Достапни линкови

Тивко заминување на сојузниците и брзо напредување на талибанците во Авганистан


Припадници на авганистанската национална армија во Кабул, Авганистан, 8 јули 2021 година

Заминувањето на американската војска од Авганистан предизвика шок кај авганистанските војници кои се соочија со напредувањето на талибанците низ целата земја, вклучително и околу досега главната база на американските сили, аеродромот Баграм.

Авганистанските власти соопштија дека владините сили го одбиле големиот напад на талибанците врз главниот град на провинцијата Бадгис во северозападен Авганистан, иако нема независна потврда за успехот на владата.

Талибанците спроведуваат голема офанзива против авганистанските сили, како што завршува повлекувањето на американските трупи од земјата. Талибанците влегле во градот Кала-и-Нау, при што зазеле владини згради, вклучително и полициски штабови и канцеларии на агенцијата за разузнавање во земјата. Гувернерот на Бадгис, Хесамудин Шамс, изјави за РСЕ дека Талибанците ги освоиле сите области во покраината.

„Непријателот влезе во градот, сите области паднаа. Борби започнаа внатре во градот", напиша Шамс во смс-пораката. Во посебна видео порака, потоа Шамс се обиде да ги смири жителите на градот, појавувајќи се вооружен со пушка. „Мојата порака е, ве молам, бидете смирени. Ве уверувам дека сите, заедно ќе го браниме градот“, рече тој.

Авганистанскиот министер за одбрана Бисмилах Мохамади изјави дека владините сили се наоѓаат во „многу чувствителна воена ситуација“, додавајќи дека „војната беснее“ со талибанците.

Властите во покраината за РСЕ изјавија дека шефот за безбедност во полицискиот оддел пребегал кај талибанците заедно со над 100 припадници на безбедносните сили. Талибанците тврдат дека над 200 припадници на безбедносните сили во покраината им се предале.

Состанок на делегациите на авганистанската влада и Талибанците во Техеран

Властите исто така соопштија дека во судирите биле убиени 30-тина авганистански владини сили. Нападот врз Кала-и-Нау се случи во моментот кога авганистанските власти ветија дека ќе ги повратат сите области изгубени од талибанците, откако Пентагон соопшти дека повлекувањето на американските сили од земјата е при крај.

„Време е да го бранат својот народ“

Стотици авганистански командоси и провладини милиции се распоредени за да се спротивстават на офанзивата на бунтовниците на северот, соопштија авганистанските власти. Централната команда на САД истовремено објави дека американското повлекување од земјата сега е завршено повеќе од 90 проценти.

Американските сили му предадоа седум објекти на авганистанското Министерство за одбрана по одлуката на претседателот Џо Бајден да ја повлече војската по скоро две децении во земјата разорена од војна.

Кон крајот на минатиот месец, американската влада соопшти дека сака да го заврши повлекувањето до крајот на август, порано од првичниот рок на Бајден на 11 септември, 20-годишнината од нападот на Ал-Каеда врз Соединетите држави што ја предизвика американската инвазија врз Авганистан.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби рече дека коалициските партнери на САД и НАТО ќе продолжат да ги поддржуваат авганистанските безбедносни сили во борбата со талибанците, дури и ако нема коалициски трупи на теренот.

„Ние сè уште имаме надлежност да им помагаме на Авганистанците на терен ако е потребно“, рече Кирби, прецизирајќи ја можноста за воздушни напади, но тој истакна дека американските сили си заминуваат до август.

„Поминавме многу време, многу напор, многу ресурси во подобрување на компетентноста и способноста на авганистанските национални безбедносни сили, и сега е нивниот ред, време е да го бранат својот народ“, рече Кирби.

Борбите беснеат во неколку провинции. „Има војна, има притисок. Понекогаш работите функционираат по наш начин. Понекогаш не, но ние ќе продолжиме да го браниме авганистанскиот народ“, изјави за новинарите во Кабул советникот за национална безбедност Хамдулах Мохиб. Тој додаде дека повеќе од 1.000 владини трупи кои побегнале во соседен Таџикистан на почетокот на оваа недела се враќаат и им се приклучуваат на безбедносните сили.

Пакистан го затвори главниот премин на границата со Авганистан

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оцени дека ситуацијата има тенденција на „брзо влошување“ и дека Москва е подготвена да ги брани своите регионални сојузници доколку е потребно.

„Ќе сториме се што можеме, вклучително и користење на можностите на руската воена база на границата на Таџикистан со Авганистан, за да спречиме какви било агресивни импулси кон нашите сојузници“, изјави Лавров.

Претставници на авганистанската одбрана изјавија дека имаат намера да се фокусираат врз обезбедувањето на поголеми градови, патишта и погранични градови пред нападот на талибанците. Претседателот Ашраф Гани ги обвини талибанците за сите „крвопролевања и уништувања“, додавајќи дека неговата влада нема „да им се предаде“ на милитантите.

Брзо напуштање на базата Баграм

Деновиве американската војска го напушти аеродромот Баграм - клучната база во Авганистан. Новиот командант на базата, авганистанскиот генерал Асадулах Кохистани изјави дека Соединетите држави го напуштиле Баграм на 2 јули, во три часот по полноќ по локално време, без да ги известат авганистанците.


Генералот Кохистани наведе дека авганистанските сили очекуваат талибанците да го нападнат Баграм, бидејќи добил извештаи за нивното „движење во селските области“ во близина на базата.

Соединетите држави во петокот објавија дека го напуштиле Баграм, практично завршувајќи ја својата воена кампања во Авганистан пред официјалниот датум на завршување на повлекувањето на 11 септември.

Базата е изградена од Американците за Авганистанците во 50-тите години на минатиот век, пред да падне под советска контрола кога Црвената армија го нападна Авганистан во 1979 година. Тогаш Баграм беше преземен од авганистанската влада, поддржана од Москва, а потоа и од управата на муџахедините, за потоа да падне во рацете на талибанците во средината на 90-тите години на минатиот век.

По американскиот напад во 2001 година и соборувањето на талибанскиот режим, американската војска ја претвори базата во огромен комплекс од каде ја водеше војна против екстремистичка група.

Авганистанските воени претставници велат дека американските војници, по 20 години држење на Баграм, ја исклучиле електричната енергија во базата и избегала среде ноќ, за што новиот командант на базата дознал дури по два часа, пишува Асошиејтед Прес.

Германија ги повлече своите војници од Авганистан

Со исклучување на струјата по заминувањето на Американците, базата била во мрак, што, според авганистанските војници, било знак за разбојниците кои влегле во базата и ограбувале во бараките и магацините пред да бидат истерани.

Командантот на базата Кохистани рече дека САД оставиле 3,5 милиони предмети - од стотици илјади шишиња вода, енергетски пијалоци и воени оброци, преку мало оружје и муниција до стотици оклопни возила и илјадници цивилни возила. Сепак, многу од нив немаат клучеви за да ги користат.

Што по повлекувањето?

Минатата недела повеќето војници на НАТО го напуштија Авганистан, исто така тивко. Последните американски трупи ќе останат во Авганистан се додека не се постигне договор за заштита на меѓународниот аеродром во Кабул, што се очекува да го преземе Турција.

Дотогаш, на северот од Авганистан, област по област паѓаат во рацете на талибанците, а стотици авганистански војници избегале преку границата кон Таџикистан, наместо да се борат против бунтовниците.

Заминувањето на Американците - чиј точно тајминг беше чуван во тајност од безбедносни причини, и покрај неколкунеделните подготовки на авганистанската војска, се совпадна со напредувањето на талибанците низ целата земја, вклучително и околу Баграм, околу 65 километри североисточно од Кабул.

Досега скоро третина од авганистанските области паднаа под контрола на талибанците, додека авганистанските сили, лишени од американската воздушна поддршка што често доаѓаше од Баграм, се предадоа масовно, наведува весникот, истакнувајќи дека неодамнешната американска разузнавачка проценка вели оти Авганистан може да потпадне под талибанска контрола во рок од шест месеци по заминувањето на силите на САД.

Иако американската војска јавно ја објави својата намера да ја напушти базата Баграм и да соработува со авганистанските власти при примопредавањето, но ваквото повлекување ги збунило авганистанските војници. Сега авганистанските власти се обидуваат да откријат како да ја заштитат и одржуваат базата. Тие велат дека не знаат што да прават со повеќето американски работи што сега ги поседуваат.

Генералот Кохистани рече дека е благодарен за преостанатата инфраструктура, вклучувајќи болница со 50 легла, резервоари за складирање гориво, воена и цивилна опрема и радари за воздушни операции.

Тој рече дека во базата се наоѓа и затвор со околу 5.000 затвореници, од кои повеќето се осомничени дека се талибанци или припадници на таканаречената Исламска држава.

Авганистанската армија најверојатно ќе има тешкотии за одржување на Баграм, огромен објект за кој е потребно многу знаење и ресурси за да функционира.

Според договорите што ги постигна поранешниот претседател Доналд Трамп со талибанците минатата година, повлекувањето на американската војска подразбира и повлекување на цивилни добавувачи кои служеа за базите на меѓународната коалиција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG