Достапни линкови

Две млади сили за еден златен медал од Европско


Каратистите Стефан Стојковиќ и Петар Заборски со златниот медал од Европско

Седумнаесетгодишниот каратист Стефан Стојковиќ ја здружи силата и вештините со 23 годишниот каратист Петар Заборски како негов тренер и заедно стигнаа до златен медал од Европско.

Од Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори кое се одржа во Темпере, Финска, од 20.8 до 22.8, 17 годишниот каратист Стефан Стојковиќ, се врати дома со титулата - Европски првак. Во финалето го победи Италијанецот Матео Аванзини кој важеше за фаворит. Па според него, тоа дава уште поголема важност на победата.

„Секако дека победата е послатка зошто Италијанецот беше навистина фаворит и јака конкуренција“, изјави Стојановиќ за РСЕ.

Ова не е прв европски настап на Стојановиќ, но е негов прв златен медал од европско натпреварување. Зад новиот европски шампион во категоријата над 76 кг за јуниори до 21 година стојат неколку успеси кои тој ги смета за посебно важни.

“Тренирам од шест години и поважни успеси ми се три државни првенства - првак, 2019 год. Кроација Опен 3. место, 2020 год. Кроација Опен 3. место, 2019 год. Европско првенство во Алборг 5. место, 2020 год. Европско првенство во Будимпешта 5. место и сега на ова Европско првенство- златен медал“, додаде европскиот првак во карате.

Стојковиќ до европско злато стигна здружувајќи ја силата и вештините, со насоките на Петар Заборски - уште еден млад каратист, во случајов во улога на негов тренер. И на Забороски европските медали му се позната категорија, бидејќи ги има во својата колекција. Според 23 годишниот тренер, сјајот на медалот е блескав како за натпреварувачот, така и за тренерот.

„Зад овој медал, секако стои еден долг и континуиран процес во кој ние спортистите го трошиме и последниот атом, за достојно да се претставиме на големите европски и светски натпреварувања. Како карате тренер, ова за мене е огромен успех, успех кој зад себе крие скоро секојдневни напорни тренинзи, тренинзи во кои го искористив сето мое знаење и искуство како натпреварувач и тренер. Сето мое залагање, целиот мој труд, вроди со плод и покрај корона кризата, која ги закочи сите спортски активности кај нас и во светот. Но кога нешто се работи со љубов, успехот не изостанува, што впрочем го докажа и нашиот натпреварувач Стефан, кој освои европско злато, покажувајќи го сето свое знаење во овој убав спорт. Упорноста, вежбањето и трпеливоста се наши атрибути и се надевам дека и во иднина од нашиот карате клуб Макпетрол ќе излезат уште многу успешни медалисти со кои ќе се гордееме“, вели Заборски за РСЕ.

Каратистот Стојковиќ на пиедесталот во Темпере, Финска
Каратистот Стојковиќ на пиедесталот во Темпере, Финска

Карате експанзија во Македонија

Успехот на новиот медалист може да биде поттик за карате подмладокот кај нас.

„Каратето како спорт е во голема експанзија во Македонија и е еден од најмасовните спортови кај нас. Јас како млад и успешен натпреварувач и карате тренер, можам да кажам дека, многу млади луѓе го тренираат овој спорт и верувам дека секој може да успее во истиот, ако го тренира со голема љубов. Само така се станува голем спортист и медалист од европски и светски калибар. Како спортист, како натпреварувач и како тренер, посакувам освојување на уште многу вакви медали на сите оние кои спортот го сфатиле како сопствена филозофија и начин на живот. Ги повикувам младите луѓе да спортуваат, да веруваат во тоа што го работат и да останат достојни на целите кои се нивна водилка низ животот“, додаде Заборски.

На 48. Европско првенство за кадети, јуниори и помлади сениори во Темпере, Финска, учестувуваа 996 натпреварувачи од 50 земји.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG