Достапни линкови

Амнестија на функционери за мирен трансфер на власта?


Илустрација-лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Никола Груевски гласаат на изборите на 11 декември
Илустрација-лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Никола Груевски гласаат на изборите на 11 декември

ДУИ останува на тврдењето дека има средби на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, иако од двете партии негираат. Аналитичарите оценуваат дека и покрај јавно спротиставените ставови, на крајот кризата ќе треба да се реши преку таков формат.

Од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ категорично ги демантираат информациите дека нивните лидери Никола Груевски и Зоран Заев деновиве одржуваат средби. Ваквата информација во јавноста ја пласираа од ДУИ, актуелниот владин коалициски партнер со ВМРО-ДПМНЕ и новиот партнер во парламентарното мнозинство на СДСМ.

Портпаролот на партијата, Бујар Османи и денеска, покрај негирањето од двете партии, останува на тврдењето дека има средби, кои тие ги охрабруваат.

Покрај тоа што негираат, од СДСМ и на прашањето дали би прифатиле таква средба велат дека не гледаат која би била темата на евентуални идни разговори.

„Имаше средби преку кои се дојде до Договорот од Пржино чија крајна цел беше одржување избори, кои се одржаа, а чиј резултат никој не го оспори“, наведуваат од СДСМ.

И од ВМРО-ДПМНЕ се чини дека не се расположени за средби. Портпаролот Иво Котевски не дава конкретен одговор, но вели дека тие понудиле решенија - парламентарни избори на ист трошок со локалните.

„Понудивме и патоказ и манифест, но од луѓе чиј главен приоритет им е да се спасат од одговорност за криминалот не може да се очекува одлука добра за државата“, вели Котевски.

Ахмети можеби проектира свои желби, но и да има средби и од двете партии не би го кажале тоа, зошто се коси со она што го зборуваат во јавноста, вели Ненад Марковиќ од Правниот факултет Јустинијан Први. Според него средбите не се, како што вели, лоша идеја, оти на крајот на денот мора да се најде решение кризата која на долг рок е неодржлива.

Избори имаше, влада мора да се формира и да се најде начин за трансфер на власта, додава Марковиќ.

„Тоа веројатно ќе треба да биде проследено со определени концесии кон ВМРО-ДПМНЕ во процесот на трансфер на власта и тие веројатно ќе се однесуваат на случаите против високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и очекувам за тоа да се направи некаков договор“, вели Марковиќ.

Тие отстапки, смета тој, би се однесувале на неповредливост на одредени функционери, не на сите, бидејќи, како што вели, ситната риба секогаш се пушта низ вода. Тоа можеби не е етички, нагласува Марковиќ, додавајќи дека политиката најчесто и не оперира со категоријата морал.

„Овој ќорсокак во кој се најдовме многу повеќе не чини отколку сè друго, така што, ако гледаме низ призма на трошоци на опортунитет, мислам дека ситуацијата во која се наоѓаме сега е најлоша“, вели Марковиќ.

Инаку идејата за решавање на кризата преку партиски дијалог меѓу двете најголеми партии ја застапуваше деновиве најмногу лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој ги посочи како страни со најголема одговорност ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и на некој начин се огради од учеството на неговата партија, наведувајќи дека тие го направиле своето за формирањето на парламентарното мнозинство. За разлика од него деновиве меѓународната заедница во своите изјави не инсистира на таков дијалог, за разлика од времето кога се договараа документите од Пржино и категорично го бараше тоа. САД и ЕУ сега зборуваат за брз избор на претседател на Собранието, брзо формирање влада, а од политичарите бараат да не прават опструкции на демократските процеси.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG