Достапни линкови

Русија ја засили офанзивата врз источна Украина


Гувернерот на Луганск, Серхи Хејдеј, изјави дека Русите ги зајакнале своите сили со околу 12.500 нови војници кои се обидуваат да го заземат Луганск. Тој денеска изјави дека овој град претрпел голема штета од руското бомбардирање.

Руските сили денеска го засилија нападот врз источниот украински регион Луганск, бидејќи Москва сега се чини дека е фокусирана на обезбедување и проширување на своите придобивки во областа Донбас и кон јужниот брег на земјата. Конфликтот денеска влезе во четвртиот месец откако руските сили извршија инвазија врз Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди Украинците дека наредниот временски период ќе биде суров, особено во Донбас.

Британското разузнавање соопшти дека Русите се обидуваат да го опколат Северодонецк, град со околу 100.000 жители на бреговите на реката Сиверски Донецк, но исто така ги фокусираат своите напади врз два соседни града во истата област.

Во извештајот се вели дека руските сили постигнале одредени локализирани успеси во областа со помош на интензивен артилериски оган, но украинскиот отпор е силен и командната структура на операцијата на Здружените сили на Киев останала под контрола на овој сегмент од фронтот.

Со заземањето на градот Северодонецк од страна на Русија, целата област Луганск ќе потпадне под руска окупација, се вели во извештајот.

„Следните недели од војната ќе бидат тешки и ние мора да бидеме свесни за тоа“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно видео обраќање откако регионалните лидери и жителите пријавија силни бомбардирања на истокот на земјата.

„Најтешката борбена ситуација денес е во Донбас“, рече Зеленски, издвојувајќи ги најтешко погодените градови Бахмут -- клучен спој кој служи како команден центар за поголемиот дел од украинските воени сили сместени во Сјевјеродонецк и Попасна.

Гувернерот на Луганск, Серхи Хејдеј, изјави дека Русите ги зајакнале своите сили со околу 12.500 нови војници кои се обидуваат да го заземат Луганск. Тој денеска изјави дека овој град претрпел голема штета од руското бомбардирање, а најмалку четири лица загинаа во гранатирањето на само една од високите згради во градот.

Зеленски со критика за бавната воена помош- Украинците скапо плаќаат за слободата и независноста

Во случај Русите да бидат успешни и линијата на фронтот во Донбас да се пресели подалеку на запад, британското разузнавање процени дека руските линии на комуникација ќе бидат многу оптегнати и веројатно ќе доведат до дополнителни потешкотии со логистичкото снабдување.

Зеленски претходно предупреди дека бавната воена помош предизвикува непотребни смртни случаи бидејќи Украинците „скапо плаќаат за слободата и независноста“.

Тој рече дека 87 луѓе биле убиени во руски напад претходно овој месец врз воена база на северот, во што би било еден од најголемите поединечни регистрирани напади во војната.

Дваесет земји ветија нова воена помош за Украина во нејзината битка против руски воени сили, објави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин по вториот состанок на Украиската контакт група. Данска се согласи да и обезбеди на Украина ракетен фрлач и ракети од моделот „Харпун“ за „да и помогне на Украина да го одбрани своето крајбрежје“, рече Остин на прес-конференцијата. Чешка се согласи да испрати „значителна поддршка“ за Украина, вклучително и „неодамнешна донација на хеликоптери, тенкови и ракетни системи“, додаде Остин.

Нова воена помош за Украина ветија 20 земји

Тој истакна дека севкупно, 20 земји „најавија нови пакети за безбедносна помош“, вклучително и „донирање на критично потребната артилериска муниција, крајбрежни одбранбени системи и тенкови и други оклопни возила“.

„Другите излегоа со нови обврски и најави за обука на силите на Украина и одржување на нејзините воени системи“, додаде Остин.

Киев е подготвен за размена на затвореници со Русија „дури и утре“, рече Зеленски, повикувајќи ги своите сојузници да извршат притисок врз Москва.
Зеленски, исто така, го повтори своето барање Москва да биде отсечена од глобалната економија, повикувајќи на меѓународно нафтено ембарго кон Русија, како и казнени мерки против сите нејзини банки.

Многу од 27-те земји-членки на ЕУ се во голема мера зависни од руската нафта и гас, што предизвика критики од Киев дека блокот не се придвижи доволно брзо за да го запре снабдувањето.

Но, Германија пред два дена соопшти дека Европската унија најверојатно ќе се согласи за ембарго за увоз на руска нафта „во рок од неколку дена“, и покрај противењето на Унгарија, која се држи до своите барања за енергетски инвестиции пред да се согласи на такво ембарго.

„Ќе постигнеме пробив во рок од неколку дена“, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек. Тој, сепак предупреди дека забраната нема веднаш да и наштети на Москва бидејќи порастот на глобалните цени на нафтата значи дека таа заработува повеќе за помалку сурова нафта.

Руското заземање на Азовстал: симболичен успех, „пирова“ победа?

Хабек рече дека ЕУ и САД го разгледуваат предлогот за ограничување на глобалните цени на нафтата -- „невообичаена мерка“ за „невообичаени времиња“.

Русија испорачува 40 отсто од природниот гас на ЕУ и 27 отсто од увозот на нафта, и се проценува дека добива околу 400 милијарди евра годишно за ова снабдување.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG