Достапни линкови

Во Битола се помлади пациенти со тешка клиничка слика


Модуларната болница во Битола

Во Ковид- центарот во Битола сите хоспитализирани пациенти се со тешка клиничка слика, а возрасната граница се спушта се подолу. Лежечките пациенти се од 25 до 50 години, а амбулантски се лекуваат и шеснаесетгодишници

„Имаме голем наплив на пациенти со тешка клиничка слика. Во Ковид-центарот во Битола веќе нема пациенти кои се полесни, туку сите се со многу тешка клиничка слика, на кислородна поддршка, со тешки воспалителни процеси на белите дробови. За жал, имаме се помлади пациенти, најголемиот број болни кои се сместени во Ковид-центарот се на возраст од 25 до 50 години, а амбулантно да се лекуваат доаѓаат и помлади лица. За жал, имаме многу тешки случаи и во некои случаи нашите преземени терапевтски мерки не покажуваат клинички ефект, па во последните денови имаме и многу смртни исходи “, вели д-р Ели Димитровска, инфектолог во Ковид-центарот.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски ја посочи Битола деновиве како најголемо жариште на ковид-19 затоа што базичниот репродукционен број R0 кој покажува колку лица може да зарази еден заболен, изнесува 1,48 и е највисок во државата. Во Болницата дневниот биланс на хоспитализирани е околу 120 лица, а новозаразени последниве денови секојдневно има околу стотина.

„Ковид- центарот во Битола функционира со 170 кревети со што го покриваме целиот регион. За жал, кадарот е преуморен и ние се соочуваме со недостиг на кадар. Многу е лесно да се обезбедат креветите, но некој треба да ги лекува пациентите. Болницата почнува да функционира итно и ургентно. Се примаат итни и ургентни состојби, да не доаѓаат граѓани ако немаат вистинска и итна потреба од тоа во овој период, да ги издржиме следните три недели“, рече директорката на Болницата Билјана Гагачовска.

Според Министерот за здравство Венко Филипче, „системот на модуларни болници има 19 објекти во 16 општини, а во Битола се три објекти што го прави битолското Ковид одделение најголемо во државата за да одговори на потребите согласно со бројот на жители и пациенти од регионот кои се лекуваат во оваа болница“.

Пет поенти за третиот ковид бран
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:53 0:00

Градоначалничката Наташа Петровска вели дека во овие тешки моменти совеста и свеста на граѓаните е клучна.

„За жал, сите ние сме сведоци дека уште има граѓани кои се движат низ улиците и не ги почитуваат мерките, не носат маски. Од СВР Битола казни се изрекуваат, но совеста и свеста на сите останува клучна“, рече таа.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG