Достапни линкови

Aнтимигрантското расположение во Русија во пораст откако за нападот во Москва се обвинети Таџикистанци


Муродали Раџабализода, осомничен за пукањето во Градското собрание на Крокус, е придружуван од руската полиција во судот во Москва на 24 март
Муродали Раџабализода, осомничен за пукањето во Градското собрание на Крокус, е придружуван од руската полиција во судот во Москва на 24 март

Русија обвини четворица Таџикистанци во врска со смртоносниот терористички напад во концертна сала во близина на Москва на 22 март, во кој загинаа најмалку 137 луѓе.

Руските медиуми ги идентификуваа мажите како Муродали Раџабализода, Далерјон Мирзоев, Мухамедсобир Фаизов и Фаридун Шамсидин и соопштија дека се државјани на Таџикистан. Судот соопшти дека тројца од четворицата мажи се изјасниле за виновни за сите обвиненија за време на сослушувањето зад затворени врати.

Соопштението следува по извештаите на руските медиуми дека неколку државјани на Таџикистан биле вклучени во смртоносниот напад, додека непроверените видео снимки, наводно, покажуваат дека неколку осомничени државјани на Таџикистан, биле испрашувани.

Претходно Федералната служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека 11-те осомничени уапсени во врска со смртоносниот напад во градското собрание Крокус во Красногорск се странци, но не го соопштија нивниот идентитет.

Таџикистанската влада, која е близок сојузник на Москва, истакнува дека не добила никакви „официјални информации“ од руските власти за Таџикистанци кои наводно биле вклучени во нападот.

Но, Мухидин Кабири, лидерот на опозициската Исламска ренесансна партија на Таџикистан (ИРПТ), вели дека опозицијата има информации дека во масакрот учествувале неколку таџикистански државјани и таџикистанско-руски државјани.

Кабири ги обвини авторитарната политика на таџикистанската влада и репресијата на исламот за „радикализирањето“ на некои нејзини граѓани. Партијата на Кабири, која служеше во владата, е забранета во Таџикистан.

Рускиот пратеник Александар Хинштајн на Телеграм напиша дека во автомобилот со кој осомничените наводно побегнале пред да бидат фатени од руската полиција во областа Брјанск, околу 340 километри југозападно од Москва, биле пронајдени таџикистански пасоши.

Строго испрашување

Раџабализода, човекот кој подоцна беше обвинет за тероризам, се појави во две одделни, непроверени видеа на кои се гледа како тој признава дека учествувал во нападот во Москва. На фотографии е прикажано како руските безбедносни службеници му го отсекуваат увото на човекот.

Тој е прикажан и со главата завиткана во завој, а лицето и маицата му се облеани во крв. Мажот вели дека тој и другите соучесници го оставиле оружјето „некаде на патот“ додека бегале од местото на нападот. РСЕ не може да ја потврди автентичноста на снимката.

Муродали Раџабализода, еден од осомниените за терористичкиот напад во Москва
Муродали Раџабализода, еден од осомниените за терористичкиот напад во Москва

На друго непроверено видео се гледа како млад човек со лисици на рацете му кажува на својот иследник дека бил ангажиран од непознати лица преку Телеграм да „пука во луѓето“ за пари.

Зборувајќи руски со таџикистански акцент, човекот се претставува како Фаридун Шамсидин и вели дека е роден во септември 1998 година. Тој рече дека го контактирал „помошникот на исламскиот проповедник“ чии предавања ги слушал на Телеграм.

Според Шамсидин, помошникот му понудил околу 1 милион рубли (10800 долари) за да убие луѓе со обезбедено оружје и му го кажал местото на нападот.

Помошникот не даде никакви информации за себе: „ниту име, ниту презиме, ниту нешто друго“, тврди тој, додавајќи дека „половина од парите“ му биле префрлени пред нападот.

Лицето на истражителот што зборува руски и другите мажи кои го држат осомничениот не беа прикажани на снимката, која беше широко распространета на руските веб-страници и социјалните медиуми на 23 март пред да се појави на државните медиуми.

Автентичноста на видеото не може да се потврди независно.

Шамсидин и другите осомничени приведени и прикажани на видео снимките не ја спомнаа екстремистичката група Исламска држава, која ја презеде одговорноста за масовните убиства, или огранокот Исламска држава-Корасан, кој исто така се споменува дека најверојатно го извршила нападот.

Друго кратко видео покажува трет осомничен, неидентификуван маж кој зборува таџикистански, како им кажува на испитувачите преку преведувач дека бил невработен и барал работа кога се спријателил со човек наречен Абдуло преку Телеграм „пред околу 10 дена“.

Човекот вели дека Абдуло му понудил да купи автомобил заедно со него за да можат да работат како таксисти. Абдуло „беше меѓу нас“, рече мажот, иако не е јасно дали мислел дека бил таму на нападот.

Според извештаите на руските медиуми, меѓу осомничените приведени во Брајанск е и Мухамедсобир Фаизов (19), кој потекнува од главниот град на Таџикистан, Душанбе.

Фајзов, наводно, бил ранет пред апсењето и бил лекуван во болницата во Брјанск пред да биде однесен од руските органи на редот.
Два профили на руската платформа за социјални медиуми ВКонтаке беа поврзани со Фаизов, што покажува дека тој работел во берберница во рускиот град Иваново до ноември. Исто така, покажа дека тој се претплатил на профилите на социјалните мрежи „Ислам мојот живот“ и „Јас го сакам исламот“ и дека споделил објави за неговите религиозни убедувања.

Четворицата осомничени извршители на нападот во концертната сала Крокус, март 2024 година
Четворицата осомничени извршители на нападот во концертната сала Крокус, март 2024 година

Имињата на неколку други наводни државјани на Таџикистан и нивните фотографии се појавија на руските веб-страници како осомничени за нападот.

Меѓу нив и фотографијата на која се наоѓа Шохин Сафолзода, 22-годишен маж роден во таџикистанскиот округ Фаизбод. Малку се знае за Сафолзода или за тоа зошто се тврди дека учествувал во нападот.

Министерството за внатрешни работи на Таџикистан многу брзо ги отфрли извештаите на руските медиуми за вмешаност во нападот на тројца таџикистански државјани: Ривојидин Исмонов, Махмадрасул Насридинов и Рустам Назаров, наведувајќи во изјавата на 22 март дека двајца од мажите во времето на нападот биле дома во Таџикистан, а третиот бил на работа во рускиот град Самара, неколку стотици километри од Москва.

Но, истото министерство не ги коментираше другите личности со таџикистански имиња, кои наводно биле приведени и испрашувани на видеата.

Мигрантите во Русија под притисок

Извештаите и видеата ги зголемија антитаџикистанските и антимигрантски чувства кои веќе беа на високо ниво во Русија.

Русија е дом на милиони работници од Таџикистан и други поранешни советски земји од Централна Азија.

Во меѓувреме, кафетерија управувана од мигранти од Таџикистан била запалена во градот Благовешченск на далечниот исток, додека тројца Таџикистанци наводно биле претепани во западниот руски град Калуга.

Извештаите зборуваат дека во неколку руски градови, клиентите на такси услуги, наводно, ја откажувале нарачката, доколку возачот бил Таџикистан.

Биле забележана и слични реакции против другите жители на Централна Азија.

Десетици Киргистанци беа приведени по пристигнувањето на аеродромот Шереметјево во Москва на 23 март и задржани во соби со кревети, јави киргистанската служба на Ради Слободна Европа следниот ден. Тие рекоа дека не добиле храна или вода речиси 24 часа и дека жените и децата биле испратени на летови назад за Киргистан.

Најмалку 137 лица загибаа, а повеќе од 140 беа повредени во петокот (22 март) кога вооружени напаѓачи ја нападнаа преполната концертна сала Крокус во западното предградие на Москва. Вашингтон рече дека е веродостојно дека милитантната организација „Исламска држава“ стои зад нападот, откако самата организација го потврди тоа.

XS
SM
MD
LG