Достапни линкови

Тетовските училишта различни по бројот на ученици


Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово
Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово

Некои од училиштата во Тетово имаат премногу ученици во паралелките, а некои едвај ги составуваат одделенијата. Дел училишта се избегнуваат поради страв од меѓуетнички конфликти меѓу учениците.

Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово е едно од оние кои постојано се соочуваат со недостиг на ученици, наспроти неколку училишта во градот каде има премногу деца во една паралелка. За училиштето „Кирил и Методиј“ се смета дека се избегнува поради страв од меѓуетнички конфликти меѓу учениците, но педагогот Вера Станојевиќ уверува како дека институција со тој предизвик се соочила и го надминала.

„Не памтам од кога не сме имале меѓуетнички конфликт и не би сакала да го има, затоа што деца се деца и сите се исти и за секое дете поединечно водиме сметка во училиштето да му биде удобно и да се чувствува сигурно и безбедно. Сме правеле и разни истражувања со учениците, анкети и со родители и последните податоци говорат дека учениците се чувствуваат среќно и безбедно во училиштето“, изјави таа.

Различните припадности веќе не се проблем, туку предност како област во која се унапредуваат односите, вели педагогот.

„Би спомнала дека во училиштето долги години се работи на зближување на децата од различни етнички групи - Македонци, Албанци, Роми. Во таа насока се држат многу заеднички активности, па имаме заеднички часови, задолжителни, од слободни ученички активности, имаме заеднички активности за посета на разни објекти, заеднички екскурзии, децата многу се зближија, почнаа да си го учат јазикот едни со други, се дружат за време на одморите“, рече Станојевиќ.

Одговорните за образованието во општината, во секторот за јавни дејности велат дека повеќе училишта во градот се соочуваат со сличен проблем. Некои се со премногу ученици во паралелките, а некои одвај ги составуваат одделенијата. Според раководителот на секторот Ахмед Ќазими, родителите наоѓаат начини да ја заобиколат законската обврска да го запишат детето според реонизацијата, односно во училиште според местото на живеење.

„Фотокопијата од лична карта се доставува со цел да се види реонизацијата, односно каде треба да се запише ученикот. Ова го напоменувам, затоа што секоја година ние внимаваме за учениците да се запишуваат во реоните каде што живеат и оваа година ќе бидеме стриктни во оваа насока и нема да се дозволи упис на ученици од други региони во регионите каде што се наоѓаат училиштава. Така што апелирам до родителите тоа да се почитува“, истакна Ќазими.

Според податоците на секторот за јавно дејности за прв пат по десетина години, лани е забележано зголемување на бројот на запишани првачиња во сите наставни јазици. Со оглед дека се очекува трендот да продолжи и во текот на годинешните уписи, од секторот се надеваат дека со почитување на реонизацијата во сите училишта ќе се достигна оптимален број на ученици во одделенијата.

XS
SM
MD
LG