Достапни линкови

Блажес со „Обоена колекција на радост“ во Куќата на Уранија во Охрид


„Обоена колекција на радост“ е насловена новата самостојна изложба на ликовниот уметник Сашо Блажес, која од 2 до 15 август ќе се одржи во Куќата на Уранија - МАНУ во Охрид. На поставката во родниот град авторот по прв пат ќе го претстави својот нов циклус сочинет од апстрактни дела.

По „Страст за носталгија“, премиерно претставена во Охрид и потем во берлинскиот Прима центар во декември 2017 година, минатогодишната средба со скопската публика насловена како „Чудниот рај“ кога во галеријата КО-РА го изложи својот избор од 35 дела настанати во периодот од 2005 до 2013 за време на неговиот престој во Букурешт, охридскиот уметник Сашо Блажес, кој патем изложувал и во Венеција, Њујорк, Темишвар и Сараево, еве го со нова и свежа поставка. Тој во Куќата на Уранија - МАНУ во родниот град, од 2 до 15 август, по прв пат ќе го претстави својот нов циклус сочинет од 15 дела апстрактни дела, акрил на платно, настанати во изминатава половина година.

За нив и за актуелните творечки немири на авторот, во својата анализа која ќе се најде во каталогот за изложбата, проф. м-р Мирко Вујисиќ пишува: Најновиот циклус на слики поставен на оваа изложба, кај Блажес обединува определен став каде ги дава одговорите на идејно-творечката синтакса со промислувања за формите на сликарскиот артизам. Во природата на уметноста е уметникот да ги артикулира своите креативни пориви како миговно бележење на инспиративни сензации, интроспективни понирања и самоанализа, корективна воздржаност во секој сегмент низ чинот на создавање. Сликарот свесно се препушта во ретинални и катарзични одлуки верувајќи дека низ периодите на творечкото усовршување, сите мисловни и духовни бранувања неминовно водат кон персонифицирање на сопственото 'Јас'.

Вујисиќ и со дополна дека Блажес, сликајќи, го напушта наративниот момент, алузивниот метафоричен предизвик и дека „проектира принцип со јасна ликовна архитектура од гестуална и експресивна акција“. Конечно и за да заклучи дека „со еден ваков стилски издржан континуум, изложените дела нудат една интегрална целина со заедничка стилска органика, а внатрешниот структурен супстрат кај авторот ќе имплицира идни, дивергентни смерници на истражувања со кои како и до сега, Блажес ќе ги збогатува и оплеменува своите идејни предожби за светот на нови ликовни поетики“.

Уметникот, од своја страна, пак, ќе рече дека се одлучил на чекор кој е во мигов негова реалност, но дека нималку не знае што ќе му донесе иднината и по кои патишта натаму ќе се движи.

​„На оваа изложба за прв пат ќе изложам апстрактни дела. Зошто апстрактно? Секогаш во мене тлее чувство на промена, на нов предизвик, тоа е во мојата природа. Има едно мислење кое гласи можеш цел живот да сликаш еден мотив па да станеш познат по тоа. За мене тоа е досадно и не би се сложил со тој тип на размислување. Околу апстракното преставување, пак, од друга страна би се поврзал со една изјава на Пикасо каде вели дека апстракното не постои, односно апстракното се раѓа од нешто што суштествува фигуративно. Така моите апстракции имаат подлошка-цртеж, кој најчесто е скица на пејзаж со по некоја фигура во него и слично на Де Куниг таа скица ја модифицирам , разобличувам и уништувам со бојата“, вели Сашо Блажес.

Тој и со информација дека по Охрид неговата „Обоена колекција на радост“ во октомври ќе се сели во Галерија „Коџоман“ во Музејот во Струга, а во декември, пак, ќе се најде и во еден од салоните на Културно-информативен центар во Скопје.

Инаку, Роден во Охрид 1980 година, Сашо Блажески (или Блажес како што се потпишува во творештвото) дипломирал и магистрирал на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот.

Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG