Достапни линкови

Вести

Брнс: Се надевам дека мерките ќе ги охрабрат граѓаните да гласаат

Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнс

Ќе треба да видиме каков ќе биде одѕивот на гласачите. Како и сите други, охрабрени сме од мерките за заштита кои се преземени, од одличната комуникација која е преземена од Владата да ги охрабри гласачите да излезат и да го остварат своето демократско право на глас и избор и да го направат тоа безбедно и во здрава средина, изјави денеска американската амбасадорка Кејт Мери Брнс.

Таа истакна дека не може да се каже каков ќе биде одѕивот на гласачите на претстојните предвремени парламентарни избори во услови на пандемија, но се надева дека преземените заштитни мерки од страна на властите, како и донираната американска помош за обезбедување заштитни средства ќе ги охрабрат граѓаните да излезат и да го остварат своето гласачко право на денот на изборите.

„Се надеваме дека тоа ќе биде ситуацијата на денот на изборите за кои гласањето веќе почна денеска и ќе треба да почекаме и да видиме. Но, да повторам, горди сме што можевме да помогнеме преку обезбедување на оваа опрема и се надеваме дека таа ќе помогне граѓаните да имаат доверба во овие дополнителни мерки“, рече амбасадорката Брнс на новинарско прашање, по доделувањето на донација за Државната изборна комисија која се состои од средства за дезинфекција и заштитни маски

види ги сите денешни вести

Досега евидентирани 18236 лица преку апликацијата за самопопишување

Апостол Симовски, директор на Заводот за статистика

Преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани 18 236 лица, објави Државниот завод за статистика на својата веб страница.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.

До апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.

Бугарската Скејлфокус уверува дека системот за попишување е безбеден

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa во понеделникот со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, кој ќе започне на 1 април.

Курти: Имам мнозинство за формирање Влада

Албин Курти

Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, планира да ја формира новата влада на Косово исклучиво со поддршка на пратеници од несрпските малцински заедници, што ја исклучува можноста за формирање коалиција со албанските партии и Српската листа.

На Косово се одржаа предвремени парламентарни избори на 14 февруари и според првичните резултати Самоопределување извојува убедлива победа, но сè уште не е познато дали има мнозинство за формирање влада, односно 61 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Косово.

Во изјава за новинарите во Тирана, Курти рече дека верува оти ќе има поддршка од повеќе од 61 пратеник за формирање влада.

„Сигурно ќе имаме поддршка од пратениците од египетската заедница пратениците од бошњачката заедница и други. Ни требаат 61, ќе имаме повеќе од 61 глас. Нема да ни требаат компромиси со стариот режим затоа што луѓето сакаат да се променат, а ние немаме намера да ја кршиме нивната волја, рече Курти.

Самоопределување се враќа на власт во Косово?

Според сегашните податоци на Централната Изборна Комисија, Движењето Самоопределување освои 47,85 проценти од гласовите, Демократската партија на Косово 17,41 процент, Демократската лига на Косово 13,08 проценти и Сојузот за иднината на Косово 7,43 проценти од гласовите.

Во 2020 година, кога беше премиер на Косово, Курти одби да ја вклучи Српската листа во владејачката коалиција, но сепак им додели две министерства, колку што и припаѓаат на српската заедница според Уставот на Косово.

Османи до Захариева: Да ги надминеме предизвиците

Бујар Османи и Екатерина Захариева

Во честитката која министерот за надворешни работи Бујар Османи упати честитка до неговата бугарска колешка Екатерина Захариева по повод 3 Март – Националниот празник на Република Бугарија, Османи посочува дека „Република Северна Македонија останува цврсто посветена на имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка коа важна алка во зајакнувањето на довербата меѓу нашите граѓани“.

Османи нагласува дека патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ, дополнително ќе ги зацврсти билатералните релации.

По Радев, и Захариева за Бугарите во Македонија: Реагираме за секој случај

„Поддршката од Република Бугарија за евроатлантската перспектива на Република Северна Македонија значи сигурна потпора за нашите највисоки стратешки приоритети и претставува потврда за пријателството меѓу нашите граѓани. Уверен сум дека само преку континуирана примена на досегашниот пристап заеднички ќе успееме да ги надминеме сите предизвици и ќе обезбедиме сестран прогрес за нашите граѓани, пишува шефот на дипломатијата Османи во честитката до Захариева.

Во земјава засега не е потврден јужноафрикански вид на коронавирус

Од министерството за здравство информираат дека според анализите што денеска се направени во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на брисот од пациентот кој пред неколку дена се вратил од Занзибар детектирано е присуство на британскиот вид на коронавирусот, а не на јужноафриканскиот. Од министерството нагласуваат дека во текот на утрешниот ден ќе биде извршена анализа и на вториот пациент од Занзибар.

Сомнежите дека јужноафриканскиот вид на корона вирусот кој се смета за многу позаразен, се појавија откако стигна веста дека двајца сопружници од Битола, кои се вратиле од патување во Занзибар, се ковид-позитивни. Според информациите, тие пред 5 дена се вратиле од Африка, а во моментов и двајцата се на болничко лекување.

Нови 807 ковид позитивни и петмина починати во Македонија

Претходно, Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за заразни бoлести ќе предложи задолжителен домашен карантин од 14 дена за лицата што доаѓаат од сите африкански земји.

Заев побара пратениците да и гласаат доверба на Владата

Премиерот Зоран Заев во Собрание

Премиерот Зоран Заев попладнево во Собранието усно побара од пратениците да гласаат за доверба на Владата.

„Ова е моментот кога треба да видиме колку може да ѝ се верува на опозицијата која постојано тврди дека ќе ја урне Владата и ќе формира нови мнозинство. Со лажни вести и блокади се создава политичка несигурност. Нема да го дозволам тоa,“ рече Заев од собраниската седница.

Според член 217 од собранискиот Деловник, Собранието гласа за (не)доверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Во случај кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа, откако претходно, претседателот на Собранието го известува за тоа претседателот на државата.

Од претседателскиот кабинет за РСЕ потврдуваат дека спикерот Џафери усно го информирал шефот на државата Пендаровски.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реагираше што премиерот се повикал на членот 217 со што се оневозможува тридневна расправа по ова прашање.

„Многу ми е жал што не се повикавте на член 214 од Деловникот и да ни дадете можност во тридневна расправа да образложиме зошто не заслужувате доверба. Доблесно е да се повикате на тој член“, рече Мицевски.

Претседателот на Владата и пред гласањето, како што е наведено во член 217 од Деловникот, има право да му се обрати на Собранието. Во Собранието денеска се сите 62 пратеници од мнозинството. Во моментов пратениците се на пауза откако претседателот на Собранието даде пауза од еден час.

Вилијам Барнс е новиот шеф на ЦИА

Вилијам Барнс

Комитетот за разузнавачки прашања при американскиот Сенат едногласно потврди дека поранешниот дипломат Вилијам Барнс ќе биде новиот директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), изјави сенаторот Марк Ворнер, претседател на комитетот.

Ворнер истакна дека едногласната потврда на ветеранот во дипломатијата Барнс, кандидат на претседателот Џозеф Бајден за директор на ЦИА, сведочи за неговите „несомнени квалификации за таа позиција, долгогодишното искуство во националните безбедносни прашања и посветеноста кон јавните служби, која е за пофалба”, пренесе Ројтерс.

За време на сослушувањето пред комитетот, Барнс изјави дека на „сè покомплексната и поконкурентна” меѓународна сцена, „предаторскиот” став на кинеската Влада претставува „најголем геополитички предизвик”.

Нови 807 ковид позитивни и петмина починати во Македонија

Илустрација - Ковид-19 амбуланта во Скопје

Во последните 24 часа се направени 3.312 тестирања, а регистрирани се 807 нови случаи на ковид-19, информираше денеска Министерството за здравство (МЗ). Новозаразените се регистрирани во: Скопје 359, Куманово и Охрид по 38, Кавадарци, Струмица и Неготино по 36, Гевгелија 35, Тетово и Прилеп по 34, Гостивар 29, Битола 25, Велес 24, Крива Паланка 12, Кочани и Крушево по 11, Ресен 6, Струга, Кичево и Валандово по 5, Пробиштип и Богданци по 4, Штип, Дебар, Берово и Демир Хисар по 3, Делчево и Радовиш по 2, и Свети Николе, Виница, Кратово и Демир Капија по 1.

Според соопштението од МЗ, регистрирани се 314 оздравени пациенти, а пријавени се пет починати лица - четворица од Скопје, на возраст од 65 до 80 години и еден пациент од Штип, на 81-годишна возраст. Сите пациенти се починати во болнички услови.

Поглаварот на СПЦ во изолација по контакт со ковид позитивен

Владиката Порфириј

Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, е во превентивна изолација поради контакт со лице заразено со ковид-19, објави Српската православна црква (СПЦ) на 3 март. Патријархот бил во контакт со свештеник за кој се потврдило дека лесна и асимптоматска форма на коронавирусот, се наведува во соопштението на Српската православна црква.

По совет на лекар, Порфириј ќе биде превентивно изолиран во наредните денови.

Патријархот на Српската православна црква, Порфириј, беше востоличен на 19 февруари на свечена литургија во Соборниот храм во Белград. Поранешниот митрополит во Загреб и jубjана, Порфирије 46, е поглавар на Српската православна црква. Покрај митрополитот Порфириј, во потесниот избор влегоа и епископот Башки Иринеј и епископот Бања Лука, Јефрем.

Тој го презеде местото патријарх два и пол месеци откако патријархот Иринеј почина како резултат на инфекција со коронавирусот.

Симовски: На сите пописи од 1948 наваму има код за бугарска етничка припадност

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

Од 1948 година па наваму, во сите пописи, имало код за бугарска етничка припадност. Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму. Кој како ќе се произнесе е исклучиво негово право и ние не смееме да влијаеме, изјави за МИА, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Изјавата на Симовски следува откако денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи напиша на Фејсбук дека претставниците на бугарските здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница.

Симовски појаснува дека полето во кое се впишува етничката припадност во формуларите за попис е празно. Во електронската апликација откако ќе се впишат првите три букви на припадноста, се појавува поле за избор на етничка припадност од кодната листа на сите етнички припадности кои досега се регистрирани на сите пописи кај нас. Тој нагласи дека во пописот, кој официјално ќе почне на 1 април, а ќе трае до 21 април, секој слободно може да се изјасни за својата етничка припадност.

Сите овие реакции следуваат по состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои тој побарал мерки за заштита на Бугарите во Македонија, по наводни жалби од битолското здружени „Иавн Михајлов“ дека во Македонија имсе кршат правата на Бугарите за национално самоопределување. На тоа реагираа македонските власти дека нема кршење на ничии права, а потегот на Радев го оценија како мешање во туѓа земја.

Субвенции за „етнички вработувања“ само за долго невработени

Владиниот портпарол Душко Арсовски

Владиниот портпарол, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информираше дека во Оперативниот план на Агенцијата за вработување за 2021 ќе има и програма за субвенционирање на вработувања по етнички критериум во приватните компании, но само за лица кои се долго време надвор од работниот процес.

„Субвенции или поддршка ќе добиваат оние компании кои што ќе вработуваат лица според одредени критериуми кои што ќе се најдат на таа листа и на тој начин ќе биде направен изборот. Целта и фокусот се сите граѓани кои што се засегнати со оваа мерка а се подолго време надвор од работен процес, без разлика на етничка, религиозна, полова, расна или друга разлика, рече Арсовски.

Ова е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година што Владата го прифатила на 50-тата седница.

Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради КОВИД-19, односно од 11 март 2020 година.Во Оперативниот план на Агенцијата за вработување ќе бидат предвидени 1, 516 милијарда денари и ќе бидат опфатени 10.279 лица.

Партијата на Орбан ја напушти групата на народните партии во ЕП

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарската партија Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, ја напушти групата европски народни партии во Европскиот парламент (ЕП). Одлуката донесе кратко откако членовите на Европската народна партија (ЕПП) со големо мнозинство гласаа за промена на деловникот, дозволувајќи исклучување на политичките партии кои се дел од групата, отворајќи го патот за протерување на партијата Фидес.

Европската народна партија е најголемата политичка група во Европскиот парламент. На состанокот на оваа политичка група, што се одржа во среда, на 3 март, 148 пратеници гласаа за имињата, што претставува над 80 проценти од членовите. За да се направат промените, беше потребно двотретинско мнозинство.

Во писмото испратено до шефот на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер, унгарскиот премиер Орбан оцени дека гласањето во средата е „непријателски потег против Фидес и нашите гласачи“.

ВМРО-ДПМНЕ поднела предлог закон за поништување на Законот за попис

Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ

Сите факти и аргументи ни говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис и затоа како пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Собранието поднесовме Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка, информираше денеска Иванка Василевска, пратеничка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, Владата не сакала да дебатира за пописот туку „од редовна и статистичка операција направила политичка операција за пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови“.

„Нашите издржани забелешки и секојдневни укажувања за недостатоците и аномалиите на овој закон беа и се’уште се: Злоупотреба на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата, недостиг на консензус од сите политички партии, проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот, нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората и погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради КОВИД кризата го одложија пописот за една година“, изјави денеска пратеничката Василевска.

Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ не е против попис на населението, туку, како што рече, против „фингиран и наместен попис“.

Од Владата и од владејачкиот СДСМ неколку пати потенцираа дека обвинувањата на опозицијата во врска со пописот се неосновани и дека попис ќе има.

Првата фаза од пописот почна пред неколку дена и преку посебна интернет апликација веќе се одвива првата фаза со самопопишување на македонските државјани во странство.

Бугарија барала да види како некои лица се изјасниле на попис, но не добила

Апостол Симовски

Директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, денеска информираше дека „Бугарија, но и други земји претходно барале формулари за поединци за да видат како се изјаснувале на одреден попис, но дека такви податоци не смеат да се даваат“.

„Никој не може да добие формулар од некој како се изјаснил, тие податоци не смеат да се даваат јавно и тоа важи за сите земји во светот. Не е само Бугарија, и други го барале тоа од нас, за да им доставиме како се изјасниле во пописот, но никој не добил ниту пак ние имаме право да даваме ваков податок“, рече денеска Симовски, одговарајќи на новинарско прашање.

Ваквиот одговор на Симовски следи откако претходно битолското здружение „Иван Михајлов“ побара да им се даде бугарски пасош на оние македонски граѓани кои на пописот ќе се изјаснат како Бугари. Неколку дена подоцна, бугарскиот претседател Румен Радев побара помош од шефовите на безбедносните бугарски служби за заштита на Бугарите во Македонија, на кои, наводно, им биле скратувани правата во Македонија. За македонските власти тоа е „мешање во туѓа држава“.

Тој рече дека досега во дијаспората се регистрирале и попишале околу 18.000 граѓани и дека бројката за него е одлична.

Тој информираше и дека бугарската фирма која ја изработила апликацијата за самопопишување на македонските државјани во странство „не може да има пристап до базата на податоци“.

„Базите се наши и никој друг нема пристап, ниту фирмата која ја направила апликацијата. Во базата може да влезе само претходно проверено лице со сертификат, дури ни јас не можам да влезам во базите“, додаде Симовски.

„Меѓународен сојуз“ - Обвинителството изнесува докази, Боки 13 бара изземање на Русковска

Обвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13 на едно од рочишатата за „Меѓународен сојуз“

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз” со изведување на материјални докази, предложени од Обвинителството. Обвинителството презентираше материјални докази од Управата за финансиско разузнавање, за банкарските сметки и реализираните трансакции на обвинетите во периодот на интерес за случајот, како и документи од Управата за јавни приходи и Централен регистар за здружението „Меѓународен сојуз”.

За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и поранешната пратеничка и висока функционерка на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Според обвинението, Јовановски е обвинет за измама и перење пари, Ременски за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измама и перење пари, а Миле Јовановски за помагање во перење пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Одбраната реагираше на начинот на изведувањето на денеска презентираните докази, како и дека некои од нив немаат сметки во некои од посочените банки или во однос на направените трансакции.

На почетокот на рочиштето, обвинетиот Бојан Јовановски побара изземање на обвинителката Вилма Русковска и побара републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да каже кој е застапник на обвинението, бидејќи, како што рече Јовановски, Русковска не се појавува на секое рочиште, туку „од рочиште на рочиште се менуваат обвинителите“.

Земјотрес во Грција од 6,2 степени, почувствуван и во Македонија

Илустрација

Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала ја погоди денеска Грција, а потресот беше почувствуван и во Македонија.

Според податоците објавени на веб-страницата emsc-csem.org, земјотресот се случил во 10 часот и 16 минути по локално време, односно во 11 и 16 часот по македонско време. Потресот бил на длабочина од 10 километри, со епицентар на 23 километри од градот Лариса.

Претходно утрово имало два послаби земјотреси во Грција, со јачина од 2,8 и 2,6 степени според Рихтер.

Последен посилен земјотрес кој ја погоди Грција беше оној во октомври лани, кога беше зафатен островот Самос, каде загинаа двајца тинејџери и беше предизвикана голема материјална штета. Епицентарот на тој земјотрес беше во близина на турскиот град Измир, каде, пак, имаше над 30 човечки жртви и беа разурнати стотици објекти.

Експлозија пред центар за ковид тестирање во Холандија

Фотографија од обезбедениот центар во Холандија каде се случила есплозијата

Холандската полиција денеска, 3 март, соопшти дека центарот за тестирање на вирусот корона северно од Амстердам, наводно, намерно бил цел на напад - имало експлозија на местото пред да се отвори центарот за тестирање, објави Ројтерс.

Експлозијата во градот Бовенкарспел, 55 километри северно од главниот град, скрши прозорци, и, за среќа, нема поврдени луѓе, се вели во соопштението на полицијата од провинцијата Северна Холандија.

@Металните остатоци од експлозивната направа, со димензии околу 10 см на 10 см, беа пронајдени на предниот дел од зградата и „мораше да бидат поставени таму. Сè уште не знаеме што точно експлодира, експертите за експлозиви мора прво да го испитаат тоа. Нешто такво не се случува случајно, туку мора некој да го постави“, изјави за Ројтерс портпаролот на полицијата Мено Хартенберг.

Од локалната холандска полиција информираа дека ја оградиле областа за да испитаат што се случило.

Инцидентот се случи непосредно пред националните избори на 17 март, кои се сметаат за референдум за решавање на владата на проблемот со пандемијата. Конзервативната партија ВВД на премиерот Марк Руте најверојатно ќе остане во водство како што покажуваат анкетите, пишува Ројтерс.

Во болниците има 750 ковид пациенти и 360 слободни места

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 443 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ).

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 750 и има околу 360 празни болнички кревети во ковид центрите.

„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, соопшти МЗ.

Дијаспората да биде поактивна на пописот, апелира Владата

Муамед Хоџа, портпарол на Владата на Северна Македонија

Владата денеска, преку портпаролот Муамед Хоџа, упати апел до македонските државјани кои живеат во странство да земат активно учество на Пописот на населението, домаќинствата и становите, што започна на 1 март и ќе трае до 21 април. Владиниот портпаролот Хоџа на денешната прес-конференција посочи дека пописот на 1 март започна и за затворениците, вработените во ДКП-та и војниците што се на мисии во странство.

Хоџа информираше и дека на предлог на Комисијата за заразни болести, Владата на вчерашната 50. седница го усвои Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година кој ќе предвидува мерки во сите три фази на пописот, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен со посебен Протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на Ковид-19.

Османи: Бугарските здруженија да побараат посебна пописна графа

Илустрација - Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева

По последните реакции од Бугарија за „жалби за непочитување на правата на Бугарите во Македонија“, денеска се огласи македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, со став дека Македонија има успешен модел на мултиетничко оптество и дека граѓанските организации треба да побараат од пописните органи да се внесе графа за оваа заедница на пописот.

„Република Северна Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко општество. Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава. Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата“, вели Османи во реакцијата која ја објави денеска на неговата официјална страна на Фејсбук.

Пред неколку дена бугарскиот претседател Румен Радев имаше состанок со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои побарал мерки за заштита на правата на Бугарите во странство, а по жалби од здружението на граѓани од Битола, „Иван Михајлов“, кое наводно се жалело дека во Македонија Бугарите не можат слободно да ја кажат својата национална припадност. На тоа рагираа македонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев кои рекоа дека во Македонија се почитуваат правата на сите заедници и малцинства и дека тоа е мониторирано и од Брисел, а дека свикувањето на безбедносни служби за заштита на права на заедница во туѓа држава „е мешање во внатрешните работи“.

Пандемијата го наруши образованието на 880 милиони деца во светот

Илустрација - Ученичка на час во авганистанско училиште на отворено

За време на карантинот поради пандемијата на коронавирус, училиштата беа затворени за речиси 168 милиони ученици ширум светот на една година, објави УНИЦЕФ, предупредувајќи на катастрофалните последици за иднината на тие деца. Училиштата во 14 земји низ светот останаа затворени од март минатата година до февруари, се вели во извештајот на УНИЦЕФ. Од нив, две третини се во Латинска Америка и Карибите, каде што се погодени скоро 98 милиони училишни деца.

„Катастрофа на образованието. Секој ден што поминува, децата кои не можат да посетуваат настава лично, заостануваат сè повеќе, а нај маргинализираните плаќаат најскапа цена“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Анриета Форе.

УНИЦЕФ предупредува дека постојното затворање на училиштата има катастрофални последици и на најранливите деца им се заканува принуден детски брак или детски труд наместо часови. Се додава дека повеќе од 880 милиони деца ширум светот се соочуваат со нарушувања во образованието поради целосно или делумно затворање на училиштата.

Столтенберг ќе учествува на Интерпарламентарната конференција за европска безбедност

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе има главно обраќање на Интерпарламентарната конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика и заедничка безбедносна и одбранбена политика, организирана од Португалскиот парламент во контекст на Португалското претседателство на Советот на Европската унија. Во средината на минатиот месец се одржа состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана.

„Нови идеи за НАТО 2030“ - младински собир

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги претстави плановите за реформи за модернизација на Алијансата по четири години спорење со Вашингтон и за соочување со предизвиците, вклучително и воениот подем на Кина и Русија како противници. По спротивставената реторика меѓу Вашингтон и неговите сојузници за време на претседателството на Доналд Трамп, Столтенберг постави осум области каде што НАТО може да се модернизира на среден рок, од климатските промени до одржливо финансирање на воените операции.

Брнабиќ и Вархеји за примена на новата методологија во преговорите меѓу Србија и ЕУ

Еврокомесарот Оливер Вархеји

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ разговараше со европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји за примената на новата методологија во преговорите за членство меѓу Србија и ЕУ. На средбата преку видео-врска, Вархеји ги поздрави реформите во областа на владеењето на правото, велејќи дека тие остануваат на врвот на приоритетите на Европската унија во процесот на претпристапните преговори со Србија, соопшти Владата на Србија.

Борел: Земјите од Западен Балкан мора да ги завршат своите домашни задачи

Брнабиќ оцени дека Србија постигнала значителен напредок, особено во областа на владеењето на правото, медиумските слободи и заштитата на новинарите и во економската сфера и рече дека смета дека динамиката на пристапните преговори треба да се усогласи со реформските напори на Србија. Белград ја прифати новата методологија, верувајќи дека тоа ќе и овозможи поконкретен и поволен начин за водење преговори со европски претставници, оцени Брнабиќ.

Порфириј: Важно е да се надмине расколот со Македонската црква

Новиот поглавар на Српската православна црква, патријархот Порфириј дава благослов по мисата во Белград, 19 февруари 2021 година

„Суштински ми е важно да се надмине расколот со Македонската црква. Оваа тема останува отворена и верувам дека ќе се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без мешање на политиката“, изјави новиот патријарх на СПЦ Порфириј во интервју за РТС. Запрашан за изјавата на митрополитот Преспанско-пелагониски Петар дадена неодамна за МИА дека очекува новиот српски патријарх да покаже повеќе разбирање за да биде решен статусот и МПЦ-ОА да добие автокефалност, Порфириј одговори дека „нема да има ни помалку ни повеќе разбирање од неговите претходници”, цитирајќи латинска поговорка: „нема да биде нова работа, но може да биде нов начин“.

Г. Петар: Порфириј не држи до српството по секоја цена

„Нашата црква по Нишкиот договор најде решение за охридски архиепископ да го постави Јован, и сите православни верници имаат можност за учество во литургиски живот, но таа тема останува отворена. Верувам дека нашиот собор секогаш ќе биде спремен да се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без какви било политички притисоци кои уште од самиот почеток на расколот, а и денес за тоа прашање ги има“, изјави патријархот Порфириј.

Меркел на средба со претставници на сојузните држави за мерките против ковид-19

Германската канцеларка Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе разговара со претставници на 16-те германски сојузни држави за продолжување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Германија, како што се најавува, планира да ја продолжи блокадата до 28 март, но оти некои ограничувања ќе бидат ублажени почнувајќи од 8 март. Бројот на заразени со а коронавирус во Германија достигна над 2,4 милиони. Во нацрт-документот, како што јавува Ројтерс, се наведува дека почнувајќи од 8 март ќе им биде дозволено да се состануваат најмногу пет лица од две домаќинства, со исклучок на деца помали од 14 години, што е повеќе од две лица според сегашните правила.

Германија со нови ограничувања за движење

Продавници за цвеќиња и книги, градинарски центри, салони за тетовирање и нокти, како и салони за масажа, исто така, ќе имаат дозвола за повторно отворање. Со приближувањето на Велигден, нацрт-договорот, исто така, апелира до Германците да избегнуваат домашни и странски патувања, додавајќи дека, сепак, ќе бидат дозволени ограничени посети на роднини во текот на празничните денови.

Бугарија го прославува Денот на ослободувањето

Софија

Денеска во Бугарија се одбележува државен празник чиј целосен наслов е Бугарски ден на ослободување од османлиската доминација. Овој празник е национален ден на Бугарија и им оддава почит на бугарските доброволци кои за време на Руско-турската војна од 1877-1878 година со помош на руски и романски сили ја ослободија Бугарија од скоро 500 годишното османлиско владеење. 3 март го означува датумот на потпишување на Договорот од Сан Стефано во 1878 година. Со овој мировен договор заврши војната, а беше потпишан меѓу Русија и Отоманската империја кои ја прогласија Бугарија за независна држава, иако вазал во рамките на Отоманската империја.

Жестоки реакции на предлозите на Георгиевски за решавање на спорот со Бугарија

Овој празник традиционално се одбележува со церемонии низ Бугарија. 3 март во 1978 година го доби својот статус на Национален ден на Бугарија и беше прогласен за официјален празник.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG