Достапни линкови

ДУИ повторно се враќа во прегратките на ВМРО-ДПМНЕ?


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети

Лидерот на ДУИ Али Ахмети решението за кризата им го остави на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои пак остануваат на истиот став. Едните бараат нови избори, другите формирање влада. За експертите и другите партии, Ахмети се повлекува и бега од одговорност.

Топката за изнаоѓање решение за политичката криза е во дворот на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, барем за Али Ахмети, лидерот на ДУИ која е дел од новото парламентарно мнозинство. Тој вчера порача дека партијата направила сè и вложила многу напори и сега, како што рече, одлуката за излез од оваа ситуација и за продолжување на понатамошниот процес е кај големите македонски политички партии.

Но, и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и натаму се на истите ставови околу евентуалните решенија за кризата, а изјавата на Ахмети за експертите е повлекување од одговорноста на ДУИ.

„Проблемот во Македонија не е меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, туку во уривањето на уставниот поредок што го врши претседателот. Спречувањето на демократските процеси со однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и неможноста да владеат правото и правната држава, поради нивното такво поведение и обидот да го сокријат својот криминал“, велат од СДСМ.

Од партијата порачуваат дека формирањето нова влада е единствениот легитимен излез од кризата.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека неколку пати понудиле решенија за кризата.

„Најбрзото и најефикасното решение се нови предвремени избори заедно со локалните на кои граѓаните ќе кажат што мислат за тиранската платформа“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат и дека како краткорочен излез од кризата го понудиле и патоказот, а на долг рок и манифестот за единствена Македонија.

Од движењето БЕСА велат дека Ахмети се однесува кон кризата како да е од друга планета, а не како нејзин причинител. Според движењето, Ахмети треба да ја сноси одговорноста, а потоа да придонесе за решавање на кризата. Од БЕСА изразуваат и загриженост за можноста ДУИ повторно да се врати во, како што го нарекуваат, политичкиот брак со ВМРО-ДПМНЕ.

„Во оваа насока ние не сме најсигурни дека ДУИ не игра уште во полза на ВМРО-ДПМНЕ, па затоа и излезот на кризата ја гледа преку меѓусебен договор СДСМ-ВМРО. По ваквата изјава на Ахмети сериозно се става во знак прашалник парламентарното мнозинство предводено од СДСМ. Ова е знак дека ДУИ повторно се враќа во прегратките на ВМРО-ДПМНЕ“, посочуваат од БЕСА.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири посочува дека изјавата на Ахмети значи поткопување на улогата на албанските партии во процесот, а пред се на ДУИ. Од друга страна, според Демири, тој признава дека е поразен и дека ДУИ во целата криза игра и на едната и на другата страна, при што ја загубил довербата и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај СДСМ.

„Значи Ахмети со тоа сака да ги обвини дека реални фактори на кризата се ВМРО-ДПМНЕ, но за да биде коректен во обвинувањата, ја обвинува и СДСМ затоа што нема капацитет како да излезе од оваа криза“, вели Демири.

Ахмети истакна и дека нема најави за евентуално одржување лидерска средба.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG