Достапни линкови

Влада, лажни вести и лажни деманти


илустрација

Демантите од институциите не може да се сметаат како апсолутна вистина во борбата против лажните вести, но неуверливите тврдења на официјални претставници, кои потоа се покажуваат како неточни, ја намалуваат довербата во нив со што борбата против дезинформациите станува потешка.

Владата се дискредитира себе си во уште непочнатата, но најавена борба против лажните вести. Со неуверливиот демант, и покрај бројните видео-снимки и сведоштва, дека поддржувачи на власта скандирале „северна, северна“ на Илинденската прослава во Крушево и тврдењата дека се работи за монтажа, се доведува во прашање кредибилитетот на секоe идно тврдење на владата.

Дел од порталите блиски до опозицијата објавија видео снимки од илинденската прослава на кои се слуша како група граѓани скандираат „северна, северна“. Според нив, скандирале членови и активисти на СДСМ, како одговор на друга група која скандира „Никогаш северна, само Македонија“. Посебниот советник за односи со јавноста на премиерот Зоран Заев, Марјан Забрчанец, на Фејсбук одговори дека се работи за „срамна монтажа“, но не посочи кој монтирал и што. Сепак, владата како институција воопшто не се огласи за случајот.

До објавувањето на овој текст, не успеавме да стапиме во контакт со Забрчанец.

Но, во меѓувреме на порталите и на социјалните мрежи се појавија уште десетина видео-снимки и сведочења, кои покажуваат дека имало такво скандирање. Новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салиу, на Твитер објави видео-снимка од Крушево која го демантира тврдењето на Забрчанец. Една помала група со патриотска иконографија почна да скандира „Никогаш северна, само Македонија“, на што овие другите почнаа да возвраќаат скандирајќи „северна“, вели Салиу.

„Се гледаше дека тие се поддржувачи на власта и на СДСМ, затоа што скоро сите беа исто облечени, во бели маици со слоганот на годинашната прослава, а беше многу лесно да се препознае дека се поддржувачи на власта, затоа што некои од тие лица веќе ги имам видено во штабот на СДСМ кога победи Стево Пендаровски“, раскажува Салиу.

Тој посочува дека пречестата употреба на терминот „лажни вести“ од страна на владини функционери ја нарушува и онака слабата доверба на граѓаните кон медиумите.

„Еве потфрлија само една недела откако го објавија планот. Мислам дека тие прво треба да го средат хаосот што се случува внатре во владата околу ПР тимот на премиерот, па потоа да се обидеме да го средиме и медиумскиот простор“, вели Салиу.

Директорката на Високата школа за новинарство и односи со јавност, Жанета Трајкоска, вели дека, како читател, сè уште не може да утврди што точно се случило во Крушево. Ние излегуваме од еден долг период во кој бевме бомбардирани со лажни вести, спинови, манипулации и пропаганда и на многу работи реагираме „на прва“. Ако снимките се монтирани, тоа е срамота, но ако не се, тогаш владината служба мора да се извини. Не верувам дека демантот на владините претставници бил злонамерен, туку едноставно не им се верувало дека такво нешто може да се случи, вели таа и ги повикува да ја утврдат фактичката состојба.

„Ако се утврди дека навистина имало луѓе коишто скандирале „северна, северна“, тогаш, не навлегуваме во нивната психологија, но мораме да кажеме згрешивме, ѝ се извинуваме на јавноста. Во секој случај, доколку не се расчисти оваа ситуација до крај, тоа ќе остане како една дамка“, вели Трајкоска.

Пред месец и половина министерот без ресор Роберт Поповски демантираше текст на ИРЛ дека ги советувал министрите да избегаат и да не даваат изјави. ИРЛ одговори дека има повеќе сведоштва дека тоа се случило.

Пред десетина дена емисијата 360 степени објави дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева наредила бришење на компјутерите во СЈО. Институцијата демантираше, а веста на 360 беше прогласена за лажна, но подоцна се утврди дека навистина било наредено бришење на компјутерите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG