Достапни линкови

Заев најави европски план во 10 точки, за ВМРО-ДПМНЕ тоа се стари ветувања


Македонскиот премиер Зоран Заев најави владин план именуван Акција 21
Македонскиот премиер Зоран Заев најави владин план именуван Акција 21

Премиерот Зоран Заев најави план именуван Акција 21- за европски стандарди дома. Овие најави кои следуваат по неуспехот на европскиот интеграциски пат, за ВМРО-ДПМНЕ се стари четири години.

По неуспехот на земјава да ги почне преговорите со Европската унија месецов поради бугарската блокада, премиерот Зоран Заев најави акциски план за европски реформи дома. До ова доаѓа откако минатата недела стана јасно дека официјална Софија не се откажува од блокадата на македонскиот евроинтеграциски пат, со низа тврдења дека Скопје го прекршува Договорот за пријателство од 2017 година. Дел од барањата се оценува дека задираат во македонскиот идентитет, особено оние поврзани со јазикот и историјата.

„Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние, и како држава, и како Влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек", рече Заев.

Тој наброја десет приоритети- прочистување на правосудството, борба против корупцијата, заштита на животна средина, запирање на ширењето на ковид19 и опоравување од последиците, поддршка на индустријата за одгледување канабис за медицински цели, нова македонска енергетика, спроведување на пописот, стоп за дезинформациите и образовната реформа.

ВМРО-ДПМНЕ- само планови, без реализација

На дел најави од планот реагираше Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ. Само планови, а никаква реализиација, рече таа од партиското седиште, наведувајќи дека плановите кои ги кажал премиерот биле истите кои ги ветувал во 2017 година, за да дојде на власт но не ги реализирал.

„По плановите 3-6-9 и 18 сега имаме и План 21. Само планови, а никаква реализација“ рече Димитриеска Кочоска.

Инаку, Владата во претходните години излегуваше со планови за европски реформи именувани како План 3-6-9 поврзан со европските реформи кои треба да се реализираат по тромесечја, а по неговото завршување во 2018 година почна со реализацијата Планот 18 исто така посветен на неопходните европски реформи.

Не сме се разбудиле 1944 како Македонци

Но, она што е ново во последнава половина година се заострените односи со Бугарија па премиерот рече дека дека продолжуваат разговорите за наоѓање на решение и дека се надева дека до првата половина на 2021 година во многу порелаксирани околности ќе може да се најде решение.

И покрај пораките од бугарските политичари, кои и деновиве повторуваа дека Македонците и Бугарите се исто, а дека македонскиот јазик не постоел до 1944 година, Заев рече дека не се откажуваат од понудата источниот сосед, како земја партнер во НАТО да го чува македонското небо.

„1943 на 31 декември македонските граѓани не си легнаа како Бугарија и се разбудија на 1 јануари 1944 како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад, се чувствувале Македонци и се чувствуваат Македонци. Тоа е нашиот директен одговор“, вели Заев.

Легализација на марихуаната идната година

Од другите приоритети што ги спомена, премиерот рече дека во 2021 планираат да обезбедат декриминализација и депенализација на канабисот за мали количини за лична употреба, оти како што рече „не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде низ светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност“.

За образовните реформи кои ги најави министерката за образование Мила Царовска Заев рече дека ќе продолжат нагласувајќи дека учениците и натаму ќе учат и историја, географија, хемија, биологија, но и нови содржини како медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, часови по хигиена. Оваа најавена реформа предизвика силни реакции во јавноста поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG