Достапни линкови

Светски медиуми: оставката на Заев и несигурната владина коалиција


Зоран заев и Петре Шилегов на прес конференција по вториот круг на локалните избори, 31.10.2021.
Зоран заев и Петре Шилегов на прес конференција по вториот круг на локалните избори, 31.10.2021.

Објавата на премиерот Зоран Заев дека поднесува оставка по лошите резултати на неговата партија на локалните избори, според светските медиуми, дојде и по неколкумесечната намалена негова популарност. Се оценува дека ова може да влијае и врз несигурната владина коалиција.

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев во неделата поднесе оставка откако неговата партија загуби во вториот круг од изборите за градоначалник во неколку градови во земјата, вклучително и во главниот град Скопје, јави новинската агенција Ројтерс, која ја пренесува неговата изјава дека ја презема одговорноста за поразот. Ројтерс додава дека Заев останува на ставот дека е против предвремени избори.

СДСМ поразена, Заев поднесе оставка
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00

Агенцијата наведува дека, според законот, коалицијата може да договори друг кандидат за премиер и да формира влада без ново гласање.

Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повика на предвремени избори, наведува Ројтерс, потсетувајќи дека во минатата година, на парламентарните избори, партискиот сојуз предводен од социјалдемократите на Заев забележа тесна победа пред ВМРО-ДПМНЕ.

Кого мотивира Заев со изјавата за оставка вмровците или сдсмовците?

Заев ја предводеше владата на поранешната југословенска република од 2017 година и ја постави земјата на пат кон членство во ЕУ со тоа што се согласи да додаде „Северна“ на нејзиното име.

Тоа, како што наведува Ројтерс, го реши деценискиот спор со Грција, која го сметаше името Македонија како закана за нејзината истоимена провинција и го блокираше влезот на својот сосед и во ЕУ и во НАТО.

ЕУ сѐ уште нема дадено зелено светло за преговори, пишува оваа новинска агенција која ја пренесува и изјавата на Флоријан Бибер, експерт за Балканот од Универзитетот во Грац, кој на Твитер напиша дека поразот на партијата на Заев на изборите за градоначалник „делумно бил самонанесен (лоша кампања, стагнирачки реформи) и поради неуспехот да се достигне ЕУ.

„Нема јасен наследник и дали новиот премиер ќе има моментум за повторно да започне сериозни реформи?“, напиша Бибер.

Новинската агенција Франс перс пак наведува дека шокантната објава на Зоран Заев дека поднесува оставка по лошите резултати на неговата партија на општинските избори уследи по неколкумесечната намалена популарност на премиерот додека се борел да ја одржи економијата на земјата на вистинскиот пат среде спротивставените ветрови на пандемијата и заглавените разговори за можното пристапување во Европската унија.

СДСМ во битка за власт сee страв од ВМРО-ДПМНЕ

„Донесов слобода и демократија, а демократијата значи преземање одговорност“, ја пренесува Франс прес изјавата на Заев кој, како што додава, понудил неколку детали или временска рамка за тоа кога ќе поднесе оставка - потег што мора да биде одобрен од парламентот.

Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која постигна големи победи на локалните избори, вклучително и во главниот град Скопје повика на предвремени парламентарни избори, јавува агенцијата која ја цитира изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски:

„Власта е делегитимирана и тоа е новата реалност што со текот на времето ќе се манифестира во парламентот. Сепак, најдобро е тоа да се случи преку предвремени парламентарни избори“.

Франс прес потсетува дека Заев беше избран за премиер во 2017 година по 10 години десничарско владеење предводено од моќникот Никола Груевски чија влада ја потресе огромен скандал со прислушувањето што го откри Заев.

Во 2018 година, Заев склучи тежок договор со Атина за додавање на географската ознака „Северна“ на официјалното име на земјата за да се разликува од грчката провинција Македонија. Промената на името беше предуслов да се отвори патот за можно членство во ЕУ.

Што по оставката на Заев?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:08 0:00

Сепак, како што наведува Франс прес, земјата оттогаш се соочи со закани од Бугарија дека ќе го блокира почетокот на разговорите при што Софија го оспорува потеклото на македонскиот јазик, нарекувајќи го бугарски дијалект. Двете земји, исто така, полагаат право на одредени историски настани и личности, главно од отоманската ера.

Беса, ДОМ, ЛДП и други партии тврдат дека остануваат во владината коалиција

Франс прес наведува и дека владината коалиција, поврзана со најголемата партија што го претставува етничкото албанско малцинство, продолжува да има мало мнозинство во парламентот.

Оваа новинска агенција наведува и дека Заев потекнува од источниот град Струмица, каде што неговото семејство е еден од најголемите производители на ајвар во земјата.

Тој влезе во политиката во 2003 година, а по три мандати како градоначалник на неговиот роден град стана и лидер на социјалдемократите во 2013 година.

Даниела Арсовска
Даниела Арсовска

Германската новинска агенција ДПА во веста за оставката на Заев наведува дека тој важел за прозападен реформатор и оти ова го ветил доколку неговата партија има слаби резултати во главниот град Скопје.

Агенцијата додава дека кандидатот на опозицијата за градоначалник во Скопје, Данела Арсовска, победи на вториот круг од изборите во неделата пред актуелниот претседател Петре Шилегов од партијата на Заев.

Арсовска се кандидираше како независен со поддршка на конзервативната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Лошото претставување на партијата може да влијае и на несигурната коалиција на Заев, предупредуваат набљудувачите, пишува ДПА, потсетувајќи дека со ДУИ која ја претставува етничката албанска заедница, СДСМ на Заев има само 62 од 120 места во парламентот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG