Достапни линкови

Владата најавува систем за плати, синдикалците не можат да чекаат во скапотијата


Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Дарко Димовски и министерката за труд и социјала Јованка Тренечевска

Министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска најави воспоставување систем за раст на платите во јавниот сектор. Синдикалците бараат покачување веднаш, зашто економската и енергетска криза ги притиска вработените.

Синдикалците дојдоа на протест пред Министерството за труд и социјала, министерката ги покани да влезат на средба. Таа вети дијалог, но не и прифаќање на нивните барања.

Сојузот на синдикати на Македонија излезе на протест пред Министерството во рамки на генералниот штрајк во администрацијата. Тие бараат линеарно зголемување на платите на административците за 2806 денари и исплата на К-15 во висина од 30 до 100 проценти од платата.

Синдикалците потсетуваат дека им било ветено покачување на платите со ребалансот на Буџетот, но сега власта не предвидува пари за зголемување на платите.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски изјави дека кај власта нема никаков слух за нивните барања. Тој рече дека процесот на помирување заврши без резултат, а со помирувачот се сретнале само еднаш.

„Кажано беше нова методологија, реформи итн. По основ на нашето барање, ништо не беше кажано. ССМ имаше барање на маса, другата страна дојде со рацете во џеб, да нè убедува дека не треба да се штрајкува. Не, еве штрајкуваме, протестираме и понатаму ќе продолжиме“, рече тој.

Министерката Јованка Тренчевска излезе пред демонстрантите и рече дека решенијата ќе се носат преку социјален дијалог. Таа најави почнување на дијалогот за нов општ колективен договор и воспоставување систем кој ќе гарантира раст на платите во јавниот сектор.

„Она што на последната средба со Синдикатот го презентираше владата е почнување на изработка на нов закон за платите во јавниот сектор, кој ќе направи систем на плати и нема да има вакви неправилности и неправди помеѓу вработените во јавниот сектор. Процесот на подготовка на новиот општ колективен договор е започнат и да го заокружиме и К-15 до крајот на 2022 година за јавниот сектор“, рече Тренчевска.

Откако минатата недела не беше прифатен амандманот на ССМ во собраниската Комисија за финансирање и буџет, Претседателството на ССМ организираше протести пред Владата и Собранието, а во понеделникот наутро три часа ја блокираше крстосницата во Автокоманда на влезот во Скопје, со што илјадници граѓани беа спречени да дојдат навреме на работа.

Синдикалците велат дека работниците веќе не можат да ги издржат ценовните шокови, поскапувањата на храната, бензинот и најавеното поскапување на струјата и не можат да чекаат да се донесат системски решенија зашто пари им требаат веднаш.

„Ако тие имаат проблем и ние имаме проблем, согласно економската криза, двоцифрената инфлација, енергетската криза, дури и најавеното покачување на струјата за над 10 проценти“, рече Димовски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими минатиот месец објави колумна во која најави нова методологија со која ќе се прилагодат платите во целиот јавен сектор, но и ќе се вреднува продуктивноста. Платите може да се покачат кога ќе се донесе методологијата.

Сојузот на синдикати стапи во генерален штрајк на 22 јуни. Вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места, но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните. Освен штрајкувањето на работните места, ССМ најави и други форми на синдикален притисок и протести на улица.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG