Достапни линкови

Аерозагадувањето се намалува, но од погрешни причини


Охридско Eзеро
Охридско Eзеро

Емисиите на јаглерод диоксид годинава би можеле да паднат најмногу од Втората светска војна. Главната причина е застојот на глобалната економија. Експертите предупредуваат дека без структурни промени, падот на емисиите би можел да биде со краток век на траење. Нема прецизни податоци колку се намалени емисиите во Македонија, но се забележува присуство на биодиверзитетот во урбаните средини.

Намалениот сообраќај, затворените фабрики, школи и јавните места поради паднемијата на новиот коронавирус, значително придонесоа за намалување на емисиите на јаглерод диоксид на глобално ниво.

Дали и колку е намалено загадување во Македонија, засега нема прецизни податоци, но во градовите има помалку бучава, а значително повеќе се слушаат звуците на птиците.

Според активистите за заштита на животната средина, враќањето на биодиверзитетот во урбаните средини е очигледен показател дека „планетата здивнува“ од намалените човекови активности.

Од граѓанската организација „Охрид СОС“ деновиве информираа дека поради намаленото присуство на луѓето, на охридското пристаниште забележале некои одамна „невидливи“ видови животни, како Големиот Нуркач.

„Лебедите навлегуваат кон чаршијата, а пак други врсти се охрабрени и слободно се чувствуваат по паркови, зелени површини. Во недостиг на градска бучава се слуша пеењето на птиците“, велат од „Охрид СОС.“

Откако избувна епидемијата на коронавирусот, намалување на загадувањето и промени во урбаните средини се забележуваат во повеќе делови од светот - водата во Венеција е почиста откако периодов во градот на каналите нема туристи и бродски сообраќај, во Тајланд и Јапонија животни шетаат по улиците, како што јавија светските медиуми, а во Кина воздухот е почист со намаленото ниво на економска активност во земјата и големиот број на луѓе кои се во изолација поради епидемијата на вирусот Ковид-19, како што покажуваат и сателитските снимки на НАСА.

Според екоактивистката Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, целосната слика за случувањата во природата додека луѓето се дома, ќе биде позната набрзо, наведувајќи дека „ќе добиеме доста интересни податоци.“

„Изненадува фактот колку луѓето кои живеат во урбани средини деновиве уживаа во звуци на разни птици порди недостаток на сообраќај и вообичаен хаос. Во блиска иднина ќе треба да градиме општество во кое сите ќе се счувствуваме така здраво и пријатно“, вели Николовска.

Коронавирусот го намалува загадувањето - планетата здивнува

Фосилните горива се главната причина за загадувањето и климатските промени. Николовска вели дека Македонија глобално не е голем загадувач, но посочува дела енергетските политики на државата треба да бидат насочени кон искористување на обновливите извори на енергија.

„Треба да интензивираме повеќе да ја искористуваме можноста за производство на електрична енергија од чист извор, како сонцето на пример кое го имаме во изобилие и е нешто кон кое што требаше да се насочиме уште пред десет години и да се свртиме повеќе кон одржливо искористување на почвата, тоа значи планирање на тоа што садиме и како да се користи секое парче обработлива почва и одржливо планирање на урбаното живеење“, вели Николовска.

Таа додава дека во минатото земјава била доста зависна од локалното производство на храна и во таа насока ситуацијата може „да не научи“ дека сме способни повеќе да произведеме домашна храна во услови кога е тоа потребно, наместо да бидеме зависни од увоз, каков што е случајот во моментов.

„Површините кои порано ги користевме за индустриски капацитети или како градежно земјиште. Треба да научиме дека како земја која имала економски развој во склад со природата во минатото, а тоа за нас е лесно и не е неможно, да така да се планира и во иднина“, вели Николовска.

Николовска укажува дека државата треба да размислува да биде повеќе енергетски ефикасна и да престане со употребата на фосилни горива за да го намали штетното влијание врз животната средина.

Гоце Атанасов

Владите во многу земји во светот во моментов одобруваат големи пакети за поддршка на економиите, но некои инвеститори гледаат дали земјите ќе започнат да прифаќаат политики што поттикнуваат извори на енергија со пониска емисија на јаглерод диоксид.

Короната коси, а природата се буди
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:17 0:00

Откако глобалната економија е во застој, а на голем дел од населението му е наредено да остане дома, еколозите сметаат дека таканаречената сребрена обвивка, односно емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата може да падне годинава за најголемо количество од Втората светска војна.

Росин Коман асистент професор за Земјата и животната средина на Универзитетот Колумбија во Њујорк вели:

„Ние меревме СО2 во јануари. И имавме околу шест месеци податоци од минатата година за да ги споредиме со истиот период. Изненадувачки е да се види колку има намалување на СО2,“ вели Коман.

Но, подобрувањата, иако се зачудувачки, се од сите можни погрешни причини - затворени фабрики, приземјени авиони и милиони луѓе принудени да останат дома.

„Значи, намалувањето на сообраќајот е за над, некои велат 30 отсто. Некои велат повеќе. Ова е најчистото што го видовме откако започнавме со мерење.“

Меѓутоа, експертите предупредуваат дека без структурни промени, падот на емисиите би можел да биде со краток век на траење.

„Тоа е на краток рок, во ред е барем што има нешто што се подобрува. Ако сте астматични, многу е поубаво да одите да трчате во моментов. Нема тоа да трае многу долго. Значи, штом сите ќе се вратат во нормала, овие емисии ќе започнат повторно, освен ако не решиме да направиме нешто поразлично.“

Со тоа што владите лансираат огромни стимулативни пакети за да ги извадат економиите од колапс, некои инвеститори гледаат дали земјите ќе започнат да прифаќаат политики што поттикнуваат извори на енергија со пониска емисија на јаглерод диоксид.

Претседателот на GLOBAL CARBON PROJECT и професор на Универзитетот Станфорд Роб Џексон вели:

„Ако економијата остане забавена, ако транспортот остане во пад, би можеле да забележиме пад на емисијата на јаглерод диоксид годинава за пет проценти или повеќе. И тоа можеби не звучи толку многу, но никогаш не сме го виделе тоа во изминатите 75 години, можеби дури од крајот на Втората светска војна.“

Откако светските емисии на стакленички гасови се намалија како резултат на глобалната финансиска криза 2007-2008 година, тие потоа се покачија за неверојатни 5,1 проценти, вели Џексон.

Моделот на брза реакција веќе започна да се развива во Кина, каде емисиите паднаа за околу 25 отсто, бидејќи земјата ги затвори фабриките и воведе строги мерки за движење на луѓето да го содржат коронавирусот на почетокот од оваа година, но оттогаш се вратија во нормален опсег.

Овој вид на еластичност ја потенцира големината на економската трансформација што ќе биде потребна за да се исполнат целите на меѓународниот договор од Париз во 2015 година, за избегнување на најкатастрофалните сценарија на климатските промени.

Во извештајот на ОН објавен во ноември се открива дека емисиите треба да започнат да паѓаат во просек од 7,6 проценти годишно за да му се даде на светот остварлива шанса да го ограничи порастот на просечните глобални температури на 1,5 степени што е најамбициозната цел на Парискиот договор.

Со оглед на тоа што светот зависи од фосилните горива со 80 проценти од потребите за енергијата, предвидувањата за емисиите често се засноваат врз проекциите за глобален економски раст.

Со тоа што владите лансираат гигантски стимулативни пакети за да го запрат колапсот на економијата, инвеститорите сега гледаат да видат колку САД и Кина, Европската унија, Јапонија и други земји ќе одат далеку во прифаќањето на извори на енергија со ниска емисија на јаглерод диоксид.

Стратегија за напуштање на јагленот

Глобалните енергетски трендови ги ставаат во фокусот климатските промени и недостигот на ресурси, па така развиените земји во моментов настојуваат да направат напори кон енергетска транзиција, којашто значи намалување на употребата на јаглеродните горива, а истовремено зголемување на енергетската ефикасност и инвестициите во обновливите извори на енергија.

Македонското Собрание неодамна усвои нови регулативи – Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност, кои дадоа насоки Владата да ја изработи и новата Стратегија за развој на енергетиката во следните 20 години.

Државата, според наведеното во Стратегијата, треба да носи политики во енергетскиот сектор кои до 2040 година ќе обезбедат намалување на емисиите на стакленички гасови (CO2) од најмалку осум проценти во однос на 2005 година, до над 60 проценти, доколку биде остварено најдоброто „Зелено сценарио“, како што стои во документот.

Енергетскиот сектор има најголемо учество во емисиите на стакленички гасови во Македонија во однос на другите сектори, главно бидејќи е базиран на фосилни горива, пред се на јаглен, кои во вкупната потреба од енергија учествуваат со над 80 отсто, според Вториот двогодишен извештај за климатските промени на Македонија.

Според тоа, во оваа насока Стратегијата за енергетика треба да поттикне значително зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во бруто потрошувачката на финалната енергија, односно од 35 до 45 отсто, според поставените цели.

Граѓанските организации за заштита на животната средина, кои беа вклучени во изработката на документот, оценија дека со него се поставува јасен патоказ кон напуштање на јагленот и оти истовремено се даваат големи можности за инвестиции во обновливи извори на енергија, а со тоа и исполнување на обврските на државата преземени со потпишувањето на меѓународните договори.

Минатиот месец Владата информираше дека е распишан тендер за јавно-приватно партнерство за изградба на фотоволтаична централа на местото на ТЕЦ Осломеј, која треба да испорачува струја за 20.000 домаќинства, инвестиција која ќе чини околу 80 милиони евра.

Но, според претседателот на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, професор Константин Димитров, владината енергетска Стратегија „дава само желби“, а не и насоки како да се реализираат поставените цели во документот.

„Ако во Осломеј ние изградиме фотоволтаична централа од 100 мегавати, нема да ја добиеме истата количина на енергија. Ние може да изградиме идентични капацитети од фотонапонски и ветерни централи, колку што имаме капацитети за производство на електрична енергија од јаглен, бидејќи целта е да ја смалиме емисијата на јаглен, но овие системи работат под теорија на случајност. Ако има сонце или ако има ветер. Што ќе правиме ако нема?“, прашува Димитов.

Во моментов земјава увезува 30 отсто од потрошувачката на енергија, а остатокот го добиваме главно од производството на термоелектраните на лигнит ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј и од големите хидроцентрали.

Но, електраните се со застарена технологија, а според предвидувањата е можно во иднина да се соочат со недостиг на снабдување со јаглен.

Освен тоа комбинатите загадуваат повеќекратно повеќе со сулфур диоксид и прашина во однос на она што е пропишано како гранична вредност во Националниот план за намалување на емисиите, во услови кога за лимитирањето на загадувањето од термоелектраните земјата потпиша и договор со Европската енергетска заедница.

За тоа алармираше мрежата на организации за заштита на животната средина „ЦЕЕ Бенквоч“ во декември минатата година, укажувајќи дека властите на Балканот мора да одлучат дали ќе постават филтри во термоелектраните на јаглен или ќе ги затворат, бидејќи нивните истражувања покажаа дека 16 електрани на Западен Балкан загадуваат исто колку 250 електрани во ЕУ.

Професор Димитров вели дека транзицијата кон обновливи извори на енергија е можна, но не е едноставна и оти за тој процес е потребен сериозен пристап.

„На пример, со Стратегијата беше предвидено оваа година да се вложат 200 до 300 милиони во енергетиката, а во Буџетот не беше предвидено ништо. Значи имаме документ за во фиока, имаме документ кој го прифаќа Европската Комисија, а прашање е дали ќе го реализираме. Ќе не удираат за уши, затоа што нема да ги оствариме зацртаните предвидувања, нема да имаме финансиски потенцијал за тоа да го направиме“, смета Димитров.

Тој вели дека земјава е мал загадувач на глобално ниво, но загадува локално со емисиите на ПМ честичките. Според него, државата и во следните 10 години ќе биде зависна на јаглен како потенцијал за базна енергија и затоа укажува дека треба да се вложат големи средства во инсталирање на филтри во термоелектраните за заштита на животната средина, но и во вториот столб – енергетската ефикасност, вели Димитров.

Но, колку земјава и регионот ќе бидат погодени од климатските промени, покажуваат предвидувањата за влијанијата врз Македонија, според податоците на официјалните државни документи, како Националните планови за климатските промени, каде е наведено дека температурата ќе расте, летата ќе бидат потопли, зимите поблаги, а достапноста на водите ќе се намалува.

Оваа година земјава веќе ги почувствува сушите, од кои, освен водните ресурси, најмногу ќе страда и храната. Јуни 2019 година беше рекордно најтопол во светот, кога просечните температури беа повисоки за два целзиусови степена во однос на нормалното, според „Коперникус“ – сервисот на ЕУ за климатските промени.

Во процесот кон напуштање на јагленот, во Стратегијата за енергетика се вели дека важна улога ќе има и природниот гас како транзициско гориво до 2050 година, преку реализирање на планираните интерконекции со Грција и со другите земји, но и со веќе започнатиот план за гасификација.

Европската унија планира до 2050 година да ги намали стаклечниките гасови за 80 отсто во однос на нивото во 1990 година, 50 отсто од енергијата да ја добива од обновливи извори и за 41 процент да ја подобри енергетската ефикасност. Унијата ќе воведе и такси за загадувачите, што значи наплаќање за емисиите на CO2.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG