Достапни линкови

„Апокалиптикум“ на Даутовски за почеток на „Денови на македонска музика“


Денови на македонска музика 2017, постер
Денови на македонска музика 2017, постер

Со проектот „Апокалиптикум“ на Драган Даутовски во Македонската опера и балет, в понеделник, на 27 март, во 20 часот, ќе започне јубилејното 40 издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, чија основна заложба е да го промовира домашното музичко творештво.

Во годината кога Сојузот на композиторите на Македонија го прославува својот значаен јубилеј – 70 години од постоењето, ќе се случи и 40 издание на фестивалот чија основна заложба е да го стимулира и промовира домашното музичко творештво. Овој пат, на „Денови на македонска музика“, во периодот од 27 март до 13 април, на неколку (главно традиционални) сцени – како Музеј на град Скопје и Македонската опера и балет, предвидено е да се одржат 11 концерти, на кои премиерно ќе прозвучат бројни дела од македонски и странски творци, освен домашните солисти и диригенти, публиката ќе може да чуе изведби и на странски ансамбли и изведувачи, а најавено е дека ќе се одржат и неколку работилници, мастер класови, предавања и семинари од областа на современото музичко творештво.

Свеченото отворање на манифестацијата ќе биде со музичкиот проект „Апокалиптикум“ на професорот и мултиинструменталист Драган Даутовски и неговиот син, перкусионистот Ратко, кој претставува нивно звучно патешествие до суштината на она што го поимаме како музика. До нејзината божествена и животворна енергија која го прати еволутивниот развој на човештвото од самиот почеток на неговото пра-раѓање и ќе го следи до самиот залез на неговиот опстанок.

„Апокалиптикум носи една своевидна порака дека човекот треба да остане човек, односно да се заврти кон човекот. Од музички аспект тоа значи вртење кон некаков минимализам, односно вртење кон суштественоста во музиката, а тоа е звукот, звучните фреквенции кои во принцип се божествена, животворна енергија“, вели Даутовски, кој многупати досега настапил на Фестивалот, а за оваа пригода во својот инструментариум ќе ги има окарината или топчестата флејта од Велес, стаклените кавали специјално направени за него, тамбурата и други инструменти.

Следува концертот на ансамблот КонТемпора во Музеј на град Скопје (29 март, 20 часот) на кој ќе бидат изведени творби на младите Маријана Јаневска, Маја Јовановска, Филип Иванов, Ангел Спировски, Никола Коларовски и Никола Крстевски, инаку наградени на конкурсите на Министерството за култура за новосоздадени дела.

В сабота, на 1 април, во 20 часот, во Дом на АРМ, својот втор поголем перформанс за релативно кратко време ќе го има Биг бендот на Здружението на џез музичари. По премиерното успешно претставување со творештвото на космичките БИТЛСИ, овој пат членовите на минатата година формираниот ансамбл, под диригентство на Џијан Емин, ќе посегнат по теми од творештвото на автори како Владимир Николов, Кокан Димушевски, Антонијо Китановски, Драган Ѓаконовски – Шпато, Александар Џамбазов, Кире Костов, Александар Пејовски и Живојин Глишиќ.

Два дена подоцна, на Малата сцена на МОБ, ќе се обистини концертот на акузматична музика (композиции на Димушевски, Влатко Георгиев, Дарија Андовска и Андреј Блажевски) со танцов перформанс во изведба на учениците и студентите по современ танц од МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и Факултетот за музичка уметност, за чија кореографија се погрижи Елена Антова – Петровиќ.

По овој мултимедијален настан планиран е концертот на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, со пијанистот Дино Имери како солист и маестро Борјан Цанев како диригент, со кој ќе биде чествувана 80-годишнината на композиторот Благој Цанев, а во петок на 7 април, со дела од творци од неколку генерации во македонската музика, ќе се претстави Камерниот мешан хор ПРОАРС со кој ќе раководи маестро Сашо Татарчевски.

Гудачкиот квартет АНТАРЈА од Полска, пак, е планирано да изведе дела на повеќе автори од регионов, а со нагласено внимание се очекува и концертот на ансамблот НУОВЕ МУЗИКЕ од Италија. Овој состав на врвни интернационални инструменталисти освен тоа што ќе посегне по композиции на нашите Симона Симуновска, Гоце Коларовски, Властимир Николовски и Дамјан Темков, ќе ја стори и македонската премиера на „Седум песни за светлината и прашината“ на Анџело Инглезе, работена според стихови од поетот Никола Маџиров, во која солисти ќе бидат прочуениот контратенор Луиџи Скифано и нашиот Благој Нацоски.

Со две различни пројави во две различни програмски вечери, во Музеј на град Скопје, на 11 и 12 април, ќе го имаме ансамблот ХОРИЗОНТЕ од Германија, за да 40-те Денови на Македонска музика бидат крунисани со концертот на Македонска филхармонија, на кој солист ќе биде виолончелистот Гал Фаганел, а при изведбата на дела од Мајкл Бакрнчев, Тома Прошев, Кирил Рибарски и Ристо Аврамовски, со ансамблот ќе раководи Крис Расман од Велика Британија.

„Се надевам дека успеавме да направиме една програма во којашто колку што тоа беше можно се застапени поголем број автори од повеќе генерации и повеќе жанрови и дека таа ги рефлектира историскиот тек и разноврсноста на македонската музичка мисла“, истакнува композиторката Јана Андреевска, во случајов селекторка на програмата на Фестивалот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG