Достапни линкови

Брегзитот предизвикува загриженост и во Бугарија


Брегзитот и берачите на јагоди од Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Брегзитот и берачите на јагоди од Бугарија

Едно мало бугарско село илјадници километри од Британија е загрижено за тоа како ќе се живее по Брегзитот, односно британското излегување од Европската унија. Тоа е затоа што секоја година стотици локални жители на Брштен работат на една овошна фарма во Кент.

Жителите на бугарското село Брштен, сместено во шумите во близина на грчката граница, ги има околу 960, вообичаено не обрнуваат многу внимание на меѓународната политика.

Но, Брегзитот ги интересира и тоа многу, затоа што најголемиот работодавец во Брштен е една фарма оддалечена илјадници километри во англиската област Кент.

Секоја пролет најмалку 350 луѓе од Брштен одат да берат јагоди и боровинки на фармата Окдене.

„Ако работевме овде, не ќе можевме да ги издржуваме нашите семејства“, вели 53-годишниот Сафет Џурелов:

„Неволјата нè турка. Можете да видите колку е тешко да заработувате за живеење овде. Не знаеме како ќе бидат работите. За сега, само ги гледаме вестите, тие велат дека работите ќе се променат“.

Бугарите продолжија да доаѓаат на фармата на Тим Чемберс и по референдумот во 2016 година и покрај првичното „чувство ... дека Британија веќе не е добредојдено место за работа“, вели Чемберс, наведувајќи дека Британија има потреба од работници од други земји.

„Во Министерството за внатрешни работи постои перцепција дека ако го спомнете зборот имиграција или миграција, тоа се валкани зборови. Тоа не се валкани зборови. Ни требаат работници мигранти“.

Салих Хоџов пристигна од Брштен како сезонски работник пред скоро 20 години. Никогаш не се вратил, и сега е директор за производство на фармата.

„Овој бизнис е скоро изграден од луѓе кои доаѓаат од Бугарија и Романија и тие работат тука 6, 7, 10 години и мислам дека се добри работници, па затоа ќе биде тажно ако ги изгубиме“.

Парите заработени во Британија се враќаат во Брштен, со многу реновирани куќи во селото.

Автомобили со управувач на десната страна, купени во Англија, можат да бидат забележани во селото, како и уште една необична глетка за некое село во Бугарија - деца.

„Во 2000 и 2001 година имаше само едно бебе родено во Брштен, додека имавме 15 во 2015 и 14 во 2016 година - бројките зборуваат сами за себе“, вели градоначалникот на Брштен Кемил Кочаков.

Бидејќи селото се празни во текот на летото, децата честопати остануваат кај бабите и дедовците и роднините, додека родителите се во странство.

Приходот од работата во странство им овозможи на многу парови да формираат семејства и го спасија локалното училиште од затворање.

Изгледа иронично, но за разлика од некои други бугарски села каде што има иселување оваа сезонска миграција направи да нема иселување во Брштен.

Дознаките од Бугарите кои работат во странство претставуваат најголем дел од инвестициите што влеваат во земјата, со околу 1,1 милијарди евра на годишно ниво.

Во Брштен се надеваат дека наместо Британија ќе можат да работат во други земји на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG