Достапни линкови

Ако нема парно ќе се грееме со ќебиња и јоргани


Илустрација.
Илустрација.

Граѓаните загрижени и растрчани да најдат друг начин на греење, ако нема парно. Власта им порачува малку повеќе да веруваат оти проблемот ќе се реши. Државата во јануари го презеде управувањето со снабдувањето на Скопје со парно, но се уште не е избрана нова фирма, а грејната сезона е на прагот.

Кој е кој во бизнисот со топлинска енергија во Скопје

  • Скопјани се снабдуваат со парно од фирмите Балкан Енерџи (БЕГ), „железарско парно“ од ЕСМ Енергетика и мал дел од Топланата Скопје Север.

  • Приватната термоцентрала ТЕ-ТО – Произведува струја и топлинска енергија од природен гас.

  • На парно во Скопје се приклучени околу 60 илјади семејства. Над 56 илјади се потрошувачи на БЕГ, околу 3800 домаќинства се на „железарско парно“.


1 јануари 2022

  • Поскапува природниот гас. Парното поскапува за 14 проценти

11 јануари

  • Владата со 6 милиони евра ќе ја покрие разликата од актуелната цена на парното до реалната

13 јануари

  • БЕГ побара Владата времено да ги преземе зашто имаат пари за гас за само уште еден ден

14 јануари

  • Владата прогласи кризна состојба со топлинската енергија

21 јануари

  • Државната ЕСМ го презема работењето на БЕГ и Топлификација Скопје Север. Владата ќе им префрли 6 милиони евра на ЕСМ

22 јануари

  • Луѓе од ЕСМ влегуваат во раководството на БЕГ

17 февруари

  • Кризната состојба со парното во Скопје продолжена до 30 април

20-27 јуни

  • Регулаторната комисија за енергетика им ги одзеде лиценците за производство, дистрибуција и снабдување со парно на БЕГ. РКЕ тврди дека оваа компанија ќе ја врши дејноста се додека не се избере нова

1 август

  • Парното поскапе за 14 отсто. Енергетските компании побараа поскапување за 78 отсто

4 август

  • ЕСМ формираше три фирми – една за производство, втората за дистрибуција и третата за снабдување со парно греење. Со нив ќе се пријави на јавниот повик за обезбедување парно за Скопје

13 септември

  • ЕСМ бил единствен понудувач на јавниот повик за парно греење во Скопје

25 септември

  • Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека, и покрај одземената лиценца, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија додека не се избере нов оператор

26 септември

  • БЕГ тврди дека ниту има законска обврска ниту можност да испорачува топлинска енергија за скопјани

27 септември

  • Евалуацијата на понудите на ЕСМ е во тек

Јамболиите, ќебињата и јорганите повторно се враќаат во игра во пресрет на студената скопска зима. На нешто повеќе од две недели до грејната сезона, која почнува на 15 октомври, скопјани се загрижени дали ќе имаат парно. Не се знае кој ќе биде задолжен да ги грее жителите на главниот град на државата и дали воопшто ќе има парно, оти се уште не е избрано која фирма ќе го прави тоа. Власта, пак, порачува граѓаните да бидат спокојни.

Владата на почетокот на годинава го презеде управувањето со парното, оти најголемата фирма што беше задолжена за централното греење во главниот град на Македонија, се откажа откако цените на плинот нагло пораснаа на светските берзи. Со Балкан енерџи груп (БЕГ) потоа управуваше државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

Дел од скопските населби, како Железара, Автокоманда и Хиподром се греат на „железарското парно“ во сопственост на ЕСМ Енергетика, и тие засега немаат проблеми. Во меѓувреме, државната компанија за производство на струја ЕСМ формираше три фирми кои треба да го преземат управувањето со парното во Скопје, но работите заглавија, а граѓаните се растрчаа по алтернативни решенија.

„Дома ќе вклучуваме клима, ќе трошиме повеќе струја, а од друга страна плаќаме сметки на БЕГ, значи ќе плаќаме дупли сметки, но очигледно и тоа е единствениот начин, но и за тој начин сме загрижени дали ќе има електрична енергија во текот на зимата, затоа што се зборува за рестрикции. Прашањето што го упатувам до властите е на што да се грееме ние, дали повторно да ги вратиме јамболиите, јорганите и ќебињата како порано или ќе бидеме во модерно време и ќе се грееме на начин накој би се заштитила и животната средина“, вели Сања од Скопје.

Таа живее во стан во скопската населба Аеродром, која е оддалечена пет километри од центарот на Скопје. За стан од 85 квадрати досега таа плаќала 2700 денари, а сега сметката им е 3400. Соседите ни се уште поинвентивни во трагањето по алтернатива доколку не пуштат парно, вели Сања.

„Наши комшии во зградата каде што живееме, веќе ги бараат отворите за оџаците за да се греат на дрва, а од друга страна нели се грижиме за животната средина и за загадувањето, односно ги продадовме печките на дрва, а сега не смееме да се грееме ниту на струја“, вели таа.

На парно во Скопје се греат околу 60 илјади семејства, според податоците на Регулаторната комисија за енергетика. Ако направиме пресметка дека во една семејство има во просек по три до четири членови, тоа значи дека на парно се греат околу 200 илјади луѓе, што е една третина од жителите на главниот град.

Есента донесе и пониски температури, а ноќните паднаа и околу нулата. Снабдувачот со парно греење е должен доколку надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени, да пушти парно и порано од предвидениот рок 15 октомври, но не пред 1 октомври.

Виoлета Дракуловска живее на последен кат во висококатница во населбата Аеродром. Зградата е стара, без многу изолација, па ниту кога имаат парно не се постигнува станот да биде убаво загреан.

„Се разбира дека сум загрижена, живеам со две мали деца, грижата е на прво место. Ние веќе неколку години се догреваме, бидејќи и парното е слабо, последните две или три години, плус пуштаме и клима, мислам дека повеќе од 20 степени никогаш не било кај нас“, вели Дракулевска.

Особено се загрижени тие што имаат мали деца. За тие што живеат во стан опциите да се греат на нешто друго се мали. Ако нема парно, ќе се греат на струја, а ако нема струја, трета опција нема, вели жителка на скопската населба Капиштец во близина на центарот на градот.

„Ќебиња, јоргани, но со мали деца е потешко да ги убедиш да се облечат, да се покријат, да не речам неизводливо“, вели таа.

Неизвесноста дали ќе има парно, особено сега кога залади го загрижува и младиот Дејан Ивановски од населбата Ново Лисиче, населба со згради кои се приклучени на централно греење. Тој за септември за стан од околу шеесет квадрати платил 3000 денари за парно, за 600 денари повеќе од претходно.
„Ако не пуштат греење, ќе трошам струја, дупли трошок, ќе се греам на клима или греалка“, вели тој за РСЕ.

Од почетокот на годинава струјата поскапе за скоро 18 проценти, а парното за околу 30 отсто.

Владата упорно уверува дека скопјани ќе имаат парно

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи викендот изјави дека се додека не се избере фирма што ќе биде задолжена да го грее Скопје, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија. Согласно законот, како што посочи Битиќи, БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија. Но, од БЕГ во понеделникот рекоа дека нивниот договор е истечен и дека нема правен основ за да продолжат со работа.

Битиќи денеска порача граѓаните да бидат спокојни, топлинска енергија ќе има.

„Граѓаните само треба малку повеќе да веруваат. Како што во јануари обезбедивме топлинска енергија кога бевме оставени на цедило, така и сега топлинска енергија за граѓаните на Скопје ќе има. Независно дали е ЕСМ или БЕГ, граѓаните ќе добијат топлинска енергија“, рече денеска Битиќи во одговор на новинарски прашања.

Владата потроши откако шест милиони евра за субвенционирање на цената на парното, откако на почетокот на годината привремено го презеде управувањето со БЕГ.

Кризната состојба со толинската енергија во Скопје истекува на 30 септември. За продолжување треба да гласа Собранието.

Треба да се изгласа кризна состојба во цела Македонија поради недостиг на струја и кризна состојба во Скопје поради проблеми со топлинска енергија. Со овие одлуки ќе се овозможи шестмесечно продолжување на кризната состојба, од 1 октомври до 30 април 2023.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG