Достапни линкови

Дали потезите на бугарскиот шоумен ќе го вратат Борисов на власт?


Слави Трифонов

Бугарскиот шоумен Слави Трифонов му зададе изборен удар на поранешниот премиер Бојко Борисов. Но, планот на Трифонов да има влада без коалициски партнери е ризичен потег што може на крајот да биде во корист на Борисов, велат аналитичарите. Тод Принс

Слави Трифонов, водител на ток-шоу, го стори она што никој друг политичар во Бугарија не можеше да го стори во текот на изминатите 12 години: ја победи партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов на парламентарни избори.

Како што излегуваа резултатите, Трифонов можеше да се зафати да бара коалиција со здружување на силите со две други поранешни опозициски партии и барање поддршка од други групи, оставајќи го ГЕРБ на Бојко изолиран и ослабен.

Кои се Бугарите санкционирани од САД за корупција?

Но, во своето прво соопштение по гласањето на 11 јули, Трифонов предложи нова влада без учество на која било друга партија, крајно невообичаен потег што може да доведе до неуспех и да ги активира третите парламентарни избори оваа година.

Шоуменот можеби се обложува дека може да освои уште поголем процент на гласови на уште едни предвремени избори, зајакнувајќи ја својата моќ и намалувајќи ја зависноста од другите партии. Но, ваквиот потег може да ѝ ги отвори вратите на партијата на Борисов за да се врати на челната позиција.

„Трифонов игра на работ. Веројатно мисли дека има ветар во грбот“ изјави Димитар Бечев, соработник на Институтот за хумани науки во Виена, за РСЕ.

Партијата на Трифонов Има таков народ (ИТН), како што соопшти Централната изборна комисија има 24,08 проценти од гласовите, а тоа е зголемување од повеќе од шест процентни поени во однос на неубедливите избори на 4 април.

Со приближно 23 ипол проценти и пад од повеќе од 2 процентни поени од април, ГЕРБ не успеа да победи на парламентарните избори за прв пат во својата историја. Рејтингот на ГЕРБ се лизга од минатото лето, кога илјадници луѓе излегоа на улиците да протестираат против раширената корупција и ја повикаа владата на Борисов да поднесе оставка.

Радев се надева дека по изборите Бугарија ќе има нова Влада

Бугарија, најсиромашната земја на Европската унија, беше рангирана на Индексот на перцепција за корупција на Транспаренси Интернешнл како најкорумпирана во Унијата заедно со Романија и Унгарија.

Лидерот на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов
Лидерот на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов

Критичарите велат дека делумно се виновни Борисов и неговите влади предводени од ГЕРБ. Тие го обвинуваат за ослабување на демократските институции на нацијата и владеењето на правото, вклучително и политизација на обвинителството.


Неколку недели пред изборите, рејтингот на ГЕРБ падна дополнително, бидејќи привремената влада која е воспоставена по неубедливите избори во април, ја обвини за лошо управување со милијарди долари приходи во буџетот.

„Силното претставување на ИТН на изборите во април и јули - и покрај кратката историја, речиси непостоечката кампања и нејасната платформа - е одраз на фрустрацијата на гласачите од постојниот политички поредок“, вели Вилијам Кортни, поранешен службеник на американскиот Стејт департмент, додавајќи: „Тоа е речиси чин на очај како што беше во Украина“. Украинската телевизиска ѕвезда Володимир Зеленски победи на платформа против естаблишмент и го порази актуелниот претседател.

Доколку 54 годишниот Трифонов не добие доволно поддршка, привремената влада формирана во април од претседателот Румен Радев ќе остане на власт до нови предвремени избори на есен, давајќи време да ископа повеќе нечистотија за ГЕРБ и Борисов, велат аналитичарите.

Но, уште еден неуспешен обид за формирање влада, исто така, може да му даде можност на 62-годишниот Борисов да се претстави како единствениот државник во моментов способен да ја води земјата.

„Борисов ќе има добра приказна да раскаже дека другите не се способни и дека тој е единствениот начин да се врати предвидливоста. Така, тоа може да донесе некои гласови по трет пат“, вели Бечев.

Слави Трифонов настапувајќи за време на концерт како дел од неговата кампања за референдум за политички прашања во Софија, 29 октомври 2016 година
Слави Трифонов настапувајќи за време на концерт како дел од неговата кампања за референдум за политички прашања во Софија, 29 октомври 2016 година

На 12 јули, Трифонов го предложи Николај Василев, економист кој беше заменик-премиер во 2000-тите, за премиер на земјата, воздржувајќи се самиот да се номинира за таа или за која било друга функција.

Шоуменот избра главно млади, но непознати западно образовани луѓе за други врвни места, вклучително и осум жени. Трифонов ја отфрли идејата за формирање коалициска влада со други партии, тврдејќи дека тој процес е вежба за правење на заткулисни корупциски зделки.

„Сметам дека ова е многу смело, популистичко, па дури и арогантно. Тој во суштина бара другите партии „да направат скок во верата“ во доверувањето на сите позиции на него“, вели за потегот на Трифонов, Емилија Занкина, декан на Универзитетот Темпл во Рим и експерт за бугарската политика.

Шоуменот Слави - клучна фигура по изборите во Бугарија?

Лидерот на ИТН постави неколку приоритети за неговата предложена влада, вклучително и затворање на специјализираниот кривичен суд создаден од ГЕРБ, за кој критичарите тврдеа дека се користел за изнудување на богати деловни луѓе, зголемување на дигитализацијата на владините служби за намалување на корупцијата и правење на потранспарентни државни набавки.

Тој исто така повика на намалување на владините субвенции за политичките партии, распуштање на Банката за развој Бугарија, градење повеќе градинки и соработка со американската вселенска агенција НАСА за вселенска програма.

Ѓеновева Петрова, управен директор на софиската агенција за истражување „Алфа Рисрч“, смета дека предложената влада на Трифонов можеби е само отворен гамбит во процесот што може да води кон повеќенеделни преговори со други партии.

„Оваа влада нема да дојде на власт. Ова е дел од долгорочната стратегија на Трифонов. Би било многу наивно од нив да мислат дека другите партии ќе прифатат ваква постапка“, вели таа.

Лидерите на Демократска Бугарија и Исправи се! Мафија надвор! - кои добија 12,6, односно 5 проценти од гласовите, - ја критикуваа одлуката на Трифонов, велејќи дека тие очекуваат да бидат дел од коалициските разговори.

Маршал Харис, поранешен службеник на американскиот Стејт департмент, кој служеше во Софија, кога комунистичкиот режим се распадна во 1989 година, вели дека ИТН, Демократска Бугарија и Исправи се! треба да дејствуваат брзо ако сакаат да ја искористат можноста да формираат влада без ГЕРБ. Тој рече дека ситуацијата потсетува на раните 90-ти, кога партиите на демократијата во Бугарија се обединија за да спречат формирање влада предводена од Социјалистичката партија.

„Денешните опозициски партии треба да дадат се од себе да ги стават интересите на земјата на прво место. Тоа значи да се обидат да формираат коалиција што ја рефлектира волјата на народот“, рече Харис, кој сега е лобист со седиште во Вашингтон и ги претставува бугарските бизнисмени, против власта на Борисов.

„Трифонов „треба да го преземе водството во постигнувањето фер договор со другите партии кои се борат за демократија“, заклучува тој.

Петрова се согласува, наведувајќи дека се друго носи ризици. „Луѓето очекуваат да имаат нова влада. Ако партиите не успеат да ја формираат, тие ќе ја изгубат довербата во јавноста и гласачите можат да започнат да размислуваат за друг систем на управување “, вели таа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG