Достапни линкови

Антикорупциска ќе проверува кои судии и обвинители предвреме положиле правосуден испит


Антикорупциска комисија

Документите на сите кандидати на Академијата за судии и обвинители од нејзиното основање до сега ќе бидат цел на истрагата на Антикорупциска комисија. Се истражува кој судија и обвинител стигнал до функција „делач на правда“ со прекршување на законот - предвреме полагање правосуден испит.

Антикорупциската комисија ќе спроведе еден вид на ветинг, односно проверка, и тоа со продолжување на истрагата за тоа кои судии и јавни обвинители станале делачи на правда со прекршување на законот односно со предвреме полагање на правосуден испит. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска истрагата ќе таргетира проверка на сите кандидати кои биле во Академијата за јавни обвинители и судии од нејзиното формирање до денеска, со цел да утврдат дали некои од нив предвреме полагале правосуден испит или не. До тоа дојде затоа што Антикорупциската комисија не може да ги добие сите потребни информации од Министерството за правда.

Во истрагата на Антикорупциска ќе биде и чешлање на сите универзитети – односно колку универзитети како Штуловиот Универзитет во Тетово издале уверенија со кои поинаку го толкуваат фактот – дипломиран правник со што овозможиле некој предвреме да полага правосуден испит. За таа цел ќе биде ангажиран просветниот инспекторат кој ќе прави проверка и на сите други правни факултети во земјава за период од 2008 до 2012 година, период за кој е веќе направена проверка за Штуловиот универзитет.

„Сега ова е прашањето - ако некој завршил во 2019 а конкурирал во 2014, зошто диплома не приложил, очигледно не добил диплома, ама тоа се наши претпоставки, затоа си бараме точно убаво да видиме од сите аспекти, за да ја расчистиме појавата, затоа што ние си патиме од појави“, вели Ивановска.

До ова дојде откако ДКСК откри дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет кој е дел од Академијата за обвинители и судии предвреме положил правосуден испит. По тоа открија дека 449 студенти од Штуловиот универзитет добиле уверение за дипломирани правници без да ги завршат во целост правите студии.

Антикорупционерите велат дека ќе се проверува и соодносот на уверенија издадени за дипломи и самите дипломи, со што може да се дојде и до сомнеж за издадени фалсификувани дипломи.

За нив одговорноста треба да се бара во институцијата која што ги издава таквите уверенија, потоа во просветниот инспекторат, министерството за образование, како и комисијата во министерството за правда што во тој период ги примила тие документи.

Во однос на новите најави за ветинг, Ивановска вели дека тоа е работа на политичка волја затоа што со години во земјава се слуша таа најава и ништо досега не е направено.

Антикоруционерот Горан Трепеноски вели дека најлесно е сега да се бара закон за ветинг, декларативно политичарите бараат ветинг, но најосновното прашање е кој човечки фактор ќе го спроведе ветингот. Според Трпеновски земјава нема капацитет за такво нешто.

„Нормално е Американкицие така да реагираат, колку милиони долари потрошија за обука на институции, судии и обвинители, гледајќи ги реакциите на нашите политичари, сите што треба да се борат, односно сите што ги водат секторите каде што има најголема корупција и основани сомневања за корупција и сите сега изјавуваат дека баш тие се борат против корупцијата“, вели Трпеноски.

Во меѓувреме во земјава ќе пристигне американски тим за санкции од Вашингтон кој ќе преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни постапки.

Американската амбасадорка досега во повеќе наврати отворено истакна дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државава и дека нејзиното намалување е важно затоа што оваа негативна појава во која било форма ја оневозможува земјата да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла.

„За нас е поразително затоа што ние дома не сме си ги завршиле задачите. Ние сме сериозен кандидат за влез во ЕУ, американците нас не поддржуваат и ни даваат поттик, но вакви какви што сме, реално имаме проблем со правосудниот систем. Тие ни даваат помош да го надминеме тој проблем и полесно да зачекориме,“ комеnтираше денеска Ивановска за американската помош во борбата против корупцијата.

Таа додаде дека не знае точно да каже кога и дали ќе се сретнат со американскиот тим но посочи дека се отворени за соработка.

„Самото нивно доаѓање ќе значи дека ќе постапуваат сериозно по нашите иницијативи“, изјави таа.

Британскиот амбасадор во Скопје Метју Лосон вели дека неодамнешните вознемирувачки извештаи сугерираат дека корупцијата во С Македонија се влошува, а не се подобрува.

„Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции. Велика Британија стои со С Македонија. Апсолутно е клучно да се справите со ова,“ напиша денеска на Твитер амбасадорот Лосон.

Со слична изјава денеска се огласи и евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференција пред состанокот со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата, на кој ќе се разгледаат забелешките од Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија подготвен од Европската комисија.

„Оваа земја е на крстопат – мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно да се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе“, изјави Гир.

Во моментот кога се одбележува меѓународниот ден на борбата против корупцијата се засили бранот на укажувања од највисоките дипломатски претставници во земјава за неопходноста од итни чекори во стравувањата со неа.

„Годината што изминува ја одбележаа две противречни состојби на полето на борбата против корупцијата: од една страна, високи функционери на власта многупати ја повторија својата заложба за борба против корупција; од друга страна, проблемите се повторуваат во повеќето области што се ранливи на корупција“, се вели во соопштение на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Според нив политичките ветувања, без сериозна заложба, значат само демагогија која не оди во прилог на подобрување на животот и стандардот на граѓаните. За да се искоренува корупцијата, особено високата корупција, преку која милиони се одлеваат надвор на приватни сметки, потребно е да постои сигурност и предвидливост дека правдата ќе ги стигне корумпираните.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG