Достапни линкови

По Австрија, уште пет членки на ЕУ без јаглен до 2025 година


Илустрација
Илустрација

Чекорот на Австрија за затворање на последната електрана на јаглен е за пофалба, сметаат активистите, особено дека доаѓа во време кога ЕУ се соочува со огромни здравствени и еконоски предизвици поради кризата со коронавирусот.

Австрија стана втората земја во Европа, после Белгија, која ја затвори последната термоелектрана на јаглен.

Термоелектраната во градот Мелах, која го снабдуваше со електрична енергија градот Грац, престана да работи на 17 април по речиси една година од почетокот на реализацијата на планот за нејзино целосно исклучување. Крајот на работата на електраната се поклопува со завршетокот на грејната сезона.

„Затворањето претставува ‘историски чекор’“, изјави министерката за климатска акција на Австрија, Леонор Гевеслер.

„До 2030 година ќе се префрлиме на 100% зелена електрична енергија. Енергетски систем кој ќе биде чист, достапен и пред сè безбеден“, додава таа.

„Австрија покажа дека го поддржува планот за енергија од обновливи извори. Со исфрлањето на јагленот од производството на електрична енергија во Австрија, јасно е дека планот за исфрлање на јагленот во Европа не забавува и покрај сериозните здравствени и економски предизвици со кои се соочуваме во моментов“, вели Катрин Гутман, директор на групата „Европа без јаглен“.

Сепак, Австрија не е целосно ослободена од фосилните горива, забележуваат активистите, пренесува Еуроактив. Земјата без значителни резерви на фосилни горива сè уште има повеќе од десетина електрани што горат гас и нафта. Планот е останатите фосилни горива да се исфрлаат постепено во следните 10 години, вели министерката за климатска акција, по што целото производство ќе биде од обновливи извори на енергија.

Пет земји со план за исфрлање на јагленот до 2025 година

Белгија беше прва земја членка на Европската Унија која престана да гори јаглен за производство на електрична енергија. Последната термоелектрана на јаглен се затвори во март 2016 година. Затворањето на термоелектраните на јаглен во Белгија не беше дел од голем владин план, туку повеќе резултат на прогресивно затворање на старите термоелектрани како одговор на регулативите за контрола на загадувањето на ЕУ.

Предвидувања за 2020, не на Нострадамус
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:49 0:00

Од земјите членки на ЕУ, уште пет земји имаат развиено планови за затворање на термоелектраните на јаглен до 2025 година. Тоа се Франција и Шведска чии планови за затворање се во годината 2022, понатаму Словачка и Португалија до 2023 и Италија до 2025 година, се наведува во последната анализа на „Европа без јаглен“.

Претходната администрација на Франција се обврза да стане „без јаглен“ до 2023 година но сегашниот претседател Емануел Макрон го помести планот за една година порано. Затворањето на термоелектраните на јаглен беше уредено со законот за енергија и клима во јуни 2019 година. Тој треба да стапи на сила на 1 јануари 2022 година и треба да ги направи непрофитабилни термоелектраните на јаглен.

Планот на Шведска беше да биде меѓу првите земји кои ќе престанат со употреба на фосилните горива во индустријата. Сепак, последната термоелектрана на јаглен е планирано да се затвори во 2022 година.

И Португалија го помести својот план за затворање на термоелектраните на јаглен наместо до 2030 за 2023 година. Планот за затворање на електраните на јаглен седум години порано од планираното е остварлив сметаат и активистите. Термоелектраната Синес во Португалија се смета за една од најопасните по климата во Европа, стои во извештајот на „Европа без јаглен“.

По коронакризата, зелен рестарт на европската економија

Европски политичари, компании, законодавци и активисти поттикнуваат зголемување на зелените инвестиции за рестартирање на економскиот раст по пандемијата со коронавирусот. Повеќе од 180 потписи има на писмото во кое тие наведуваат дека борбата со климатските промени и промоцијата на биодиверзитетот може да придонесе за изградба на посилни економии.

„Транзицијата кон економија која нема да влијае врз климата, заштитата на биодиверзитетот и трансформацијата на земјоделскиот систем имаат потенцијал да развијат многу работни места, раст и да придонесат за изградба на поотпорни заедници“, се наведува во писмото.

Изградба на зелена Европа е целта на планот за опоравување на економијата по завршувањето на кризата со коронавирусот, вели во интервју за агенцијата ЕФЕ и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.

„Во срцето на планот за опоравување на економијата ќе биде нашата стратегија за раст, Договорот за Зелена Европа и транзицијата и можностите од декарбонизацијата“, вели фон дер Лајен.

„Од мерките за спас од кризата предизвикана со коронавируост не треба да имаат бенефит бизнис моделите кои не остваруваат намалување на нивото на јаглерод диоксид во светот како нискобуџетките авиокомпании, електраните на јаглен или неекономичните капацитети кои работат на нафта“, вели Мајкл Либрејх, од БлумбергНЕФ, компанија фокусирана на истражувања за чиста енергија.

Во Европскиот парламент беше основана и неформална „зелена алијанса“ како поддршка на повиците на 12 министри за животна средина на ЕУ, кои потпишаа апел за зелено закрепнување на економијата по пандемијата со Ковид-19.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG