Достапни линкови

Белгискиот суд го одложи донесувањето на одлуката за екстрадиција на Пучдемон


Поранешниот каталонски лидер Карлес Пучдемон

Белгискиот суд за најмалку два месеци го одложи донесувањето на одлуката за екстрадиција на поранешниот каталонски лидер Карлес Пучдемон во Шпанија.

Судот во Брисел одлучи дека новото сослушување ќе биде одржано на 3 февруари, откако Европскиот суд на правдата ќе пресуди дали Пучдемон треба да добие имунитет зашто е избран за пратеник во Европскиот парламент.

Пучдемон и неколку негови соработници, поранешни каталонски функционери, избегаа од Шпанија во Белгија во октомври 2017 година за да избегнат апсење поради обидот за отцепување на Каталонија и спроведувањето на референдумот за независност на тој шпански регион, кој владата во Мадрид го прогласи за нелегален. Шпанија распиша потерница за него.

Деветмина каталонски функционери во меѓувреме беа осудени на затворски казни меѓу 9 и 13 години поради улогата во обидот за отцепување на Каталонија од Шпанија.

Пучдемон во мај беше избран за пратеник во Европскиот парламент, но не му беше доделен мандатот. Тој потоа покрена процес пред Европскиот суд на правдата, а денеска изјави дека има доверба во европското правосудство.

XS
SM
MD
LG