Достапни линкови

Волјата клучна во борбата против дрогата


Патот на одвикнување од дрога е тежок, но не и невозможен
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:41 0:00

Патот на одвикнување од дрога е тежок, но не и невозможен

За оној кој длабоко зачекорил во светот на дрогата, враќањето во реалноста претставува вистински предизвик и макотрпен процес. Но, за да се победи злото кое се јавува во разни форми на наркотици, пресудна е волјата и одлучноста да се истрае на тој пат.

Триесетина километри од градот Кавадарци, на надморска височина од 660 метри, се наоѓа селото Конопиште. Токму таму, во падините на планината Кожуф е сместен Центарот за згрижување и лекување на зависници Нарконон. Во него во моментов престојуваат 11 зависници, кои како и оние што успешно ги напуштиле вратите на Центарот, се надеваат дека засекогаш ќе се ослободат од дрогата.

„Јас првпат пробав марихуана во средно. Живеев во Америка и таму беше многу нормално да се пуши трева, после почнав од љубопитство да пробувам појаки дроги, како екстази, кокаин и сл. Подоцна бидејќи не бев способна да се справам со проблемите, ми излезе ситуација во која сретнав некои луѓе кои земаа хероин, па и јас иако од почеток не сакав, после пробав и неколку години продолжив да земам хероин“, вели Теодора Жигиќ, која за една недела треба да го напушти Центарот како рехабилитирана.

Слична е приказната и на 22- годишниот Мислим Дурмишовски од Кичево. По успешната рехабилитација, тој останал да работи во центарот, како еден од волонтерите кои несебично ја пружаат својата помош на оние кои поминуваат низ пеколните фази на одвикнување.

„Табу темата дека се почнува со марихуана, а се завршува со појаки дроги беше и кај мене случај. Марихуаната веќе не претставува задоволство, па нема врска која дрога ќе ја исконзумираш, само да се надокнади долпаминот. Не можев да си изнајдам задоволство во нормалниот живот и сето тоа премина во користење на кокаин, екстази, амфетамини и сл. Овие дроги нанесоа доволно штета кај мене, проблеми дома, непреспани ноќи и загриженост на моите, проблеми секаде“, вели Дурмишовски.

Овој центар постои веќе 15 години, а неговата програма досега успешно ја поминале 168 студенти, како што тука ги нарекуваат лицата кои се на рехабилитација. За успешно завршување на програмата Нарконон потребни се пет до седум месеци, велат од Центарот.

„Кај нас она што е поразлично е тоа што ние не ги лекуваме, односно не ја заменуваме дрогата со други лекарства, односно еден вид зависност не го заменуваме со друг. Кај нас доаѓаат луѓе кои се волни да ја завршат програмата, која е чекор по чекор и е направена врз база на истражувања, вели извршната директорка на Нарконон, Александра Јокиќ.

Пред самиот почеток на програмата постои делот на апстиненција, каде се пијат одредени витамини, минерали, се пијат напитоци, имаат 24-часовна грижа, а лицето полека-полека се одвикнува од зависноста. По завршувањето на овој дел почнува официјално Нарконон програмата. Првиот дел е прочистување на телото преку сауна, потоа се одредени комуникациски вежби кои го носат лицето во реалноста и вистинскиот свет, со цел да ја види во ново светло, а не така како што ја замислува во својот свет.

За безбедноста на Центарот се грижи малиот Марти. „Кучето трагач“ кое неколкупати на ден го тренираат за да открие доколку некој се обиде да внесе каква било наркотична супстанција или лекови во Центарот.

Но, рехабилитацијата не завршува откога ќе се исчисти телото и направат вежбите. Целта на Нарконон програмата е луѓето да останат ослободени од дрога за цел живот. Сепак, упатените велат дека не постои целосна гаранција дека оној кој ја завршил програмата, нема никогаш веќе да и се врати на дрогата.

„Тоа е нормално да се случува, постојат одредени поединци кои се откажуваат на некој дел од програмата. Ова е своеволна програма. Не е затвор, не е болница, нема решетки, се е од отворен тип. Тука доаѓаат студенти кои се волни да ја прават програмата, има и такви кои заминуваат бидејќи имаат некакви скриени намери поради кои дошле тука, но вистински волните остануваат до крај бидејќи имаат намера да ја надминат секоја потешкотија“, вели Раде Јокиќ, супервизор и поранешен студент на програмата Нарконон.

Но, Теодора и Мислим немаат дилеми дека заслужуваат нов почеток. Уверуваат дека се цврсто решени да и кажат „не“ на дрогата, засекогаш.

„Воопшто не се плашам, за таа тема. Се чувствувам сигурна во себеси. Ги практикувам вежбите и работите кои ги научив тука. Сакам да си одам во Америка, имам и ќерка, да си ја земам и полека-полека да почнам да си го градам животот“, вели Жигиќ.

„Потполно сум сигурен. Знам кој начин на живот го живеам сега, знам со кои концепти во врска со животот сум сега и тие цели немаат ни блиску дрога и некаков токсин во нив. Ги елиминирав цигарите во мојот живот, едноставно со рехабилитацијата заглавив во едно подобрување на самиот себеси. Видов дека најдобриот проект некогаш што ќе го имаш си самиот ти“, вели Дурмишовски.

Во меѓувреме, бројот на зависници постојано расте и тешко е да се определи точниот број. Од Центарот велат дека старосната граница на зависниците се намалува, а загрижува сè поголемиот број млади кои посегнуваат по дрога или алкохол. Алармантно е и тоа што расте појавата на нови лекови, дроги и супстанции кои никогаш порано не биле познати за јавноста, а кои пак прават многу повеќе штета од веќе познатите дроги.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG