Достапни линкови

Ако продолжи кризата наместо раст ќе има рецесија


Меѓународниот монетарен фонд ја намали проекцијата за економски раст на земјава од 3,5 на 3,2 проценти. Домашните аналитичари сметаат дека и тоа е оптимистичка прогноза ако кризата продолжи.

Стапката на економски раст од 3,2 проценти е преоптимистичка прогноза доколку политичката криза во земјава продолжи, сметаат дел од економските аналитичари откако Меѓународниот монетарен фонд ја намали проекцијата за економски раст на земјава од 3,5 на 3,2 проценти.

„ММФ во овој период е прилично оптимист во однос на растот на македонската економија имајќи предвид дека и нашиот буџет се заснова на раст од 3 проценти од бруто домашниот производ. Навистина не знам од каде е тој оптимизам. Но дали и колку ќе се реализира прогнозата на ММФ зависи од случувањата во државата која во овој момент нема функционални институции“, изјави економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

И професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот универзитет смета дека планираниот економски раст од 3, 5 на 3,2 проценти се покажал како првичен сигнал дека севкупната макроекономска стабилност во државата всушност не е стабилна, со посебен акцент на фискалните политики кои генерираат приход во буџетот.

„Трендот ќе биде динамичен со еден благ пад до 2,8 па 2,5 отсто раст. Ова се должи на севкупната нестабилност. Фискалните импликации не можат да ја издржат целокупната тежина на приходи и не може да се има една стабилност во националната економија во која приходната страна генерира проблеми во тековните квартали, односно полугодишните извештаи во текот на годината“, изјави Зекири.

Повеќето економски параметри за движењата од почетокот на годината зборуваат за пад на индустриското производство и намалување на побарувачката за ангажирање на текстилната индустрија кај странските партнери, а тоа велат економистите е потврда дека реализацијата на предвидениот раст ќе оди тешко.

„Ако ги видиме податоците од првите два месеци ќе се види дека се соочуваме со рецесија, ако и март покаже негативни тенденции, тоа ќе биде трет месец рецесија, а не раст во економијата. Се покажа дека погрешните вложувања во проектите од Скопје 2014 на краток рок го ангажираа градежништвото во Македонија и тоа создаде „погрешна слика“ за еден голем раст во економијата“, смета Најдовски.

Нискиот раст, пак, од повлекува други последици, особено врз јавниот долг кој достигнува многу високо ниво, вели Зекири.

„Нема експлицитен пример да се земаат кредити од странски извори и тие да се додаваат како посебна ставка за плати на јавната и државната администрација, како што тоа се прави кај нас“, вели Зекири.

Во глобалниот извештај на ММФ насловен како светски економски преглед се посочува дека земјите треба да се фокусираат кон спроведување на структурни реформи, поддржување на побарувачаката, зголемување на продуктивноста и надградба на јавната инфраструктура.

Инаку во неодамнешниот извештај за економсиите од западен Балкан, Светска банка предвидува раст од само 2, 8 отсто, но само под услов да се реши политичката криза. Во извештајот меѓудругото се нагласува дека Македонија троши многу пари на пензии и на субвенционирани вработувања, наместо да вложува во образование.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG