Достапни линкови

Макроновиот „неемотивен“ план за проширување на ЕУ


Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон

Сè уште се надеваме дека ќе има зелено светло за почеток на пристапните преговори во ЕУ со Албанија и Северна Македонија. Засега знаците не се баш охрабрувачки, пишува на својот блог новинарот на Радио Слободна Европа, Рикард Јозвијак

Неодамнешните коментари на францускиот претседател Емануел Макрон за паралелна европска заедница за земјите кои чекаат да се приклучат на Европската унија е класично преобразување на старата идеја за континент кој се состои од повеќе земји кои уживаат различни нивоа на интеграција во ЕУ со еврозоната како апсолутен епицентар. Тоа е идеја која веројатно нема да се реализира бидејќи има премногу отпор кон неа не само надвор од ЕУ, туку и во клубот.

Вистинската „чекална“ на ЕУ е, и најверојатно ќе остане, процесот на пристапување во ЕУ. Со оглед на тоа што Грузија, Молдавија и Украина сега официјално поднесоа барање за приклучување кон блокот, тоа ќе станува сè поочигледно.
Но, иако размислувањето на Макрон за новите европски политички архитектури може да не е целосно точно, тој е целосно во право за уште една навидум контроверзна работа: ќе бидат потребни децении за една земја како Украина(а потоа Грузија и Молдавија) да се приклучат на ЕУ.

Ова се случува и покрај херојските борби на украинската нација и широко распространетите симпатии што ги ужива низ целиот свет, вклучително и поддршката од граѓаните во земјите на ЕУ дека таа еден ден треба да стане членка.
Но, горчливата вистина останува: ниту една земја никогаш не влезе во блокот само врз основа на емоции.

Мора да поминат години на макотрпни политички и економски реформи, милијарди евра потребни за обнова на земјата и добра волја на сите 27 членки на ЕУ на патот – а тоа е нешто што нема секогаш да биде таму. За земја која се наоѓа среде војна, со распадната економија и индустрија и со крвожеден сосед кој има намера да го уништи целото нејзино постоење, тоа би можело да биде речиси невозможно. Дури и ненадејното и прилично неверојатно појавување на добронамерен демократ во Кремљ нема да го сврти патувањето на Киев до Брисел од децении во години.

За какви било индикации за тоа колку тешко ќе биде ова, не гледајте подалеку од надежите за ЕУ од Западен Балкан. Да, географските споредби обично се неправедни, а политичките, историските и економските контексти се разликуваат многу, но има премногу паралели овде што едноставно не можат да се занемарат.

Најстраствениот аргумент за тоа дека Украина брзо се придвижува кон членство се токму херојските жртви што ги прават Украинците во отпорот на руските освојувачи. Тие се борат не само за сопствената нација, туку и за сето она за што навистина се залага Западот.

Сето ова е точно, но истото важи и за Босна и Херцеговина и Косово. Тие, исто така, видоа масакри, воени злосторства, злосторства против човештвото и покажаа импресивен стоицизам и херојство за да опстанат како народ и како нација. Сепак, ова не им помогна многу во нивната потрага за членство во ЕУ, при што и Сараево и Приштина блескаат како потенцијални земји кандидати.

Некој би можел да протестира дека ова се должи на многу проблематичната ситуација во која се наоѓаат, при што Косово сè уште не е признаено од неколку членки на ЕУ, а Босна се бори со својата нефункционална политичка поставеност. Но, каква Украина навистина излегува од оваа војна? Која Украина всушност дури аплицира? Целиот Запад го поддржува територијалниот интегритет на земјата, вклучувајќи ги Крим и Донбас, но колку се големи шансите сега и во месеците и годините што доаѓаат владата во Киев да има политичка контрола врз овие области?

Истите прашања може да им се постават на Молдавија и Грузија за нивните отцепени региони. И ако нема јасни одговори на овие прашања, тешко е да се замисли каква било шанса за членство во ЕУ, бидејќи Москва ќе продолжи да ги користи овие окупирани региони за да ја врзе тројката со своите сфери на влијание.

Но, паралелите не застануваат тука. Иако постојат значителни проблеми во земјите од Западен Балкан, вклучително и корупција, нефункционално судство, па дури и директно заробување на државата (работи кои се присутни и во тројката од источните земји-надежни кандидати за ЕУ), вистината е дека уште една причина зошто овој регион веќе не е во ЕУ е затоа што многумина во клубот на прво место не се особено заинтересирани за нив.

Пред помалку од една година, некои земји-членки на ЕУ дури се прашуваа дали да го стават зборот „проширување“ во заклучоците од последниот самит за Западен Балкан. Пред руската инвазија на 24 февруари, секој обид дури и да се навести шанса земјите како Грузија, Молдавија и Украина еден ден да се приклучат на клубот, секогаш беше отфрлен од некои земји во Западна Европа.

Иако можеби имаше повеќе симпатии во последниве месеци, беше сосема индикативно дека во голема мера, поновите земји-членки на ЕУ од централна и источна Европа беа оние кои беа пожелни да ги отворат портите за триото, или барем за Украина, кога европските лидери последен пат разговараа на оваа тема во Версај во март.

А тогаш дури не се ни допре прашањето за напредокот на земјите поради други теми. Имаме пример и од Западен Балкан, а тоа е Северна Македонија – главната „ѕвезда“ на Западен Балкан во последниве години. И Франција и Бугарија го блокираа нејзиниот напредок поради прашања директно поврзани со Скопје за Софија и со проширувањето воопшто за Париз.

Како да знаеме дека ова нема да и се случи и на Украина? Како што покажа блокадата на Турција на кандидатурата на Шведска и Финска за НАТО (и заканата на хрватскиот претседател да го стори истото), секој процес на проширување претставува совршена можност да се направат различни отстапки, за домашна употреба или за друго.

Па така, кога Европската комисија на почетокот на следниот месец ќе излезе со своите мислења за ЕУ-апликациите на Грузија, Молдавија и Украина, очекувајте малку двоумење. Многу добро може да се препорача кандидатски статус, барем за Украина, но немојте да се чудите ако тоа е условено со дополнителни реформи и други задачи. Како што дознаа земјите од Западен Балкан, Комисијата честопати е пооптимистичка од Советот, каде што пак земјите-членки преземаат поубедливи ставови, а консензусот е неопходен. На крајот кога ќе се соберат во Брисел на 23-24 јуни за да ја „преџвакаат“ препораката на Комисијата, потенцијалниот кандидатски статус може да биде поприфатлив за сите 27 земји отколку безусловниот кандидатски статус.

Непосредно пред тој самит, во белгиската престолнина ќе ги примат сите лидери од Западен Балкан.

Сè уште се надеваме дека ќе има зелено светло за почеток на пристапните преговори во ЕУ со Албанија и Северна Македонија. Засега знаците не се баш охрабрувачки. Но, да се оди напред со еден регион, или барем една земја, Украина, но не и со проширувањето на Западен Балкан, според некои претставници на ЕУ ќе испрати погрешни сигнали. Тоа може да се смета за неправедно кон Киев, но Брисел секогаш наоѓа начини да разочара - само прашајте кој било функционер од Западен Балкан.

И тогаш со право Киев може да се жали, за недостатокот на храброст, волја и геостратешко размислување од ЕУ и да тврди дека сето тоа е неприфатливо.
Но, погодувате исто како и Западен Балкан, и тие ќе сфатат дека имаат малку други опции на располагање додека седат во чекалната на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG