Достапни линкови

Владата е за дијалог со СОНК кој бара поголеми плати и се заканува со штрајк


Од Министерството за труд и социјална политика велат дека се отворени за дијалог со СОНК за покачување на платите во образованието. Штрајкот, кој го најави СОНК, како што велат, не е мерка во услови на економска криза. СОНК утре ќе одлучува за следните чекори.

Министерството за труд и социјална политика се уште не започнало социјален дијалог со СОНК откако оттаму се заканија дека ќе започнат штрајк или протест доколку не се зголемат платите во образованието и градинките. Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела вели дека со СОНК имале еден состанок на којшто разговарале околу усогласувањето на платите, меѓутоа не започнале социјален дијалог за да интервенираат во колективниот договор.

„Штрајкот е легитимност на Синдикатот, меѓутоа не е мерка во услови на економска криза. Треба да започнеме и Владата е спремна да го отвори општиот колективен договор за јавниот сектор, да го отвориме како Министерство колективниот договор за детска заштита, да преговараме, тој процес трае, не е работа којашто се решава за еден ден. Треба да го отпочнеме колективниот договор и како Влада сме расположени да разговараме со Синдикатот за усогласување и на останатите плати со минималната плата, особено како Министерство во делот на детската заштита, меѓутоа треба да се седне со СОНК, со синдикатите коишто се репрезентативни во делот на детска заштита и да дојдеме до заедничко решение коешто ќе биде најдобро и за синдикатите, односно за работниците и за Министерството за труд и социјална политика“, вели Тренчевска.

Минималната плата, почнувајќи со мартовската треба да изнесува 18 илјади денари. И претседателот на СОНК, Јаким Неделков на прес-конференција рече дека имале само една протоколарна средба со министерството без посериозни разговори во делот на усогласување на платите во дејноста детската заштита.

„Десет различни работни позиции согласно колективниот договор се поистоветуваат, за десетина, петнаесет дена ќе земаат иста плата. Во основното образование се работи за 5 работни позиции со различни коефициенти и различна сложеност на работни места ќе земаат иста плата и во средно образование 4 работни позиции со различни коефициенти ќе земаат иста плата“, рече Неделков.

Тренчевска додава дека особено во делот на детска заштита со реформите во 2019 година, измените и дополнувањето на Законот за детска заштита, платите на вработените во секторот, односно во предшколското образование биле зголемени над 22 отсто.

„Имаат релативно добри плати и воспитувачите и негувателите и целиот кадар којшто работи во детските установи“, посочува таа.

Неделков рече дека го ценат социјалниот дијалог и се додека не се исцрпат сите синдикални средства ќе се обидат да најдат заеднички јазик со надлежните институции. Според него, револтот кај членството е огромен. Утре, како што информира Неделков, ќе заседава Советот на СОНК и ќе бидат донесени заклучоци за идни чекори кои ќе ги преземат. Најверојатно, според него, ќе се донесе одлука за протести или штрајк.

„Ова ние што го правиме, практично го правиме или отвораме врата можеби на системско решавање на овој проблем во целиот јавен сектор. Тоа е и по нас најисправно да се донесе решение за целиот јавен сектор, а не селективно да се гасат пожари во една дејност, друга или трета. Проблемот е сериозен и не треба да се става под тепих, кога и да е ќе ескалира“, додаде тој.

Од СОНК соопштија дека не ја знаат точната сума што е потребна за усогласување на платите во образованието, но, според нив, таа е „нешто повеќе од потрошените средства за набавка на автомобили минатата година“.

На прашање зошто СОНК не е на иста линија со Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Неделков одговори дека ССМ не бил заинтересиран за усогласување. Од ССМ реагираа дека Неделков 10 години е на чело на СОНК, а нема ништо направено за вработените во образованието. Од ССМ велат дека тие со нивните активности обезбедиле највисока измена на минималната плата.

Неделков најави дека последна шанса за договор е и претстојниот состанок на Економско социјалниот совет во Владата кој ќе се одржи следната недела, а со кој ќе заседава премиерот Димитар Ковачевски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG