Достапни линкови

„Вечни“ партиски директори


Владата разрешува, прифаќа оставки и прави ротации во третиот ешалон. Некои од нив се стари имиња на нови функции, други се директори кои станаа пратеници, па пак се враќаат на старото место. Законот со кој би се бирале директори по професионални заслуги се уште е заглавен во Собранието.

Ротации на директори од една во друга државна агенција или биро, вечни директори кои смениле и по неколку претпријатија, партиски лица кои смениле по неколку функции. Вака некако изгледа третиот ешалон во државата, чии директори во изминатиот период ги предлага Владата. Деновиве на седница на Владата се разрешуваат директори, се прифаќаат оставки за на следната седница некој од тие директори да седне во друга директорската фотелја.

Сања Лукаревска даде оставка од директорското место во Управата за јавни приходи (УЈП) за да стане пратеник, потоа си даде оставка од пратеничкото место за да се врати во УЈП како В.Д директор. Пратеникот Бајрам Реџепи од ДУИ си даде оставка од Собрание, по што е избран за член на Одборот на директори на Акционерско друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје во државна сопственост. Тој пред да стане пратеник беше директор на Национални енергетски ресурси (НЕР).

Билјана Јовановска си даде оставка од функцијата директор на Агенцијата за вработување, а веќе на следната владина седница е именувана за В.Д. прв човек на Фонд за пензиско осигурување. Борче Хаџиев од директор на Фонд за осигурување на депозити ќе биде директор на Бирото за јавни набавки. Досегашниот прв човек на Пошти, Ејуп Рустеми ќе биде директор на ЈП Македонски патишта.

Андреј Жерновски беше пратеник, па градоначалник на Општина Центар, по завршување на мандатот ја извршуваше функцијата заменик министер за надворешни работи, а сега неговото име се спомнува како директор на ЈП за Железничка инфраструктура.
И за Јани Макрадули, кој исто така беше пратеник и заменик министер за животна средина, медиуми пишуваат дека сега треба да директорува со Македонски пошти.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека политичката припадност станува поважна од квалитетот на кадрите, но како што вели лидерите на институциите се само менаџери, не ги работат стручните работи, што условно речено малку ја олеснува целата работа.

„Но секако треба да се направи некаков потег, да се смени политичката волја за политичките партии да поставуваат професионалци, а не партиски кадри на чело на институциите“, вели Арсовски.

Тој вели дека сите ние гледаме дека се вратат едни исти имиња во назначувањата во институциите.

„Ние немаме политика на задржување на стручни кадри ниту во институциите, ниту во државата, па затоа тие често си заминуваат во приватниот сектор или се селат надвор од државата“, вели Арсовски.

Речиси една година во Собранието е заглавен Законот за висока раководна служба, според кој, државните секретарите и дел од директорите, би се бирале по професионални, а на по партиски заслуги. Законот предвидува да се усложни изборот на високи раководители и процесот да биде потранспарентен. Овој закон нема да се применува во судството, јавното обвинителство, институциите од областа на безбедноста, следењето на комуникациите, разузнавањето, одбраната и Армијата, Дипломатско – конзуларните претставништва, општините, Градот Скопје или општините во Градот Скопје и од нив основаните јавни претпријатија, јавните установи и регулаторните тела.

„Со новиот Закон за висока раководна служба ќе се воспостави уедначена процедура за назначување на раководна позиција, професионализација на раководните позиции, издвоена од политичкото управување, со политичка одговорност“, се вели во образложението на Законот за висока раководна служба.

Институт за демократија испрати реакција до премиерот Зоран Заев и до вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски за именувањето на раководители на неколку јавни институции. Во реакцијата се наведува дека при изборот на раководни лица треба да се овозможи јавна и компетитивна процедура, каде ќе се пријават повеќе кандидати.

„Само со натпревар, може да се пружи шанса на лица кои не се членови на политичка партија да имаат шанса да раководат со институција и да и помогнат на државата со своето знаење и стручност. Само со јавност, односно со бележење на целиот процес на избор, за некој во целост да може да го испита, ќе ги уверите граѓаните дека се напушта принципот клучен фактор за вработување да е блискоста и лојалноста кон партијата“, стои во реакцијата на Институтот.

Со ротација на едни исто луѓе на различни позиции не може да се донесе нова енергија, а тоа ќе се одрази и на интеграцијата во ЕУ, вели професор Арсим Синани, од Центарот за меѓународни студии и балкански истражувања.

„Политичкиот шах на менување на личности од функција на функција не придонесува за одење напред кон стремежот што го има државата кон ЕУ. И ова ќе биде голема пречка за понатаму“, вели Синани.

Членот на Државната комисија за спречување корупција Нури Бајрами вели дека „избирањето директори се спроведува како политички пазар“.

„Масовно се крши законот со назначување на вд директори. Вд директорот треба да биде поставен само 6 месеци. Треба да се распише оглас најмалку 3 месеци пред да му истече мандатот. Се изигрува законот. Ако се најавува име кој ќе биде директор на институција, им се наштетува на оние кои сакаат да конкурираат за огласот. Сè се спроведува како политички пазар, непроверени кадри се ставаат на позиција“, рече Нури Бајрами, член на ДКСК за ТВ24.

Вицепремиерот за спречување корупција, за одржлив развој и за човечки ресурси Љупчо Николовски, кој е претседател на кадровската комисија во Владата, пред еден месец, пред да почне да се комплетира третиот ешалон на извршната власт, рече дека сите што ќе конкурираат за директори на јавни и државни претпријатија, како и за функции што ги именува Владата ќе мора да поднесат план и програма за работа за да влезат во комбинација за избор на функцијата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG