Достапни линкови

Во потрагата по успешни, заборавивме да растеме среќни деца


Илустрација
Илустрација

Редовна комуникација со учениците и протоколи за користење на мобилните телефони, препорачува Владата за намалување на насилството во училиштата. Експертите се согласни дека добро е што државата ги адресира прашањата за менталното здравје и меѓуврсничкото насилство, иако сметаат дека е задоцнето.

Основните и средните училишта добија препораки од Владата да ја интензивираат комуникацијата во триаголникот ученик-наставник-родител. Ќе се намалува и употребата на мобилни телефони во училиштата, а учениците доколку имаат потреба ќе можат да закажат лична средба со психолог ако се жртва на булинг или се дискириминирани или не се чуствуваат безбедно. Овие и уште десеттина други предлог-мерки беа одобрени од Владата на Северна Македонија во вторникот на 16 мај. Целта е да се зголеми безбедноста во училиштата по шокот од трагедијата во Србија кога 13-годишен ученик уби 9 соученици и еден вработен во училиштето.

Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование за Радио Слободна Европа вели дека дури и ако е задоцнето, добро е што конечно се адресираат овие проблеми во образовниот систем.

„Факт е дека има насилство, булинг во училиштето и ретко се зборува јавно за оваа проблематика. Треба да се охрабрат учениците и јавно да се говори за вакви појави, но и да се преземаат мерки за да се спречи“, коментира Неделков.

Тој смета дека освен институциите на системот, одговорност за однесувањето на децата во училишната средина треба да понесат и нивните родители.

Владата на Македонија истовремено препорача основните и средните училишта низ државата да одржат средби со сите родители за да се избегнат насилни инциденти и да се зголеми безбедноста во училиштата.

„Оној дел на кој што мораме да се посветиме и недостасува во училиштата е воспитната компонента на која мора сите да поработиме“, нагласува Неделков.

Заборавивме да растеме среќни деца

Моника Андревска, мајка на две малолетни деца, за Радио Слободна Европа вели дека динамичниот живот ја сведе на минимум комуникацијата меѓу децата и родителите, заменувајќи ја со социјалните мрежи. Таа нагласува дека токму тука лежи опасноста бидејќи комуникацијата на социјалните мрежи го шири проблемот и на некој начин го отежнува решавањето.

„Во потрагата по успешни деца, заборавивме да градиме среќни деца. Треба да се фокусираме на суштинските прашања за тоа како децата го поминуваат денот на училиште, и од дебатата во овој момент да научиме дали децата имаат проблем или не и да се посветат на негово решавање. Многу поважно е како се чувствувале во училиште отколку оценките што ги добиле“.

Ограничување на телефоните - тешко во дигитална ера

Една од предлог мерките предвидува и протоколи за користење на мобилните телефони.

„Владата им препорача на општините и на градот Скопје да ги ангажираат директорите на основните и средните училишта, да организираат и воспостават протокол за користење на мобилни телефони од страна на учениците и наставниците, за време на часот, но и во училишните простории“, е една од предлог-мерките на Владата.

Министерот за образование Јетон Шаќири веќе најави дека е можно е и да се ограничи користењето на социјалната мрежа Тик–Ток во основните и средните училишта, а во игра е и евентуална„забрана“. Но се уште нема таква одлука.

Дел од експертите за комуникациски науки истакнуваат дека во дигитална ера тешко е да се забрани користењето на уредите. Прашањето е како да се користат.

„Ако мобилните телефони се користат во наставата без да бидат употребувани за таа цел се бескорисни, значи ако се користат за играње, допишување на социјални мрежи тие се проблематични“. вели Бојан Кордалов.

Но нагласува дека постојат можности уредите да се користат за развој на знаењето и без комуникација меѓу децата, која често ескалира и во сајбер булинг.

„Уредите треба да се користат за потребите на образовниот процес и она што според мене треба да го направат надлежните е да направат правилник со насоки за овие уреди кои што ги имаат децата за време на часовите се користат за полесно совладување на наставата, за следење на практични видеа и други дигитални платформи каде што учениците ќе се надоградуваат за време на наставниот процес“, додава Кордалов.

Во образованието недостига воспитната компонента

Претседателот на синдикатот на наставниците, Неделков пак смета дека треба да се размисли за ограничување на одредени адреси и селекција на содржините по социјалните мрежи.

Како клучна ја истакнува и воспитната компонента во образовниот процес која вели сега изостанува.

„Мораме и ние како практичари, наставници и институции да обрнеме внимание и на воспитната компонента во образвониот процес, да не се работи само на образовната компонента. Образованието да не побарува само оценка и сите да бидат насочени само кон добивање петка“, заклучува Неделков.

Што препорача МОН ?

Владата на вчерашната седница усвои десет препораки за училиштата кои треба да ги спроведат директорите, општините, меѓуопштинските центри за социјална работа, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, а целта е да се превенира меѓуврсничкото насилство и учениците да го сметаат училиштето за безбедно место. Но сите тие прво треба да допрат до учениците, да разговараат за нивните проблеми за да не дојде до насилен инцидент.

Според препораките на МОН, треба да се отворат дискусии и дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците. Сите училишта во Македонија да одржат состаноци со сите родители на тема како училиштата и дворовите да станат побезбедни.

Инфографика - Владини препораки за училиштата, локалните власти и надлежните државни институции за безбедност во училиштата
Инфографика - Владини препораки за училиштата, локалните власти и надлежните државни институции за безбедност во училиштата

Овие препораки кои ги соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека стапуваат во сила веднаш.

„Општините, во соработка со центрите за социјални работи да формираат стручни тимови кои ќе разговараат со секое дете. Стопирањето на употребата на мобилни телефони на час ќе поттикне повеќе дискусија и размена на идеи“, рече меѓу другото Шаќири.

Министерот вели дека сетот препораки кои се наменети за училиштата се усвоени во овој, како што рече, исклучително сензитивен период кога треба да се реагира правилно за да се превенира меѓуврсничко насилство. Препораките се дел од дискусиите кои претставници на МОН ги одржаа со експерти за спречување на насилството и зголемување на безбедноста во училиштата, а беше консултиран и Сојузот на средношколци и нивните предлози за подобрување на менталното здравје на учениците влегоа во овие мерки.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG