се гледа дека кавгата настанала поради утврдување на дневниот ред според кој требало да заседава собраниската комисија.

Опозицијата обвини за насилничко однесување на Адеми.

„Вака се однесува претседателот на КЕП! Понижување, насилство и навреди во Собрание! Македонија наместо Европа стана див запад со „каубоите“ од власта“, вели Лефков.

Алијанса за Албанците реагираше дека власта се обидува да им го продолжи мандатот на „партиските судии и обвинителите од власта, преку шверцување на законот“. Антониот Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Адеми не го почитувал Деловникот и не им дозволил на пратениците од опозицијата да предложат измени и дополнувања на дневниот ред.

ДУИ ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците дека вршат насилство „со цел да го заштитат криминалот“. СДСМ, пак, соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да им се продожи мандатот на судиите за да има неефикасни судови „за да го заштитат криминалот“.

Денеска Собранието имаше набиена агенда со закажани неколку седници.

Литванија е мета на хакерски напади

Илустрација

Министерството за одбрана на Литванија денеска соопшти дека државни и приватни интернет страници во земјата денеска биле привремено соборени поради хакерски напад.

Одговорноста наводно ја презела проруска хакерска група.

Врз обезбедената национална мрежа на податоци бил извршен ДДоС напад.

Нападнатите интернет страници биле вратени во функција по неколку часа.
Инцидентот се случува една недела откако руски претставници се заканија со реакција, зашто Литванија го ограничи транзитот на стоки од Русија кон нејзината ексклава Калининград.

Москва ја обвини Литванија и ЕУ за кршење на меѓународните договори и се закани со „недипломатски“ одговор. Локалните власти во Литванија предупредија дека веројатно ќе следат хакерски напади.

Грција за 72 часа спречила над илјада бегалци и мигранти да влезат во земјата по морски пат

Архивска фотографија: Брод со мигранти пристигнува на Лезбос

Во вкупно 24 случаи околу 1.130 бегалци и мигранти со чамци се обиделе да влезат во грчките територијални води во морските делови кај островите Лезбос, Хиос, Самос, Кос и Родос, во периодот од петокот наутро до утрово, соопштија од грчката крајбрежна служба, јави дописничката на МИА од Атина.

Додаваат дека повеќе од половина, односно 16 од случаите биле во близина на островот Лезбос.

Во сите случаи патролните бордови на крајбрежната служба реагирале и по навременото откривање, ниту еден од чамците не навлегол во грчките територијални води, а патниците биле преземени од турската крајбрежна служба.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG