Достапни линкови

Виси пратеничкиот мандат на Груевски, но и на Богоевски?


Седница на Собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања

Собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања расправа за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски, кој по бегството во Унгарија, повеќе од шест месеци не присуствува на собраниските седници. За одземање на мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници.

Собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања денеска одржува седница на која се расправа за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски, кој повеќе од 6 месеци е неоправдано отсутен од собраниските обврски. Според Деловникот за работа на Собранието, на пратеник кој шест месеци неоправдано отсуствувал од седниците, може да му биде одземен мандатот, но за тоа е потребно двотретинско мнозинство.

Претседател на собраниската комисија е Павле Богоевски кој во последниот период е мета на јавноста поради аудио снимка, според која критичката јавност тврди дека тој нарачувал забранети супстанци. Во меѓувреме, истрага за случајот отворија МВР и ОЈО. По објавата, Богоевски снимката ја поврза со комисиската расправа за одземање на мандатот на Груевски.

Инаку, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ најверојатно нема да гласаат за одземање на мандатот на нивниот сопартиец.

„Не можам да му одземам нешто што не сум му дал“, одговори пратеникот Емил Димитриев на прашање како ќе гласа тој за предлогот за одземање на мандатот на Груевски, иако не сакаше да говори во име на целата пратеничка група, истакнувајќи дека ова е негов личен став.

Неизвесно ќе биде однесувањето на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние кои беа исклучени од партијата откако гласаа за уставните измени поврзани со Преспанскиот договор. Неодамна од таму изјавија дека не разговарале на таа тема и сè уште немаат став како ќе гласаат.

Собранието и на почетокот на ноември минатата година се обиде да му го одземе мандатот на Груевски, тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“, но немаше двотретинско мнозинство. За одземање на мандатот на Груевски тогаш гласаа 58 пратеници од потребните 80. Груевски потоа избега во Унгарија, каде што доби политички азил, а Собранието одлучи да не го води како оправдано отсутен и му ја намали пратеничката плата за 5 отсто.

По бегството на Груевски во ноември минатата година, Обвинителството најави истрага, но јавноста остана покуса за информации како избегал и дали некој од земјава му помагал во бегството.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG