Достапни линкови

Гилмор за РСЕ: Русија ќе одговара за воените злосторства во Украина


Специјалниот претставник на ЕУ за човекови права, Еjмон Гилмор
Специјалниот претставник на ЕУ за човекови права, Еjмон Гилмор

Специјалниот претставник на ЕУ за човекови права Ејмон Гилмор вели дека Русија ќе одговара за воени злосторства и кршење на меѓународното прво во Украина. Запрашан за извештаите за можни воени злосторства од страна на украински војници, Гилмор вели дека тие исто така ќе бидат истражени. Мајк Екел.

Русија ќе одговара за воени злосторства и кршење на меѓународното право, наводно извршени од нејзините сили во Украина, вети специјалниот претставник на ЕУ за човекови права, Еjмон Гилмор, во услови на зголемени украински и меѓународни напори да се соберат докази за идните криминални истраги.

Гилмор во интервју за Радио Слободна Европа, уверува дека еден ден рускиот претседател Владимир Путин може да биде изведен и да одговара пред суд, за разлика од она што се случи со српскиот претседател Слободан Милошевиќ по крвавиот и насилен распад на Југославија.

„Милошевиќ никогаш не помислил дека ќе се соочи со судење во трибуналот во Хаг кога вршел воени злосторства. Луѓето кои се одговорни може да бидат повикани на одговорност без разлика колку долго ќе биде потребно“, рече Гилмор во интервјуто за РСЕ.

Според Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, создаден од ОН, Милошевиќ стана првиот актуелен шеф на државата кој беше обвинет за воени злосторства, во неговиот случај, извршени за време на војните во поранешна Југославија. Тој почина во Хаг во 2006 година пред судот да донесе пресуда.

Украинските и меѓународните истражители брзаат да сослушаат сведоци, да документираат наводни злосторства и да соберат докази за наводните руски злосторства за потребите на идни кривични постапки.

Во пресрет на повлекувањето на руските трупи од областите северно од Киев минатиот месец, официјалните лица разгледуваат дали цивилите биле убивани или егзекутирани од руски војници, а постојат и се поголем број докази кои укажуваат на можни силувања и сексуално насилство.

И меѓународната група „Хјуман рајтс вотч“, ги обвини руските војници дека извршиле „серија на очигледни воени злосторства“ во градот Буча, северно од Киев, на почетокот на март, пред да се повлечат откако Кремљ ги прераспореди единиците за да го концентрира својот напад на јужниот и источна Украина.

„Бомбардирањето болница е воено злосторство. Бомбардирањето училиште е воено злосторство. Бомбардирањето на детска градинка е ,исто така, воено злосторство. Цел се цивилите. Тоа се воени злосторства“, рече Гилмор.

„Има истраги кои се во тек, особено истрагата на Меѓународниот кривичен суд. И мора да има одговорност за она што се случува деновиве во Украина, но и она што се случува од 24 февруари“, додава високиот претставник на ЕУ.

И покрај брзината на собирање докази во Украина, инспекторите се соочуваат со потешкотии за да ги повикаат руските команданти или политички лидери на одговорност или да ги изнесат пред Меѓународниот трибунал.

Русија не е членка на Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг, ниту членка на Европската унија. Таа беше исфрлена од Советот на Европа неколку дена по инвазијата на Украина. Пред тоа, Москва рутински ги игнорираше пресудите на Европскиот суд за човекови права, па дури и донесе уставни амандмани со кои практично се забранува усогласување на законите со судот.

Правото на вето на Русија во Советот за безбедност на Обединетите Нации значи дека сите напори предводени од Обединетите Нации најверојатно ќе бидат блокирани.

Четири дена по инвазијата на Русија, главниот обвинител на Хашкиот суд, најави отворање на истрага за воени злосторства во Украина, која датира од 2014 година кога за прв пат избувна војната во источниот регион Донбас и кога редовните руски сили учествуваа во најмалку две големи битки таму.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков категорично ги отфрли обвинувањата.

Според договорните правила на Хашкиот суд, Украина, која е членка на судот, може да побара од судот да преземе јурисдикција над секоја потенцијална истрага за воени злосторства.

Сепак, Гилмор тврди дека времето не е пречка за покренување кривично дело и додава дека современите технологии како што се сателитските снимки го олеснуваат документирањето на доказите.

„Значи, идејата е... луѓето кои или директно ги извршуваат овие злосторства, или оние кои се одговорни за давање наредба и политички одговорни за војната… сето тоа на крајот ќе биде истражено“, вели Гилмор.

Запрашан за извештаите за можни воени злосторства од страна на украинските војници, Гилмор посочи дека тие исто така ќе бидат истражени, но истовремено ги минимизираше извештаите.

„Русија е агресорот во Украина, никогаш да не го заборавиме тоа. Украина не ја нападна Русија, Русија ја нападна Украина. Затоа мислам дека тоа треба да го ставиме во перспектива и да избегнеме да паднеме во замката на создавање алтернативни или паралелни наративи“, заклучува Гилмор во интервјуто за РСЕ.

Неодамна и украинската државна обвинителка Ирина Венедиктова изјави дека рускиот претседател Владимир Путин може да биде одговорен за обвиненијата за воени злосторства во Украина, откако ги призна достигнувањата на руската 64-та моторизирана бригада, вмешана во злосторствата во Буча и Ирпин. Во средината на април, Путин ѝ додели специјален елитен орден на бригадата за „масовно херојство и храброст“ откако нејзините војници беа издвоени од страна на интернет стручњаците и обвинителите како примарна сила во масакрот во Буча, каде што 403 тела беа пронајдени во масовни или импровизирани гробници.

Венедиктова рече и дека 600 руски политичари, воени лидери и медиумски фигури - пропагандни агенти - се осомничени дека му помагале на Путин во неговата „злосторничка агресија“ против Украина. Обвинителката рече дека нејзината канцеларија се повикува на Римскиот статут, основниот документ на Меѓународниот кривичен суд, за да се истражат и обвинат осомничените за воени злосторства. Руската влада негира дека цели на цивили.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG