Достапни линкови

Бугарија по изборите, пред нови избори?


Гласање на изборни машини во Бугарија
Гласање на изборни машини во Бугарија

Со пребројани над 95 насто од гласовите на изборите во Бугарија ГЕРБ има 622.590 гласа или 23,90 проценти. Има таков народ, над ТВ шоуменот Слави Трифонов, заостанува со околу 6.500 гласови, односно 23,66 проценти. Вовед во нови избори?

И овие избори кои беа со слаб одзив, ги оставаат двете партии ГЕРБ и Има таков народ, да немаат мнозинство во расцепканиот парламент од 240 пратеници.

И тоа ја зголемува можноста за понатамошни избори во потрага по стабилна влада преку коалиции и сојузи со помалите партии.

МНР реагира за изборни спотови во Бугарија, биле несоодветни

„Спиралата на избори може да создаде чудовиште надвор од парламентот - такви партии и нивни незамисливи комбинации за кои сите ќе жалиме, но до тогаш ќе биде доцна“, вели професорот на Новиот бугарски универзитет Антони Тодоров.

Погодена од ланските масовни протести поради корупцијата, ГЕРБ не беше во можност да најде партии подготвени да владеат заедно со неа по изборите во април.

Оттогаш, Борисов - 62-годишен поранешен телохранител со црн појас во карате - претрпе серија дополнителни удари од откритијата на привремениот кабинет за лошо управување и обвинувања за корупција под неговиот часовник.

Згора на тоа, дојдоа и досега невидените санкции на САД против бугарските олигарси кои, според критичарите на Борисов, биле фаворизирани за време на неговото раководење со најсиромашната членка на Европската унија.

Ако конечните резултати ги потврдат сегашните тоа ќе значи дека ГЕРБ ќе падне уште повеќе од 26-те проценти што ги постигна во април.

Две други партии кои произлегоа од протестите за корупција, десничарската Демократска Бугарија и левичарскиот Исправи се! Мафијата надвор! добија 13, односно пет проценти.ж

Борисов: Јас сум најподготвен, ама нема да бидам премиер

Има таков народ на Трифонов веќе соопшти дека нема да работи со ГЕРБ, со опозициските социјалисти или со Движењето за права и слободи (ДПС), претежно поддржано од етничките Турци.

Наместо тоа, се надева дека ќе се потпре врз поддршката на Демократска Бугарија и Исправи се!

Слави Трифонов
Слави Трифонов

„Сегашните неофицијални резултати сугерираат дека законодавниот „ќе има околу 110 до115 пратеници од протестните партии, што ќе го отежни формирањето на владата“, вели политичкиот аналитичар Даниел Смилов.

„Верувам дека ќе има влада, но таа верувам дека ќе има ограничен век на траење. Овие резултати не подразбираат широк мандат за стабилност“, оцени Румијана Димитрова од Алфа Рисрч.

Самиот Трифонов не се кандидира и посочи дека нема да биде премиер.

„Време е да го завршиме она што го започнавме и целосно да го смениме моделот на управување“, напиша Трифонов во објавата на Фејсбук, велејќи дека се надева на нова администрација водена од „млади луѓе, нови лица“.

Трифонов: Бугарија мора да биде лојален сојузник на ЕУ и НАТО

Тој додаде дека Има таков народ нема да влезе во коалиција, туку ќе се обиде да формира влада самостојно.

Одзивот на предвремените избори бил помеѓу 34 и 38 проценти, што е помалку од 50 проценти на гласањето во април.

Основачот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, оцени дека високата стапка на воздржаност е „студен туш даден од гласачите“ и дека овој парламент ќе мора да „добие легитимитет работејќи активно, особено на реформите во судството“.

За прв пат, изборите беа спроведени првенствено со машини за гласање во обид да се ограничат неправилности.

„Машинското гласање ги одврати постарите и неписмени гласачи“, изјави за АФП Јулиус Павлоф, директор на Центарот за анализа и маркетинг.

Привремената влада на таков начин се обиде да го ограничи широко распространетото купување гласови и заплашувањето на гласачите - одамна воспоставени практики на политичките партии.

Повеќе од 900 лица се приведени неодамна за наводни обиди за поткуп на гласачи погодени од сиромаштија со 20-50 лева (10-25 евра), огревно дрво, па дури и основна храна, како брашно, леб или леќа, рече во петокот министерот за внатрешни работи Бојко Рашков.

Сега, претстојат недели на сложени разговори.

Не може да се исклучат трети избори, што значи дека Бугарија може да се соочи со тешкотии при добивањето на пакетот за обновување од коронавирусот од неколку милијарди евра на Европската унија или да ги одобри нејзините буџетски планови за 2022 година.

Конечните официјални резултати се очекуваат в четврток.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG