Достапни линкови

Тетово без системско решение за бездомните кучиња


Кучиња скитници во Тетово
Кучиња скитници во Тетово

Општина Тетово се обидува да се справи со кучињата скитници. Засега на два пати распишуваше тендери со кои ветеринарна ординација заловува кучиња, ги прочистува, стерилизира и ги враќа на улица. Но колку пари, толку работа, велат од ординацијата.

Речиси секојдневно може да се видат бездомни кучиња кои дури и во глутници се движат низ Тетово, а чести се и нападите врз луѓето. Наместо постојано системско решение во рамки на општинските служби, Тетово бездомните кучиња ги третира со ангажирање на ветеринарна ординација на тендер која работи ограничено, односно се додека има средства за тоа. Со првиот тендер, работеа неколку месеци во 2019, а вториот започнат на крајот од ланската година сега е при крај поради расположливите средства.

„Има околу месец и пол откако сме почнале со новиот тендер да работиме за Тетово. Само пак треба нов, зошто веќе на крај сме на тендерот, имаме уште малку останато средства, а во Тетово има многу кучиња. Колку пари има општината за тој проект, толку се работи. Кога ќе се завршат парите застанува работата, тоа е сè досега. Сега е втор тендер. Досега околу 54 сме поминале во вториот тендер и тоа е сè“, вели Рами Селмани од ветеринарната ординацијата Док и Кет.

Тој додава дека кучиња има многу, затоа што само Тетово како општина одделува средства за надминување на проблемот.

„И не се работи во секоја општина, се работи само во Тетово. Треба секоја друга општина како што е Желино, Теарце, Брвеница, Боговиње. Да отворат општините тендери да се намалува бројот на кучињата. И друг проблем што е, се носат од други општини. Треба државата да направи нешто да се работи во секоја општина. Тоа е многу битно. Затоа резултатот не е како што треба, да се работи во секој град, во секоја општина резултат ќе имаме за неколку години, најмногу за 3-4 години ќе се среди сè во државата. Ќе знаеме состојбата со кучиња скитници, рече Селмани.

Тетовската градоначалничка Теута Арифи на прашањето зошто наместо тендери не се воспоставува системско решение одговори со најава дека тоа ќе се направи. Вели дека во буџетот за 2020 година има повеќе пари.

„Овој буџет имаме зголемено сумата за овие програми со тенденција да овој процес да стане систематизиран, институционализиран и долгорочен. Исто така сакам да подвлечам дека како проблем ние сме го ставиле во приоритетите на Полошкиот плански регион имајќи го предвид фактот дека овој ние еден регионален проблем и од таму имаме уште едно плус финансирање од страна на други партнери меѓународни. Во однос на нашето буџетирање оваа година го имаме највисокото буџетирање за третирање на овој проблем“, изјави Теута Арифи.

Ветеринарната ординација по заловување, кучињата ги носи во стационар за да ги провери дали имаат болести и паразити. Резултатите се чекаат од лабораторија од факултетот во Скопје. По стерилизација и кастрација, ставаат ушна маркица-чип и вакцини, по што ги враќаат од каде се најдени. Еутаназија или усмртување се прави само кај болни од лишманија.

XS
SM
MD
LG