Достапни линкови

Жално е колку народ страда поради политички и верски омрази


Бегалци се собираат во близина на Пазаркуле на граница кај Едрене, Турција. 01.03.2020

Можната бегалска криза откако Турција реши да ги пушти бегалците кон Европа ги разгоре страстите на нашите социјални мрежи. Доминираа остри размени на пораки во врска со можниот нов бегалски бран по балканската мигрантска рута.

Бегалска криза повторно на повидок откако Турција реши да ги пушти бегалците од нејзина територија кон Европа. По информацијата дека Грција спречила 4.000 луѓе да преминат во земјата - остра дебата и размена на непријателски пораки меѓу потпишаниот со Алекс Мартин и повеќемина посетители на нашата ФБ страница. Алекс Мартин по информацијата за состојбата на турско-грчката граница, постирал: „Пукај брате... нема друго чаре“, а Ато Незири му возвратил: „Не сакам да те колнам, само ќе кажам срам да ти е...“ За Јасер Далиповски Алекс Мартин е „изрод и психопат“, а Исмет Ајдиновиќ му реплицирал: „Никогаш не би помислил, а камоли посакал на кого било кој било народ некој да пука и убива. Тешко на таа мајка што те родила таков“.

И по изјавата на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, дека „Во координација со Фронтекс и членките на ЕУ државата е подготвена за евентуален бегалски бран“, има поплава од непристојни и пораки со лични навреди па нема да цитираме ниту една, а по веста со изјавата на турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, дека неговата земја „успешно“ ја продолжува воената операција на северозапад на Сирија, на нашата ФБ страница исто така се развила политичка дебата кој со кого е сојузник и со историски реминисценции за тоа дали Македонија видела арно од Русија.

Ване Тодоров со прашање-коментар: „Што барате во Сирија?“, а Иџет Скендери му одговара: „Тоа што бара Русија го бара и Турција“. Слаѓан Димоски смета дека Иџет Скендери не е прав: „Русија е повикана од страна на легитимен претседател“, на што Иџет Скендери одговара: „Турција е повикана од муслиманскиот народ кој беше напаѓан и убиван од Асадовиот режим“. Даут Идриз потсетувајќи на празникот Прочка прашува: „Почитувани Македонци, еден куп навреди кон Турција и Ердоган... Зошто не му простувате на Ердоган за досегашната целосна поддршка на Македонија?... Русите направија повеќе за Македонија? Ова го правите зашто Русите се христијани?“ Нада Павловска напишала: „Жално е колку народ страда поради политички и верски омрази“. И Лута Ахмети на истата линија: „Жално е и полошо не може да биде. Страдаат милиони луѓе, зошто? Религија и политика, деца, стари млади од родни места ги избркале, а некои коментатори од дома коментираат...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG