Достапни линкови

Владин план против дезинформации или вовед во цензура?


Прес-конференција на премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска во Владата го презентираше предлог планот за како што порача, одлучна акција против ширењето дезинформации и против напади врз демократијата. Со планот се предвидени безбедносни и проактивни мерки.

Владата со акциски план ќе се бори против ширењето дезинформации и против нападите на демократијата преку безбедносни и проактивни мерки, најави премиерот Зоран Заев на прес-конференција. Безбедносните мерки се однесуваат на комуникациите на самата Влада и премиерот, а со проактивните мерки е предвидена внатрешна кампања за вработените во институциите, нова стратегија за транспарентност, акциска група за борба против дезинформации и национална стратегија за медиумска писменост. Владата планира и воспоставување јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани за следење на нејзината работа, модел на поддршка за продукција на медиумски содржини и едукативни програми, како и соработка со организациите кои се бават со проверка на фактите и регистар на изворите кои шират дезинформации. Воедно Владата на својата интернет страна ќе објавува и одговори на прашања на медиуми и граѓани.

„Согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, владата изработува акциски план за справување со дезинфромациите и нападите врз демократијата на системско ниво со цел да се зајакне националната безбедност и сигурноста на граѓаните“, рече Заев.

Марјан Забрчанец од кабинетот на премиерот истакна дека не станува збор за едуцирање на новинарите.

„Токму така не станува збор во никој случај за едуцирање на новинарите како да известуваат, туку за спроведување на стандардите на новинарската професија и во оваа куќа и во рамки на оваа институција, односно следење на стандардите на новинрската професија за време на владините настани“, рече Забрчанец.

Според Забрачанец, станува збор за предлог план по кој ќе следат консултации со сите чинители, вклучително медиумите и медиумските организации. Во однос на тоа од каде ќе се обезбедат пари за акцискиот план, Заев истакна дека сите институции и владата имаат соодветен буџет и пари.

„Ние веруваме дека тоа не е некој пакет на средства, ако низ самите процедури се покаже дека е потребно дека навистина треба да се алоцираат специјални програми за тоа и тоа ќе го направиме. Така што стартуваме со програмата и дефинитивно имаме средства“ додаде Заев.

И тој посочи дека под раководство на министерот за комуникации, транспарентност и отчетност ќе се разговара со фелата, со новинарите, медиумите и со сите останати за одржливост на медиумскиот простор.

Веднаш со реакција се јави ВМРО-ДПМНЕ, во чие соопштение, меѓу другото, се вели:

„Зоран Заев, синонимот за лаги и дезинформации, се обидува да воведе цензура на медиумите кои не размислуваат како него.

Денешната прес конференција е само уште една потврда дека слободата на говор во Македонија е загрозена, а медиумите се соочуваат со уцени, закани и цензура од власта. Јасно е дека планот на Зоран Заев предвидува преку обвинувања за лажни вести да се покријат сите скандали, афери и криминали кои секој ден излегуваат.

Зоран Заев со лаги и дезинформации дојде на власт. Секоја негова лага и дезинформација сега се открива. Затоа е Заев во паника и се обидува да ги заплаши и цензурира медиумите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG